Екипата на Пелистер се враќа во Лигата на шампионите по пауза од 18 години, но битолчани најавуваат дека не сакаат да имаат само епизодна улога во најквалитетното клупско ракометно натпреварување, па работат на засилување на својот состав за претстојната сезона. По тој повод е донесен Калифа Гедбан, а овој потег Европската ракометна федерација (ЕХФ) го оцени како еден од најдобрите десет трансфери ова лето меѓу екипите во Лигата на шампиони.

Алжирецот, кој во 2019 година беше дел од вардаровата шампионска постава, кога со овој тим ја освои титулата во ЛШ во 2019 година. Потоа, продолжи во Леон, па во Динамо Букурешт минатата сезона, каде што докажа уште еднаш дека е на нивото на Лигата на шампионите. Сега неговата цел ќе биде да му помогне на Пелистер во враќањето меѓу европската елита. Тој ќе го дели голот со Урбан Лесјак и со Марко Кизиќ.

Пелистер ќе игра во групата А од ЛШ, во која се уште и ПСЖ, Кил, Алборг, Кјелце, ПИК Сегед и Колштад. Сезоната ќе ја отвори против Колштад на домашен терен, на 13 септември.