Со чаша убаво вино и многу насмевки низ улиците, одлична музика и вкусна храна… Вака пулсираше Кавадарци во изминативе три дена на познатиот и надалеку прочуен „Тиквешки гроздобер“. Насмеани луѓе, деца, старо и младо од сите страни на земјава, но и од странство, дојдоа во градот на виното каде што градоначалникот Митко Јанчев и општината Кавадарци се покажаа како добри домаќини, приредувајќи им незаборавна дружба и многу содржини за кои долго ќе се раскажува.

Гроздоберот годинава започна со приемот во Винскиот музеј – Кавадарци, што градоначалникот Јанчев во пријатна атмосфера, добра музика и вкусна храна го приреди за дипломатскиот кор.

– И оваа година ја продолжуваме вековната традиција на нашиот град, стопанската, туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“. Очекуваме Кавадарци да биде весело, распеано, очекуваме манифестација за која ќе се зборува – рече градоначалникот Јанчев при приемот на гостите во Винскиот музеј.

Билбордите поставени на влезовите во градот имаа информативен карактер за бројните гости кои се пречекуваа на „Тиквешкиот гроздобер“. На иницијатива на градоначалникот Јанчев, на пунктовите поставени на трите влеза во градот, сите гости освен упатства и насоки за паркирање, во знак на добредојде добиваа асталско бело и црно грозје.

Пред почетокот на тридневната приказна под отворено небо, Јанчев заедно кралот и кралицата на манифестацијата, како и со еврокомесарот на ЕУ, Дејвид Гир, и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, симболично го скинаа првиот грозд.

А на плоштадот три вечери насмеани лица, многу музика и добра забава. Покрај домашни естрадни личности: Барбара Ракичевиќ, Мартија Станојковиќ… кои ја подигаа атмосферата, бројната публика дојде од целиот регион да ги слушне најпознатите музички ѕвезди на Балканот, како Дарко Лазиќ, Халид Бешлиќ, Харис Џиновиќ и неповторливата балканска дива Лепа Брена.

Покрај музиката, која ја подигаше еуфоријата, најголемо внимание привлече карневалското дефиле во центарот на градот. Многубројни групи од земјава и од странство презентираа најразлични маски, секоја со своја приказна, секоја убава на свој начин. На традиционалниот карневал и оваа година продефилираа низ улиците на Кавадарци над 700 учесници и 40 карневалски поставки.

Градоначалникот Јанчев заедно со сопругата Веселка, неговите две деца, Стојанче и Мила, и со претседателот на Совет на Општина Кавадарци, д-р Стојанче Рамов го следеа традиционалното детско дефиле.

Кавадарци згрме традиционално како и секоја година од моторџиите кои се појавија со своите мотори на Мото-рели собирот, а во Паркот на револуцијата се одржа и турнирот во „табла“, со 46 учесници, кој го освои Драган Гано Бошков.

Општинското раководство во Кавадарци го организирало првиот „Тиквешки гроздобер“ во 1964 година и оттогаш оваа манифестација има стопански, културен и туристички карактер. Претставува продолжување на една долга и богата традиција, која се одржувала на овие простори уште во времето на античка Македонија, кога во чест на богот на виното Дионис и виновата лоза биле одржувани Дионисиеви денови.

А Кавадарци во продолжение испиша уште една незаборавна винска приказна. Браво за дечињата, наставниците и организаторите и сите учесници за прекрасното дефиле. Браво за кавадарчани, браво за градоначалникот. Да имате голем род и плодна берба. Догодина повеќе, порачаа посетителите.   

(С.Бл.)