Секоја година до 2040, работната сила во Европската Унија ќе се намалува за два милиона луѓе, па затоа е неопходно да се потпреме на продуктивноста за да се забрза економскиот раст. Ова, меѓу другото, е нотирано во новиот извештај на ЕУ за конкурентноста, поради што сè почесто се поставува прашањето за односот на трошењето на работната сила и продуктивноста на нејзината економија.

Оттука се поставува прашањето: Како да се постигне поголемо производство со помалку работници? Според истражувањето во Србија „Пулс на српската заедница за човечки ресурси“, на кое се повикува „Политика“, најголемиот предизвик за компаниите е како да привлечат и да ги задржат вработените.

– Фирмите од областа на логистиката, транспортот на стоки и патници имаат најмногу предизвици со задржување на вработените (71 %). Најмногу проблеми со привлекувањето кандидати имаат компаниите со стока за широка потрошувачка (58 %) и оние од производството (55 %). Во автомобилската индустрија имаме натпросечни вредности за организациските предизвици и за предизвиците за следење на придобивките – набројува Милош Турински од „Инфостуд“.

Професорот Владимир Гречиќ, експерт за миграции, смета дека се постигнува продуктивност и со подобрување на организацијата на работата, со инвестирање во нови машини и средства за производство, а конкурентноста може да ја зголемат најталентираните, врвни експерти, но и тие ја напуштаат земјата.

Тој вели дека, освен што е запоставена квалификуваната работна сила, во последно време си заминува и средната класа и подвлекува дека враќањето на талентите на домашните пазари често е голем предизвик, бидејќи тие се соочуваат со големи тешкотии, како што се корупцијата, бирократијата и нефлексибилната работна сила.