Во КСП Центар – Јадро во петокот пред јавноста беше претставена аудиовизуелна инсталација „Кадри на ранливост“ на Наташа Неделкова, Амир Крахасан и Миле Неделков. Проектот се состои од истражувачки дел и колективна креација на аудиовизуелна инсталација која се фокусира на темата ментално здравје и афективни релации во современото информатичко и автоматизирано општество. Повикувајќи се на современите уметнички и теоретски студии на теми: инвалидитет, шизофренија, грижа и ранливост, проектот се бави со овие рамки на „попреченост“ со цел да пружи отпор кон нормативното дискриминирање на различностите.
„Отфрлајќи ги стигматизирачките идеи околу психичките растројства и нивното континуирано маргинализирање, проектот има за цел активно да ги исцрта потребите на луѓето кои живеат со оваа дијагноза, да ги сподели нивните приказни и да ни помогне да изградиме поинклузивно општество. Проектот ги отсликува, односно проблематизира, односите на јавните психијатриски институции со општеството, како и на брзото темпо на продукција во неолибералниот капитализам, извор на широко распространетото чувство на анксиозност и депресија“, посочуваат авторите на оваа видеоинсталација.
Овој проект се реализира од месец јануари до мај во рамки на програмата Артс Хаб, на КСП Центар -Јадро.