Спортската јавност веќе со денови зборува за најголемиот договор во историјата на спортот, кој го потпиша Јапонецот Шохеи Отани, вреден неверојатни 700 милиони долари.
Сепак, неколку дена подоцна, американските медиуми информираа дека бејзбол играчот ја одложил исплатата на целата сума, на негово барање и во наредните 10 години, за сезона ќе добива по два милиона долари од тимот на Лос Анџелес доџерс.
Отани се согласи на 10-годишен договор со тимот на Доџерс, најдолг во спортската историја, откако му истече договорот со Лос Анџелес енџелс. Сепак, до крајот на договорот во 2034 година ќе добива само два милиона долари годишно, по што Доџерс ќе треба да му плаќа по 68 милиони долари во следните десет години, односно до 2043 година. Ова, пред сè, е поради големите даноци во САД, поради кои спортистите земаат само мал дел од своите милионски договори, а останатите пари одат на даноци.
Отани нема да го почувствува премногу тоа на својата банкарска сметка, бидејќи се предвидува дека ќе заработува околу 50 милиони долари годишно од реклами, продажба на стоки со неговиот лик и име и од други активности надвор од бејзболот. Како за пример, од овие 50 милиони долари, тој ќе мора да плаќа по 33,6 милиони долари на сметка на државата за даноци, па јасно е зошто се реши за ваков договор.
Двократниот МВП, кој стана шампион со Енџелс во 2023 година, е заслужен за трансформирањето на бејзболот во модерната ера и веќе се смета за еден од најголемите играчи на сите времиња.
За разлика од повеќето бејзбол играчи, кои се специјализирани за фрлање или за удирање, Отани е подеднакво вешт во двете дисциплини.
Колку е голем неговиот договор, најдобро покажуваат примерите со договорите на големите ѕвезди од НБА. На пример, Леброн Џејмс и Мајкл Џордан заедно заработија вкупно 628 милиони долари во текот на кариерата во НБА.