Фудбалот е непредвидлив спорт, а можеби, најтешко е да се погоди во која насока ќе се движи кариерата на некој талент, односно дали ќе го искористи како што треба својот потенцијал. Пред 12 години на фудбалската сцена се појавија неколку играчи, за кои спортската јавност беше убедена дека ќе имаат спектакуларна иднина. Дел од нив успеаа во тоа, додека останатите го прокоцкаа својот потенцијал.
АЛЕКСАНДРЕ ПАТО
Некогаш големата ѕвезда на италијанскиот калчо гигант Милан во 2009 година ја освои престижната награда „Golden Boy“. Од Сао Пауло се пресели во Милано во 2007 година и тоа за тогаш голема парична сума од 22 мил. евра. Сепак, не играше долго време на највисокото можно ниво. Се врати во бразилски Коринтијанс, а потоа започнаа позајмиците. Играше кратко за Челзи, потоа за Вилјареал, се проба во Кина, за да денеска, на 32-години, игра за американскиот клуб Орландо.
МАРИО БАЛОТЕЛИ
Повремениот репрезентативец на Италија го помина патот од најголем светски талент, преку титулата лошото момче на италијанскиот фудбал, па се до заборавена фудбалска икона. Балотели играше за Манчестер Сити, Интер, Милан, Ливерпул, играше добро во Ница, но потоа неговата кариера тргна во погрешната насока. Следуваа ангажманите во Марсеј, Бреша и Монца, а моментално игра за Адана Демирспор.
ГЕРЕТ БЕЈЛ
Репрезентативецот на Велс играше совршено прво како лев бек, а потоа и како лево крило во дресот на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем. Благодарени на таквите игри Бејл беше продаден на шпанскиот гигант Реал (М) за тогаш рекордни 100 мил. евра. Велшанецот имаше одличен старт и во дресот на „кралскиот клуб“, најзаслужен е за последниот трофеј во ЛШ, но во последните неколку сезони актуелен е поради непромислените изјави и конфликтот со најверните фанови. Бејл и понатаму е фудбалер на Реал (М) но во актуелната сезона има одиграно само три натпревари на кои постигна еден погодок. Неговата моментална вредност е само 5 мил. евра.
ФИЛИПЕ КУТИЊО
Иако во Интер немаше некој добар статус, Бразилецот стана светски познат фудбалер во дресот на англискиот премиерлигаш Ливерпул. Во тимот, кој беше предводен од Брендан Роџерс, Кутињо беше еден од најдобрите играчи за врска во целиот свет и за 135 мил. евра беше продаден на Барселона. Но таму почнаа сите проблеми. Лошата форма и честите повреди го одалечија од зелениот терен. Потоа следуваше позајмицата во Баерн (М), а откако се врати на „Ноу Камп“ му беше кажано да си побара нова средина. Моментално игра како позајмен фудбалер во дресот на Астон Вила.
НЕИМАР
Во 2010 година се збореше дека Неимар ќе биде наследник на Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Додека играше за Сантос беше мета на секој голем европски клуб, а во 2013 година потпиша за каталонскиот гигант Барселона. Неимар играше одлично, но не сакаше да живее во сенката на Лионел Меси и затоа во 2019 година за рекордни 222 мил. евра беше продаден на ПСЖ. Денеска повторно игра во ист тим со Меси.
РОМЕЛУ ЛУКАКУ
Пред да наполни 20 години, Ромелу Лукаку беше физички доминантен фудбалер и сите веруваа дека ќе има фантастична кариера. Лондонскиот премиерлигаш Челзи го купи како замена за легендарниот Дидие Дрогба, но Лукаку мораше по сосема друг пат да се врати во првиот тим на лондонските „сини“. Одлично играше во дресот на Евертон, играше и за Манчестер Јунајтед, а со Интер ја освои шампионската титула. Изминатото лето се врати на „Стемфорд Бриџ“ откако беше купен за 113 мил. евра. Во актуелната сезона одигра 24 натпревари на кои постигна осум погодоци, но предизвика голем скандал со изјавата дека не му се допаѓа тактиката на Томас Тухел и дека сака да се врати во редовите на Челзи.
