И за ситни и скапани костени ќе мора да бркнете подлабоко во џебот

313

На Зелениот пазар во Скопје во петокот два дена пред Бадник не затекна невообичаено голема гужва, која го оневозможуваше движењето на купувачите покрај тезгите. Пензионерите, кои во петок се возат бесплатно, го искористија овој ден, буквално да ги нападнат тезгите. Некои купувачи се жалеа дека поради големата гужва не можат да видат што им ставаат во кесите

И покрај минусните температури на зелените пазари во градот голема гужва пред претстојните христијански празници, Бадник и Божик. Цените вообичаено за продавачите ниски, а за купувачите високи, а практиката на пазарџиите пред вакви празници да ги зголемуваат цените не изостана ни годинава.
И покрај тоа што продавачите велат дека нема поскапување и оти цените биле исти како и минатата година, купувачите не се согласуваат со нив и велат дека се е поскапено.

На Зеленото пазарче во петокот, два дена пред Бадник, не затекна невообичаено голема гужва, која го оневозможуваше движењето на купувачите покрај тезгите. Пензионерите, кои во петок се возат бесплатно, го искористија овој ден буквално да ги нападнат тезгите. Некои купувачи се жалеа дека поради големата гужва не можат да видат што им ставаат во кесите, дали од покрупните или од поситните костени кои се поевтини.

А тезгите беа преполни со костени, ореви, овошје, зеленчук, тиква… Килограм костени се продаваше по цена од 80 до 200 денари, оревите се продаваат по цена од 100 до 150 денари, мандарините и портокалите по 35 денари килограм или 3 килограми за 100 денари, јаболките по 15, 20 и 25 денари за килограм, а тиквата по 20 и 25 денари за килограм. Од суво овошје најприсутни беа урмите и смоквите кои се продаваа по цена од 50 до 80 денари едно пакување.

Купувачите велат дека купуваат само она без што не се може да се помине празничната трпеза и дека домашниот буџет не им дозволува многу да се опуштат, но велат дека скромно или богато празникот сакаат да го одбележат.

– Наместо пред вакви празници продавачите да ги поевтинат цените на овошјето, оревите и костените кои најчесто се купуваат пред Бадник, тие секоја година ги поскапуваат. Еве гледате, празот кој го купувам за пита и за посна сарма го покачиле, претходно беше 20 денари, а сега еден страк е 40 денари – вели една купувачка на пазар.

За да се наполни една скромна бадникова трпеза граѓаните велат дека им се потребни најмалку 3.000 денари. Затоа многумина јануари го сметаат за еден од најдолгите месеци во годината, а новогодишните и божикните празници се причината што домашниот буџет се троши уште во првите денови од годината.

– Скапо е, ама мора да се одбележи празникот. Пред само една недела костените чинеа 150 денари, а сега се продаваат за 180, на некои места гледав и по 200 денари што е лудост. Дури и рибата ја поскапиле за 20 денари, како да само еднаш се пазари – вели една пензионерка која секојдневно пазари и ги знае речиси сите цени на Зеленото пазарче.

Друга, пак, додава дека голем дел од костените кои ги продаваат на тезгите се скапани и неквалитетни и не се ни за коледари.

– Купив еден килограм костени пред неколку дена и ги испеков, ама поголем дел од нив беа скапани и невкусни. Лажат дека се од Љубанци или Љуботен, ги увезуваат од Турција. Не е само да ги дадеш парите и да ги фрлиш, а срамота е да ги дадеш и на коледари – вели таа.

На пазарџиите веќе обичај им е претпразнично да ги качуваат цените, а особено пред Бадник и Божик кога знаат дека најголемиот дел од производите кои се потребни за овие празници граѓаните ги купуваат на пазар.

Освен цените на костените, зголемени се и цените на зеленчукот и на рибата. Така осличот кој најчесто се подготвува за Бадник во рибарниците се продава по 140 денари за килограм, а пастрмката по 300 денари за килограм.

(А.С.)