Каде е поштарот?

Скопјанецот Бошко Нацевски вели дека во населба Црниче веќе два месеца поштар не доаѓа и не добиваат никакви пратки. Тој се присетува дека во минатото, поштарот беше почитуван гостин во темносивкаста униформа, кој со кожна чанта обесена на потсвиеното рамо преполна со разноразни пратки и со точно востановен ред, се појавуваше на улица. Од Пошта, пак, стигнуваат разни вести. Од тоа дека системот за прераспределба на пратки често им е расипан до тоа дека нема поштари

121

Каде е поштарот, е најчестото прашање што си го поставуваат граѓаните откако со недели, па и месеци не го виделе човекот кој треба да разнесува писма, пратки, банкарски или судски известувања, како и сметки за струја и вода низ нивната населба. Така е низ цела држава.

Скопјанецот Бошко Нацевски на фејсбук-статус вели дека во населба Црниче веќе два месеца поштар не доаѓа и не добиваат никакви пратки. Тој се присетува дека во минатото, поштарот беше почитуван гостин во темно сивкаста униформа, кој со кожна чанта обесена на потсвиеното рамо преполна со разноразни пратки и со точно востановен ред, се појавуваше на улица.

– Ни доаѓаа како драги гости во дворовите и домовите. Ќе довикнеа или заѕвонеа, на пример, како нашиот некогашен предобар поштар Коле од Црниче маало, кој пензиите ги носеше на рака во секој дом. Тие поштари што веќе ги нема, ни ги знаеја имињата, родендените, семејните празници. Имаше поплави, снегови, мразеви, па и земјотреси, но поштата не доцнеше, ниту се губеше. Навистина, што се случува со Македонски пошти. Ова е недозволена толеранција за хаосот во еден така значаен комуникациски сегмент во државава, наречен пошта – вели Нацевски.

Жител на Црниче потврдува дека подолго време не виделе поштар. Препорачано писмо со важни документи што пред две недели му ги пратиле неговите родители кои живеат во Србија, се уште не е стигнато. Откако лично отишол до Пошта 2 кај Железничка станица, му реле дека нема поштар поради тоа што човекот бил опериран и е на рехабилитација, а и нема кој да го замени. Вработени му рекле дека никој не сака да работи како поштар поради ниските плати, па му дале кутија преполна со писма за сам да си го најде писмото. Откако забележал дека во кутијата имало писма и на негови соседи, вработени му рекле да ги земе и да им ги однесе.

Оттука се поставува прашањето, дали неовластени, неслужбени луѓе смеат да влегуваат во пошта?! Свесни ли се и властите и поштенските службеници што сè се испраќа преку пошта, а граѓаните одговараат, да беа свесни, немаше ова да ни се случува.

И други граѓани се жалат на доцнење на писма со важни известувања од банки или судови. Весна Николовска посочува дека писмо од Комерцијална банка кое било пратено на 7 февруари, стигнало еден месец подоцна, на 6 март. Румена Мандалова, се чуди на (не)функционирањето на поштенските услуги кај нас.

– Едно писмо од Америка речиси 2 месеца не е стигнато на моја адреса во Скопје. Јас веќе сум во Америка, а писмото уште патува, ако патува – констатира таа.

Алекса Томески, пак, укажува на еден случај во неговата населба. Вели дека нивниот поштар во петок не разнесувал писма и пратки, а кога прашал негов колега зошто го нема по петоците, му одговорил дека во петок одел во џамија и немал многу време!

Граѓани посочуваат дека старите поштари полека заминуваат во пензија, нови ретко се нафаќаат да ја работат оваа работа.

– Гледам некои млади момчиња кои разнесуваат пошта, но немаат никаква униформа на себе, ниту некакви ознаки дека се поштари – вели жител на Карпош.

Ангеле Бушески кажува дека во Германија постојано има отворен конкурс за поштари.

– Поштарите во Германија имаат многу работа. Дури со трицикли разнесуваат писма и пакети, а со комбиња во подалечните реони. Поштата беше во плус годинава и одма штрајк за поголеми плати – нагласува тој.

Виолета Петрова кажува за позитивен пример со нивниот млад поштар, кој совесно си ја врши работата и вели дека откако тој е дојден повеќе не ги бараат сметките и писмата во другите влезови од зградата.

Од Пошта, пак, стигнуваат разни вести. Од тоа дека системот за прераспределба на пратки често им е расипан до тоа дека нема поштари. Синдикатот на Македонска пошта кон крајот на февруари побара да се стопира огласот за вработување на 31 административец, кој го распишал директорот Васко Стефанов. Велат дека Пошта се наоѓа во очајна состојба, не се редовни платите, немаат поштари, а се распишува оглас за административци од кои нема потреба.

– Генералниот директор распиша оглас за 31 вработување во администрација за кои сите мислиме дека се непотребни, оти имаме превработеност во администрацијата. Не би биле против нови вработувања ако се за работни места кои сериозно ни се потребни како поштари, шалтерски работници и оператива. Од ден на ден се среќаваме со недостиг на работници во овие места. Затоа бараме веднаш да се стопира огласот – рече Боро Велигденов, претседател на синдикатот на Македонска пошта.

Тој посочи дека Македонска пошта се наоѓа во лоша финансиска состојба и дека им доцни исплатата на плата. – За јануари плата ни беше исплатена во петокот односно после истекот на законскиот рок. Стравуваме дали воопшто ќе земеме плата во наредниот период. Затоа бараме средба со Владата, за да се преземат чекори за решавање на ситуацијата во која се наоѓа друштвото, додава Велигденов.

Последниот финансиски извештај од независен ревизор е за 2021 година. Тој покажува дека Пошта е со загуба од 2,85 милиони евра и таа е речиси двојно поголема од онаа во 2020 година кога била 1,5 милиони евра.

– Друштвото има евидентирано останати побарувања по основа кусоци од кражби, кусоци од вработени, побарувања по основа на спогодби, како и побарувања за сомнителни и спорни камати во нето-износ од 117.499.000 денари или 2,9 милиони евра – се наведува во објавениот ревизорски извештај на сајтот на Македонската берза.

(С.Бл.)