Поп-пејачот Адријан Гаџа, кој на времето беше голем кршач на женските срца, по сè изгледа дека тивко ја напушта естрадата.

Дали е презаситен од таа работа или заработил многу пари кои ќе ги вложи во некој друг бизнис, наместо во шоу бизнисот, ќе покаже времето.

Низ кулоарите многу се шушка дека Гаџа, заедно со татко му, во јули месец оваа година во скопската населба Чаир ќе отворат голем луксузен ресторан, кој ќе биде еден од најдобрите во овој дел од Балканот.

Што навистина ќе биде од сето тоа што само слушаме од овој или од оној, останува да се стрпиме, па да видиме во живо. Адријан не порекнува дека е среќен што ќе работи и во угостителство во ресторан кој ќе ги има сите карактеристики на елитен објект.

Пејачот сè помалку настапува во Македонија, а сè почесто во соседна Албанија, каде сите концерти и турнеи му се исполнети до последно место.

Кај Албанците е попопуларен отколку овде во Македонија, а тоа очигледно му носи и добра заработувачка со оглед на тоа дека албанскиот музички пазар поодамна е место кое создава и хитови и пејачи, но и пари.

Веруваме дека токму затоа парите умно ги инвестирал во угостителскиот објект. А каков е ќе се увериме за два-три месеци кога сè уште згодниот пејач најавува голема селебрити забава за медиумите, колегите и пријателите. Д.М.