На Златната гала-премиера во Македонската филхармонија, пред публиката се поклонија реномираниот македонски режисер и дел од екипата, меѓу која актерите: Раде Шербеџија, Петар Мирчевски, Силвија Стојановска, Катерина Коцевска, Александар Микиќ, Сузана Киранџиска, музичарот Златко Ориѓански, дизајнерот на продукција Дејвид Манс… Манс, претходно посочи дека „филмот се занимава со универзални теми – една од причините поради која, одекна на меѓународно ниво и постигна толку голем успех, многу проучувања и размислувања…“

И по 30 години, кога на големото платно се гледа филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“ предизвикува силна емоција заради темата, структурата, камерата, музиката, актерската игра и докажува дека е едно од најдобрите македонски остварувања. Долгиот аплауз на публиката го потврди тоа на синоќешната проекција во Македонската филхармонија, на која се одбележаа 30 години од создавањето на филмот, при што пред присутните се поклонија реномираниот македонски режисер и дел од екипата, меѓу која актерите: Раде Шербеџија, Петар Мирчевски, Силвија Стојановска, Катерина Коцевска, Александар Микиќ, Сузана Киранџиска, музичарот Златко Ориѓански, дизајнерот на продукција Дејвид Манс, директорот на фотографија Мануел Теран, монтажерот Николас Гастер. На Златната гала-премиера на „Пред дождот“ присуствуваа голем број личности од културниот и политичкиот живот на нашата држава, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Пред проекцијата, пак, на која се прикажа реставрираната копија, преку сцени од „Пред дождот“ се оддаде почит на сите актери кои веќе не се меѓу нас, како: Мето Јовановски, Игор Маџиров, Владимир Ендровски, Катрин Картлиџ, Кирил Ристоски, Јосиф Јосифовски, Илко Стефановски, Љупчо Тодоровски-Упа, Благоја Спиркоски-Џумерко, Абдурахман Шала…, но и оние кои оставиле печат врз филмот како Вања Лазарова, која во соработка со групата „Анастасија“, ја отпеа „Со маки сум се родила“. Публиката преку видеозапис се потсети и на моментите кога Манчевски со филмот ги постигнува најголемите успеси – во 1994 година кога „Пред дождот“ триумфираше во Венеција и го освои „Златниот лав“ за најдобар филм, како и номинацијата за Оскар за најдобар странски филм.

Сцена од „Пред дождот“

Филмот е актуелен и по три децении од неговото создавање, во свет каде што секојдневно сме сведоци дека се разгорува нов воен конфликт, има нова братоубиствена војна… И да нема причина за војна, ќе се најде, е една од репликите во филмот.

Универзалните теми кои ги обработува беа посочени и од дел од екипата што допатува во Македонија за прес-конференцијата одржана пред гала-проекцијата на „Пред дождот“.

„Филмот се занимава со универзални теми – една од причините поради која, одекна на меѓународно ниво и постигна толку голем успех, многу проучувања и размислувања. Филмот поставува прашања и изискува од публиката да размислува и да креира сопствено мислење. Живот и смрт, конекции и односи, љубов и јазик, слики и зборови. Брилијантно сценарио, приказна, слики, емотивен пејзаж…“, рече долгогодишниот соработник на Манчевски, и оскаровец, дизајнерот на продукција Дејвид Манс.

И за монтажерот Ник Гастер, „Пред дождот“ е важен филм на повеќе нивоа. „Сценариото и концептот на Милчо се ремек-дело, одлично реализирани преку маестралната актерска игра, дизајнот на продукција, музиката и фотографијата. Ослободување на креативна енергија. За време на снимањето, темата на филмот, ужасот од распаѓањето на прогресивните политичко-идеолошки процеси и повлекувањето во племенското, нешто што е премногу релевантно денес, беше во извонреден контраст со прекрасната хармонична екипа, составена од сите делови на поранешна Југославија и светот“, посочи Гастер.

 

Присутните актери на прес-конференцијата, пак, евоцираа спомени околу работата на филмот.

Хрватскиот актер Раде Шербеџија, за кого била специјално пишувана главната улога, раскажа дека откако го добил сценариото од Манчевски во Лондон истата ноќ двапати го прочитал и веќе следниот ден се сретнал со режисерот каде што му рекол дека сценариото е фантастично. Актерката Катерина Коцевска била пресреќна кога ја добила улогата. „По 30 години сè уште ја носам во себе истата радост, што благодарение на Милчо имав мал удел во еден од најдобрите филмови на сите времиња на светот. Не станав славна како Раде, но затоа можам да се пофалам дека сум снимила, речиси љубовна сцена со него… во која ме одби“, рече таа. И актерката Силвија Стојановска чувствува огромна благодарност што е дел од филмот: „Денес по 30 години, филмот сè уште претставува инспирација за нови генерации филмски уметници. „Пред дождот“ е филмско и културно наследство што Милчо ѝ го остава на Македонија“, истакна Стојановска.

Сцена од филмот „Пред дождот“

 

На Златко Ориѓански, еден од композиторите на музиката, пак, „Пред дождот“ денес му се чини како сон. „Еден мој пријател вели, да, ама тој сон е влезен во нашата колективна меморија… за сите времиња“, рече Ориѓански.

И режисерот Милчо Манчевски се потсети на почетоците на „Пред дождот“. „Јас бев преокупиран филмот да се направи, затоа што воопшто не беше сигурно дека филм ќе има. Две недели после почетокот на снимањето, проектот речиси ќе се распаднеше, тешко се работеше, така што не размислував околу тоа дали ќе стигне до едно вакво убаво место. Од друга страна, секогаш верував во тоа што го правам и мислев дека е само прашање на време филмот, и кој било филм кој го работам, кога ќе излезе да биде успешен“, кажа Манчевски. Додаде: „Луѓе ме прашуваат зошто во моите филмови нема повеќе среќни завршетоци. Денес, 30 години по успехот на „Пред дождот“, мене ми е забрането да снимам во Македонија. Уживајте во претставата“. (Н.И.Т.)

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