Како тргнала работата есенската кошничка ќе стане зимска!

40

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница со кое ќе им се помогне на граѓаните, но нема да бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. Од Министерството за економија велат дека министерот веќе имал средби и дека ќе бидат слушнати предлозите од сите страни.

Предлозите од Министерството за економија ќе бидат доставени до Владата и разгледани на некоја од наредните седници.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сакаат на сила да донесат ништо и ако е потребно за да се усогласат ставовите, можеби ќе се причека и една недела.

– Не сакаме да правиме ништо насила, стојам зад тоа што сум го кажал, но некогаш имате моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол, дуопол и вие тогаш ќе мора да интервенирате офанзивно, ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните. Во секој случај, јас сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и тоа го поддржувам и немам дилема, но има, за жал, поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме, рече Мицкоски.

Граѓаните кои се надеваа дека барем ќе можат да направат поевтина зимница, веќе изгубија надеж. Велат дека додека да се донесе есенската кошница ќе стане зимска и оти веќе ќе ја направат зимницата.

Инаку, оваа мерка требаше да обезбеди замрзнување на цените на стотина основни производи. Сепак, со оглед на нејзиното постојано одложување од страна на властите, граѓаните веќе почнаа да не веруваат во ефикасноста на оваа мерка, сомневајќи се дека таа нема да донесе значително олеснување во нивните секојдневни трошоци.

Со есенската потрошувачка кошница треба да бидат опфатени 100-ина прехранбени производи, а во Министерството за економија се прават анализи дали да се замрзнат цените или да се ограничат маржите. Од 28 овој месец треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има одредено намалување на цените.

Сепак, останува неизвесно како оваа мерка, како и Законот за нефер трговски практики ќе се спроведе во пракса и ќе ги заштити интересите на потрошувачите без да предизвика негативни последици за економијата.