До 26 јули, во галеријата на „Чифте амам“ во Скопје може да се видат делата на повеќемина уметници од Европа и од Балканот. „Овие уметнички дела, слично како капките дожд, се спојуваат на динамичен и флуиден начин, формирајќи кохезивен склоп на меѓусебно поврзани и мултидисциплинарни креации“, велат од Националната галерија

Во галеријата „Чифте амам“ во Скопје е отворена изложбата „Poi piovve dentro a l’alta fantasia“ или „И потоа врнеше во длабоката фантазија“, која го привлече вниманието на љубителите на уметноста со широка палета дела во различна техника и сопствена приказна.

Како што посочуваат од Националната галерија, таа претставува мултимедијален уметнички дијалог меѓу Рафет Јонузи, уметник од Прешево кој живее и работи во Австрија, и неговите пријатели уметници од различни земји, и тоа: Мариа Анвандер и Готфрид Бегтолд од Австрија, Сорен Далгард од Германија, Саша Буквиќ, „Звоно“ – БиХ, Худа Такрити – Австрија, Теута Јонузи – претставник на Словачка и Австрија, Михаел Кос – Австрија, Марек Кветан – Словачка, Арјета Мала која потекнува од Косово, а живее и работи во Холандија, Кристин Венцел – Германија и Словачка, како и македонските уметници Славица Јанешлиева и Игор Сековски.

Брилијантната идеја и иницијатива на Рафет Јонузи во заедничка координација со кураторот Ана Франговска, според Старова-Ќерими, ја донесе оваа интригантна и слоевита изложба.

„Изложбата создаде платформа каде што уметноста ги надминува границите, поканувајќи нè во светот на висока фантазија и длабока имагинација. Честа да ги претставиме делата од талентираната и разновидна група уметници, секој со својата единствена перспектива и глас, е на наше особено задоволство“, истакнува Старова-Ќерими.

Амбасадорот на Австрија, Н.Е. г. Мартин Памер, на отворањето на изложбата, ја поздрави и ја охрабри работата на Националната галерија во исполнувањето на мисијата на уметност достапна до секого, во оваа пригода, уметници од Австрија или уметници што живеат и работат во неговата татковина.

Од Националната галерија посочуваат дека овие уметнички дела, слично како капките дожд, се спојуваат на динамичен и флуиден начин, формирајќи кохезивен склоп на меѓусебно поврзани и мултидисциплинарни креации.

Изложбата, која се реализира во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, ќе биде достапна за јавноста до 26 јули. (Д.Т.)