Артефакти, културно наследство од најразлични периоди нелегално откопувани од девет археолошки наоѓалишта на територијата на Битола и една во тетовско, завршувале на нелегалните пазари на културно наследство во Грција, Турција, Албанија, Хрватска, Србија и САД. Групата била под неколкумесечна предистражна постапка, за на крај, надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција да донесе наредба за спроведување на истражна постапка против осум лица поради на активности за присвојување и продажба на добра под привремена заштита, културно наследство и природни реткости.
Како што информира Јавното обвинителство, двајцата првообвинети битолчани на 71 и 60-годишна возраст, во периодот од мај минатата година до денес, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, создале група од уште петмина нивни сограѓани и еден тетовец на која се придружиле останатите осомничени.
–Употребувајќи сонди и метал детектори, без дозвола од надлежен орган, испитувале локалитети низ целата територија на државата. Како ориентација користеле сателитски снимки, карти и рачно напишани текстови и преданија, а потоа со употреба на хилти, копачи и други градежни алатки и градежна механизација правеле археолошки ископувања и минеролошко петрографски истражувања, соопшти Јавното обвинителство.
Откриените артефакти – добра под привремена заштита, иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале на непознати безбедни локации или во своите домови. Потоа, стапувале во контакт со непознати лица припадници на групата кои биле по потекло од Грција, Турција, Албанија, Хрватска, Србија и САД и како на заинтересирани купувачи им ги продавале добрата за договорен износ. Купувачите артефактите ги изнесувале надвор од границите на земјава со што трајно го оштетиле археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции ѝ нанеле непроценлива штета на државата.
– Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата, која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, наведуваат од ЈО.
Групата оперирала на регистрирани и нерегистрирани археолошки локалитети и тоа: Вртекица, Сливица, Герман, Белица, Горна Јаболчица – Кичевско, Долно Јаболчиште – Велешко, Мочурлива вода, Чатал камен, Туњ, Чиндиро Кале, Медов Дол, Градиште – Црно Езеро, Ломница, Ченгово Кале, Бајрамова Круша, Ивањевци, Болдовенци, Журче – Крушевско, Ловор, Лопатица и на други локации.
Во акцијата спроведена од страна на МВР под раководство на предметниот обвинител при претрес на домовите на осомничените пронајдени се предмети под привремена заштита, односно културно наследство со непроценлива вредност сопственост на Македонија, како и природни реткости и други скапоцени предмети прибавени со кривично дело и истите ќе бидат предадени на идентификација. Воедно, од слобода се лишени сите осомничени и во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.
– Надлежниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на мерка притвор за шестмина осомничени, се вели во соопштението.