Судскиот процес за грозоморното убиство на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски продолжи со сведоци на обвинителството. Во големата судница во Основниот суд во Скопје, на судската покана дојдоа да сведочат, помошник началникот за криминал на СВР Скопје, Музафер Каришиќ и поранешниот началник на велешката полиција Ристе Самарџиев. Сите обвинети беа донесени од истражниот затвор „Шутка“. Исказите на сведоците, кои засебно ја предводеле истрагата на двете жртви, на јавноста ѝ го споделија мрачното сценарио на обвинетиот Палевски и неговата група. Прв дека ќе ја зборува вистината, заклетва пред судот даде помошник на началникот Музафер Каришиќ.
„Баравме насекаде, појдовме во станот на семејството во Капиштец, писмо не најдовме кое пак е вообичаено за вакви случаи, се качивме на Водно, влегувавме и по цркви, а тој (мислејќи на обвинетиот родител Александар Ѓорчевски) цело време седеше и не излегуваше од автомобилот, повторуваше дека залудно ја бараме бидејќи е киднапирана и убиена“ – се сеќаваше на моментите од потрагата по исчезнатото девојче, полицаецот Музафер Каришиќ. Според сведокот, Александар инсистирал кај полицајците да најдат „свои канали“, кај мафијашки структури, ако треба да се плати за ослободување. Бил конфузен и потиштен. А веќе од следниот ден, заедно со пријателот Гоце, лик кој неколкупати е спомнат во обвинителниот акт, сами започнале да прибавуваат снимки од безбедносни камери од објекти близу зградата каде што се случи киднапирањето. Додека сведокот зборуваше, обвинетиот Александар седеше мирно на обвинителското столче, молчеше, гледаше во една точка и не размени ниту збор со неговиот бранител.
Кабелот од клучната снимка исечен
Една од камерите кои Александар Ѓорчевски, која заедно со неговиот пријател Гоце, им ја посочил на полицијата била од објектот наспроти влезот на зградата од каде што е грабната Вања во Дебар Маало. Сведокот смета дека токму објективот од посечената камера би можел да го регистрира клучниот момент, па побарале дозвола и ја добиле од сопственикот на објектот. „Кога пристигнавме, немаше струја, а кабелот од камерата беше пресечен“ – сите присутни во судницата внимателно го слушаа сведокот, зборуваше тивко и даваше куси одговори на прашањата од обвинителот. Многу нејаснотии ја следеле истрагата по детето, за сведокот Каришиќ уште една лавиринтска замка било појавувањето на снимката од бензинската станица во Велес, на која се гледало како веќе тогаш исчезнатиот Панче Жежовски, точи бензин, а во стариот „ситроен“ седи непознат маж. Снимката ја донел соработникот во потрагата Гоце. Сведокот-полицаец, тогаш не ја поврзувал снимката со исчезнувањето на девојчето, ама и не добил јасно објаснување од Гоце – зошто и како ја прибавил освен дека му ја дал негов братучед вработен на бензинската пумпа, кој знаел нешто, ама не смеел да каже. Подоцна во текот на сведочењето, јавноста разбра дека во „ситроенот“ со Панче се вози Боре Видевски, познат во полицискиот извештај како каратистот од Велес.
Влатко Кешишев не однесе до телото на Вања, дупката ја покриле со перници
Снимките од безбедносните камери ги однеле полициските службеници до партијата „Десна“ на Палевски. Имено, според сведочењето на помошникот началник за насилен криминал, на снимките каде што било регистрирано возилото на Панче, цело време зад него се движи автомобил марка „рено кангу“. Возилото го пронашле паркирано пред партиското седиште, а во просториите го затекнале Влатко Кешишев. Бил уплашен, зборувал неповрзани работи, за себе велел дека е лош човек, сè до клучниот момент, кога му пришол на Каришиќ со зборовите: „Ќе те однесам на едно место, ама мора да одиме сами, ако дознае Палчо, ќе ме убие! Сведокот го прашал зошто мора да одат сами, на што Кешишев одговорил дека неговиот партиски лидер има луѓе во полиција и брзо ќе го информираат.
„Обвинетиот Кешишев нè водеше прво до местото каде што го запалиле автомобилот на Панче, Бразда кај Чучер Сандево, неколкупати се колебаше дали да ни каже. „Тогаш не знаевме дека ќе нè однесе кај телото на девојчето“, се сеќава сведокот. Тргнале по едно тесно црно патче, по угорница, на неколку метри од запалениот автомобил. „Ме фати за рака и ми кажа дека тука е девојчето што го грабнале, со главата ми даде знак дека е закопана таму кај перниците“, сите очи во судницата гледаа во устата на сведокот. Почнале да копаат на посоченото место покриено со стара постелнина, јорган и перници.
„Почна да се гледа веѓата, носот и ногата на девојчето“ во судницата се слушаа воздишки, никој не може да остане рамнодушен на сведочењето. Неколку лопати, копач и ракавици, пронашла полицијата на местото каде ја закопале обвинетите киднапираната девојка. Кешишев ги посочил сторителите, Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски. Групата меѓу себе комуницирала со радиостаници „Моторола“, а пиштолот со кој е егзекутирана Вања сè уште не е пронајден.
ВЕЛИБОР НИ КАЖА ДЕКА ПАЛЕВСКИ ПУКАЛ СО ПИШТОЛ ВО ТИЛОТ НА ПАНЧЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСНАЧАЛНИКОТ НА СВР ВЕЛЕС
Сведокот Ристе Самарџиев, поранешен началник на СВР Велес, во судницата кажа дека прво го лоцирале мобилниот телефон на Панче Жежовски, а кога скопската полиција го пронашла запален неговиот автомобил, сфатиле дека човекот можеби е убиен. На прашање на обвинителката на денешното судење за двојното свирепо убиство, тој одговори дека уапсениот Велибор Манев ги однел кај запаленото возило. Обвинетиот Манев им кажал каде е закопано телото на Панче, кај местото викано Дупка. Тоа било непристапен терен, дупка обрасната со дрвја, па пожарникарска служба им помогнала да го извадат телото.
„Велибор ни кажа дека Љупчо Палевски го убил, му пукал со пиштол во тилот. Пронајдена беше и чаурата”, сведочеше Самарџиев. На прашање на судијата, сведокот кажа дека мобилниот телефон му го пронашле 4-5 дена по пријавување на исчезнувањето. „Кога ја видовте снимката од бензинската пумпа на која се гледа Панче во автомобилот ден пред да го грабнат?”, праша судијата. „Тие снимки ги гледаа и ги анализираа надлежните колеги и мислам дека тоа беше веднаш по пријавувањето на исчезнувањето на Панче“, одговори тој. Судењето продолжува в петок, со нови сведоци на обвинителството. (П.А.)