Без да го прејудицира исходот од истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, што се води за надоместоците на обвинителите и тимот во СЈО, државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, за медиумите изјави дека првичните согледувања за овој предмет, покажале дека за иста работа, доверливост, двапати се делеле надоместоци во СЈО.
„Првенствените согледувања покажуваат дека по ист основ двапати се делеле надоместоци. Ако видите апсурдите до каде се донесени во делот на трошењето на државните пари, ќе видите дека секретар има поголема плата од претседателот на државата. Дали е тоа оправдано или логично, проценете. Со ова не ја прејудицирам постапката што обвинителството ја води“, изјави Јовески.
Податоците на базата „Отворени финансии“ на Министерството за финансии покажаа дека обвинителите на СЈО добиле приближно еден милион евра надоместоци за изминатите четири години. Освен надоместоците, обвинителите добивале основна плата и плус додатоци од 35 %. Освен десетината обвинители бонуси земале и луѓе кои не се јавнообвинителски службеници. Па така, во базата „Отворени финансии” меѓу другите е и примерот со возачот на Јанева, кој освен редовната плата, зел додатоци од 30.000 евра. Врз кој основ поранешната обвинителка ги распределувала парите ќе треба да покаже истрагата која ја води редовното обвинителство. Според професорот Гордан Калајџиев, Јанева бонусите ги делела без правилник.
Обвинителката Катица Јанева ги делела малку од ракав и со тоа се претпоставува таму правела и раздор, или придобивала поблиски соработници. Прашањето за надоместоците е покомплексно отколку што изгледа. Очигледно беше дека веројатно е договорено или на некој начин се чувствувало за потребно, со оглед на ситуацијата во која тие ја вршеа функцијата, изложени дури и на опасност, дека бараат за таа функција посебен надомест. Мислам дека тоа малку е несмасно и проблематично изведено, бидејќи доверливоста спаѓа во нормалните одговорности, тоа е работа на обвинителите и тоа го има секој обвинител, не само овие, и не може да е оправдување за толку високи хонорари, изјави Калајџиев.
Сумите по обвинител се движеле од 70.000 до 107.000 евра, покажуваат податоците од алатката „Отворени финансии“. Па така, поранешната обвинителка и шефица на оваа институција Катица Јанева сама на себе си доделила 157.000 евра.
Обвинителката Лиле Стефанова, која го застапува случајот „Империја“ зела надоместоци од 93.000 евра. Три илјади евра помалку од Стефанова зел нејзиниот колега Бурим Рустеми.
Од 2015 до годинава обвинителката Фатиме Фетаи зела 87.000 евра надвор од редовната, а исто толку му биле доделени и на обвинителот Љубомир Лапе.
Специјалниот обвинител Артан Ајро, кој сега е во скопското обвинителство зел 86.000 евра, исто толку му биле доделени на обвинителот Гаврил Бубевски, како и на Трајче Пеливанов.
Најмалку од сите, односно 84.000 евра добила обвинителката Ленче Ристоска.
Tрошењето енормни суми народни пари кои се делеле на обвинители, соработници, вештаци и советници – бонусите кои се делеле во СЈО ја вжештија и седницата за пратенички прашања, претпоследна за оваа година.
Премиерот Зоран Заев од собраниската говорница се обиде да ги оправда бонусите кои ги земале обвинителите од СЈО.
СЈО беше создаден капацитет во оваа држава, а дали некој направил криминал треба да се докаже во институциите низ постапка и со докази, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Јовановски во врска со хонорарите што ги исплаќало СЈО.
-Ако некој земал илјада евра не треба да се прави некоја драма. Премиерот зема околу 80.000 денари плата, пратениците доаѓаат до 100.000 денари со патни трошоци. СЈО ги распределувало средствата од рамки на буџетот кој им бил доделен – рече Заев, истакнувајќи дека не треба да се дозволи со леснотија да се гази институцијата.