Мерењата што се вршени во пет училишта и пет градинки во пет градови: Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга, покажуваат дека концентрациите на загадувачки честички се за два пати повисоки од пропишаните според препораките на СЗО. – Дали сме надвор или внатре во затворени простории, дишеме загаден воздух зимно време, додека пак, на лето концентрациите на загадувачки честички се повисоки внатре од надворешниот воздух, истакна професорот Дејан Мираковски кој повикувајќи се на презентираните податоци, дава препораки што да се направи за да се намалат загадувачките концентрации во училиштата и градинките
Дали сме надвор или внатре во затворени простории, дишеме загаден воздух зимно време, додека пак, на лето концентрациите на загадувачки честички се повисоки внатре од надворешниот воздух. Надминувањата во просек се повисоки за два пати од она што е наведено во препораките на Светската здравствена организација.
Ова го потенцираше професорот Дејан Мираковски кој ги презентираше резултатите од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, што го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
Мерењата се вршени во пет училишта и пет градинки. Во Куманово тоа се ОУ „Браќа Миладиновци“ и детската градинка „Кокиче“ кои се лоцирани во центарот на градот, близу до една од главните улици „Народна Револуција“, која е една од позначајните сообраќајници што го поврзува училиштето со другите делови од градот.
Во Гостивар анализите се извршени во ООУ „Гоце Делчев” кое се наоѓа во урбаната зона на градот и детската градинка „Цвеќе“ која е лоцирана веднаш до училиштето. Во нивна непосредна близина се наоѓа една од главните сообраќајници на градот како и неколку фреквентни улици.
Во Струмица тоа се ООУ „Никола Вапцаров“ и градинката „Детска радост“ – клон 6 кои се лоцирани едно до друго во централниот дел на градот и се наоѓаат во близина на булевар „Маршал Тито“, една од поголемите сообраќајници во Струмица.
Во Кавадарци анализата ги опфати ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ кое е сместено во централното подрачје на Кавадарци, на релативно лесно пристапна локација, и детската градинка „Рада Поцева“ – Гроздоберче која е лоцирана источно од училиштето во близина на течението на реката Луда Мара.
Училиштето „Браќа Миладиновци” се наоѓа во непосредна близина со детската градинка „8 март“ и се лоцирани во урбаната област на Струга, близу до центарот на градот и околните станбени населби. Во близина на училиштето се наоѓа улицата „Маршал Тито“, која е една од главните улици во Струга.
Анализата покажала дека зголемувањето на концентрацијата на суспендирани цврсти честички (фракција РМ 2.5) чија дозволена концентрација е 25 µг/м3 е директно поврзано со присуството на учениците и наставниците, односно одвивање на активностите во училницата, кои пак по завршување на наставата се намалуваат.
Така, во училиштето во Куманово просечната вредност во летната сезона изнесува 82,72 ± 39,37 µг/м3, додека во зимската сезона е помала и изнесува 66,56 ± 33,35 µг/м3. Ист е трендот и во Струмица, Кавадарци и Гостивар каде во летната сезона имаме 48,57 ± 20,97, 62,28 ± 33,96 и 72,53 ± 44,82 µг/м3, соодветно, додека во зимската сезона имаме помали вредности кои изнесуваат 47,02 ± 17,67, 52,07 ± 31,88 и 58,63 ± 25,49 µг/м3, соодветно. Во училиштето во Струга има повисока просечна вредност во зимскиот период (47,58 ± 7,88 µг/м3) за разлика од летниот период кога изнесува 40,29 ± 17,99 µг/м3.
Слично како и во училиштата, тренд на раст на концентрациите на суспендирани честички се бележи и во градинките, што само го потврдува заклучокот дека зголемувањето на концентрациите на РМ2.5 во училниците е директно поврзано со различните активности на учениците, особено како резултат на нивното постојано движење, игра и интеракција во затворен простор.
Концентрациите на биоаеросоли во градинките имаат слични вредности со измерените во училиштата, со тоа што текот на зимските месеци, забележаните концетрации се нешто пониски во однос на училиштата, додека во текот на пролетатта, нивото на биоаеросоли е повисоко.
Оваа веројатно може да се објасни со високите концентрации на полен, кои полесно навлегуваат во приземните објекти како што се градинките. Сепак, во најголем дел од мерењата, концентрацијата на вкупните биоаеросоли е под граничната вредност и микробиолошката чистота на воздухот може да се оцени како прифатлива.
