Новиот мандатар за состав на нова влада, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, годинава ја започнува со полни раце работа, бидејќи ќе мора што поскоро да ги расчисти дилемите околу имињата на министрите од редот на СДСМ кои ќе влезат во новиот состав. Дополнително се најавува дека е можно и коалициските партнери да добијат по некој ресор. Според рокот, кој самиот го најави, Ковачевски планира предлог-составот на владата да биде поднесен на 11 јануари.

Понуда за министер во новата влада помалите коалициски партнери ја добиваат откако го одбија предлогот за министер без ресор што следуваше по нивната реакција за функционерскиот пакет кој Алтернатива го доби за стабилизирање на собраниското мнозинство. По влезот на партијата на Африм Гаши во власта тие добија три министерски, а меѓу нив беше и министер без ресор одговорен за дијаспората. Тогашниот премиер Заев предложи, заради етничка рамнотежа и смирување на напнатоста кај помалите коалициски партнери, во новата влада да има уште три министерски позиции без ресор. Една беше наменета за Турците, една за Ромите, а една беше понудена на НСДП, бидејќи не учествува во извршната власт. Но НСДП тогаш не ја прифати оваа понуда.

Сега од НСДП потврдија дека добиле понуда да назначат министер во новата влада, но се најавува дека Ковачевски ќе има средби со сите помали коалициски партии за да се утврдат условите за учество во новата владина програма.

Неофицијално, НСДП би ја добило министерската позиција во труд и социјална политика, каде во насока на рамноправна родова застапеност, позицијата треба да ја добие пратеничката Соња Мираковска. Демократскиот сојуз или ЛДП би можеле да го предложат новиот министер за внатрешни работи, кој би го заменил Оливер Спасовски доколку тој не биде дел од новата влада. Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, новата потпретседателка на СДСМ се најавува како кандидатка за министерка за култура, Петре Шилегов е кандидат за министер за транспорт и врски, вицепремиер за европски прашања се очекува да биде сегашниот министер за правда Бојан Маричиќ, а како нов вицепремиер за борба против корупцијата се споменува Сања Лукаревска. Славјанка Петровска се споменува како иден министер за правда, а сегашниот заменик-министер Трајан Димковски е кандидат за челната позиција во Министерството за земјоделие. Вицепремиерот Љупчо Николовски е во игра за Министерството за одбрана, но се споменува и Катерина Ставреска, поранешен член на кабинетот на сегашната министерка Радмила Шеќеринска.

Сигурно е дека во новиот владин состав нема да бидат Мила Царовска, Венко Филипче и Радмила Шеќеринска. На местото на Царовска во Министерството за образование и наука се најавува Јетон Шаќири, од ДУИ, по принудниот трансфер од МИОА каде на чело доаѓа Адмирим Алити од Алтернатива. На местото на Филипче во Министерството за здравство доаѓа Беким Сали од Алтернатива.

Новиот мандатар Ковачевски засега не открива кои од сегашните министри ќе останат во новата влада, сè додека не разговара и со нив и со новите кандидати за министерски позиции. Но, неделава ќе мора да ги заврши сите разговори бидејќи следниот вторник, на 11 јануари, треба да го поднесе предлогот за членови на нова влада, која, како што најави, повеќе ќе се посвети на економската и внатрешната политика во државата.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека согласно целата постапка за избор на нова влада, гласањето за нејзин избор би било на 16 јануари, а таа би ја преземала функцијата на 17 јануари. За да биде избран, за предложениот владин кабинет на Ковачевски треба да гласаат најмалку 61 пратеник во Парламентот. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

Во меѓувреме опозициските партии и понатаму сметаат дека новата влада нема да донесе подобрување на состојбата во земјава и како единствен излез од кризава предлагаат предвремени избори годинава.

(И.С.)