Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов информираше дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја одбила локацијата кај селото Горни Трогерци за копање јама за да бидат закопани околу 9.000 свињи од фармата кај село Таринци, по појавата на болеста африканска чума.
Оваа локација беше изгласана од страна на мнозинството на советници на вонредна седница на Советот на Општина Карбинци. Паунов посочува дека за институциите најпогодна е локацијата меѓу двете села и Индустриската зона, а жителите на селата Таринци и Нов Караорман се против копање на јама на оваа локација.
– Сакам да го истакнам мојот револт како жители и градоначалник на општината, а граѓаните се секогаш мојот прв интерес. Институциите можат да предизвикат штетни влијанија, со штетни одлуки, но овде сакам да го наметнам и прашањето зошто се дозволи и како оваа болест дојде во една огромна фарма за свињи, којашто е на територија на Општина Карбинци. Она што јас ќе го направам заедно со жителите, револтирани граѓани е дека ќе застанеме на браникот да го одбраниме ова доколку дојде до некаква ескалација или потреба за истото – вели Паунов.
Прашан дали политиката ја копа јамата, Паунов со одговор дека тие како локална самоуправа изгласале локација којашто е над еден километар одалечена од објекти, ниту пак ќе ги загрози подземните води, а додека АХВ и инспекторите одобруваат локација за јама на 500 метри од Индустриската зона во Нов Караорман , во која има фирми и на 800 метри од селото Таринци.
Советот на општина Карбинци вонредна седница одржана во петокот не донесе одлука за две, туку само за една локација и тоа во близина на село Горно Трогерци, каде што во радиус од еден километар нема објекти. Каде ќе се закопат свињите е сериозен проблем за општината.
– Пропустот е направен во минатото. Од институциите издадена е А интегрирана дозвола, без да се предвиди локација за ваквов случај е пропуст за кој некој треба да сноси одговорност во следниот период. Меѓутоа сакам да го споменам и фактот, што е најголем проблем во целиот сличај, како се дозволи инстутуциите да направт ваков пропуст, да влезе оваа болест во една огромна компанија, фарма како што е оваа, една од најголемите во држата каде 20 до 30 % од месната индустрија за свинско месо е токму од оваа фарма, се дозволи да влезе оваа болест и да имеме една хаварија – изјави Паунов.
Пред 5 дена во вечерните часови во близина на индустриската зона мештаните успеаја да ги сопрат багерите кои копаа јама. Жителите на двете села Таринци и Нов Караорман, но и локалната самоуправа остро остануваат на ставот дека доколку надлежните ја изберат локацијата во близина на индустриската зона, ќе се предизвика еколошка катастрофа со сериозни последици.
Од АХВ потенцираат дека уништувањето на 9 илјади свињи од таа фарма нема да ја зголеми цената на свинското месо.
– Сè е под контрола, значи не треба да се прави од ова било какво политиканство и точно, негде од производството на домашно свежо месо, бидејќи нашата држава е увозно независна ќе се осети мал, можеби мал недостаток. Затоа, нема потреба од манипулирање со цени и зголемување на цените на свинското месо, бидејќи, нашите производители на свинско месо ги задоволуваат потребите и остануваше одреден вишок кој одеше во преработувачката индустрија. Е сега, тој вишок ќе го изгубиме – изјави Николче Бабовски, директор на АХВ.
Од Агенцијата велат внимателно била избрана локацијата каде треба да се закопаат свињите заразени со африканска чума, за како што појаснуваат, да се спречи ширење на болеста. Бабовски ги отфрла сомнежите за можна неточност на испитувањата правени од Ветеринарниот факултет, бидејќи како што вели, болеста е потврдена и на примероците испратени во лабораторија во Шпанија.