ЏОВАНИ ДОС САНТОС
Мексиканецот беше дел од сите младински категории на Барселона, но раководните лица проценија дека е подобро да биде продаден на Тотенхем во 2008 година. Дос Сантос беше голем талент, но не успеа ниту во Лондон. Потоа играше за Мајорка, Галатасарај, Сантандер, Ипсвич, Вилјареал, Лос Анџелес Галакси и за мексиканската Америка. Денес, со 32-години, е слободен фудбалер.
ТОНИ КРОС
Одличниот германски фудбалер за врска е еден од најпотценетите фудбалери во светот, кога е во прашање паричната сума од 25 мил. евра за која Баерн (М) го продаден на Реал (М). Крос со „кралскиот клуб“ освои три трофеии во Лигата на шампиони, а со Германија светската титула во 2014 година. Денеска, заедно со Модриќ и Касемиро, го има главниот збор во средниот ред на Реал (М).
ЏЕРДАН ШАКИРИ
Репрезентативецот на Швајцари е можеби најталентираниот фудбалер кој поминал низ младинската школа на Базел. Германскиот гигант Баерн (М) го купи во 2012 година после одличните игри во Лигата на шампиони. Никогаш не се избори за место во почетниот состав и затоа се пресели во англиската Премиер лига каде ги носеше дресовите на Стоук и Ливерпул. Денеска има споредна улога во дресот на Лион каде на 16 натпревари постигна 2 погодока и запиша две асистенции.
КАРЛОС ВЕЛА
Заедно со Џовани дос Сантос, Карлос Вела беше уште една голема надеж на Мексико. Арсенал плати три милиони фунти за да ги осигура неговите услуги додека го носеше дресот на Чивас. Сепак, Вела не беше запаметен во Лондон по неговите погодоци. Играше како позајмен фудбалер во дресот на Селта, Саламанка и Осасуна, а во 2012 година беше продаден на Реал од Сосиедад. Денеска игра во Лос Анџелес.
ТОМАС МИЛЕР
Томас Милен е нетипичен фудбалер, но после неколку години има статус на клупска икона во Баерн (М), единствениот клуб за кој има играно. Големи се шансите дека ќе ја продолжи соработката за уште три сезони и во Минхен ќе ја заврши својата богата фудбалска кариера. Десеткратниот шампион на германија го освои СП 2014 и два пати славеше во Лигата на шампиони. За Баерн (М) има постигнато 223 погодоци.
ЏОРДАН ХЕНДЕРСОН
Капитенот на Ливерпул многу ветуваше уште во времето додека го носеше дресот на Сандерленд. Кариерата малку му стагнираше откако се пресели на „Енфилд“ во 2011 година, но под водство на Јурген Клоп сега е еден од незаменливите играчи за врска во Премиер лигата. Ја освои Лигата на шампиони и трофејот во националниот шампионат.
ФРЕДЕРИКО МАКЕДА
Од сите таленти, Македа е сигурно најмалку познато име. Кога беше помлад, играше за Манчестер Јунајтед кој беше предводен од Сер Алекс Фергусон. Најверните фанови на „црвените ѓаволи“ добро се сеќаваат на неговите погодоци против Сандерленд и Астон Вила, но тоа беше се од него. Кариерата му тргна по надолна патека, постојано беше позајмуван, а сега игра за Панатинаикос.
МАРИО ГЕЦЕ
Уште еден играч под водство на Јурген Клоп израсна во голема ѕвезда. Се прослави играјќи за силниот тим на Борусија од Дортмунд, а потоа, заедно со Роберт Левандовски, ги засилија редовите на Баерн (М). За жал, Геце имаше голем проблем со метаболизмот и за малку ќе ставеше крај на својата фудбалска кариера. Денеска игра за ПСВ, а во актуелната сезона има постигнато седум погодоци и запишано седум асистенции.
ХАВИЕР ПАСТОРЕ
Офанзивниот играч за врска од Аргентина играше совршено во дресот на италијанскиот калчолигаш Палермо. ПСЖ го купи за 42 мил. евра, а после одличниот старт во Париз, неговата кариера тргна во погрешната насока. Клубот реши да го продаде на Рома, а денеска, со 32-години, игра за шпанскиот клуб Елче.