И мажите и жените да одат во пензија на 67 години, предлага Фискален совет

116

Во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67-годишна возраст, и за мажите и за жените. Ова е препораката на Фискалната стратегија 2025-2029 година што ја изготви Фискалниот совет, а ја усвои Собранието.

-Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и на инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот меѓу приходите од придонеси и расходите за пензии, а со тоа и потребата за покривање од буџетот на државата, туку и на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ. Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, за намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ. Тековната е 18,8 % и е за 2,4 % помала во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2 %. Кога би се додало на оваа стареењето на населението, а со тоа и, секоја година, зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500 до 1.700 нови пензионери, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот станува уште покомплексен – се вели во стратегијата.

Оттука, се додава во документот, фискалната одржливост на Фондот за пензиско и за инвалидско осигурување е посебен фискален ризик.

– Имајќи ги предвид значителното намалување на невработеноста и недостигот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажите и за жените на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 %. Потоа, во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата, би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21 % до 2029 година“.

На оваа препорака реагираше партијата Левица, која остро и недвосмислено се спротивставува на мислењето на Фискалниот совет.

– Македонија е социјална држава и нема да дозволиме ниту една институција да создаде од македонските работници робови на капиталот. Ја предупредуваме оваа Влада, како и секоја идна, да не си игра со маката на работниот народ. Доколку сакаат да интервенираат во ФПИОМ, тогаш нека почнат од своите функционери, кои го доведоа во ваква состојба. Повикуваме Фискалниот совет да ги преиспита своите мислења. Потребно е спроведување стратешки политики во реалниот сектор што ја подобруваат положбата на работниците, во спротивно, бранот на иселување на млада и стручна работна сила нема да биде спречен, а со тоа нема да се спречи и намалувањето на придонесот во ФПИОМ – реагира Левица.