Концентрациите на биоаеросоли во градинките имаат слични вредности со измерените во училиштата, со тоа што текот на зимските месеци, забележаните концетрации се нешто пониски во однос на училиштата, додека во текот на пролетатта, нивото на биоаеросоли е повисоко.
Оваа веројатно може да се објасни со високите концентрации на полен, кои полесно навлегуваат во приземните објекти како што се градинките. Сепак, во најголем дел од мерењата, концентрацијата на вкупните биоаеросоли е под граничната вредност и микробиолошката чистота на воздухот може да се оцени како прифатлива.
Просечните концентрации на гасовити загадувачи во градинките имаат слични вредности, како и во училиштата и во ниту еден случај, не ги надминуваат препорачаните гранични вредности.
Повикувајќи се на презентирани податоци, професорот Мираковски дава препораки што да се направи за да се намалат загадувачките концентрации во училиштата и градинките.
– Мерките на замена на класичните табли со креда, редовно чистење и мокро пребришување на површините може дополнително да ги намалат концентрациите на суспендирани честички воздухот во училниците. Еден од примарните извори на суспендирани честички во училниците е преносот на честички од надворешните средини преку обувките и облеката на децата. Носењето на посебни обувки и/или облека, наменети само за употреба во внатрешниот простор на училиштето, може ефективно да го минимизираат количеството на надворешна прашина што навлегува во училниците, а со тоа и намалување на вкупните концетрации на суспеднирани честички во истите – вели Мираковски.
Во студијата се препорачува во училишните објекти да се постават самостојни системи за филтрација на воздухот кои можат значително да ги намалат концентрациите на суспендирани честички и до 80%.
– Системите за вентилација претставуваат најкомплетно решение за контрола на квалитетот на воздухот во затворените простории, бидејќи овозможуваат намалување не само на суспендираните честички, туку и на сите загадувачки материи, вклучително и на концентрациите на ЦО2, кои често ги надминуваат препорачаните прагови во слабо проветрените и пренатрупани училници – се наведува во Студијата.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, вели дека нема наменски средства за прочистувачи на воздух во градинките, туку тие самите можат да купат доколку сметаат оти се потребни од парите кои министерството им ги доделува како блок-дотации.
– За жал, ќе ги слушнеме на овие презентации оние резултати кои ги знаеме години наназад за тоа што се случува во Македонија и колкава е загаденоста на воздухот и како таа влијае на самите дечиња, на сите, но на деќињата најмногу. Факт е дека нашите клинике се полни со дечиња со заболување на нивните респираторни патишта и затоа треба сите заедно да работиме, да направиме план и да тргнеме во борба против загадениот воздух. Ние секако одбвојуваме средства како министерство за сите материјални трошоци што се потребни на градинките како блок-дотации коишто ги спуштаме на локално ниво во самите правни субјекти и со тие средства можат да набавуваат самите прочистивачи за воздух, онаму кадешто е алармантно. Има можност и преку самите општини тоа да се направи, но како министерство ќе ја разгледаме можноста да можеме најдиректно на решавање на ова прашање – изјави Велковски.
Министерката за образовнаие Весна Јаневска потенцира дека квалитетот на воздухот е од исклучително значење насекаде, но особено на училиштата, затоа што влијае на психофизичкиот развој на учениците, на нивните способности да размислуваат, да се сконцентрираат, да бидат креативни. Таа оцени дека посочените резултати се значајни за да може државата да работи на подобрување на условите за живеење и работење и во училиштата.
– Во таа насока се работи на енергетска ефикасност на објектите, на системите за греење, но најзначајно е што се работи на здобивање на учениците и наставниците на сознанија , односно едукација за зачувување на околината – истакан Јаневска.
И министерот за здравство, Арбен Таравари нагласи дека проблемот на аерозагадување е голем во нашата држава и во сите градови, посебно во Скопје.
– Ние како Министерство за здравство се обидуваме да изнајдеме некое решение, затоа имаме и проект којшто помина во Влада и треба да се имплементира идната година. Се работи за 10 болници кадешто греењето ќе се замни од стандардно со мазут и со нафта и ќе бидат вклучени начини на греење во коишто нема да има загадување на воздухот. Владата партиципира, а има дел и донации од невладини организации – рече Таравари.
Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП рече дека со финансиска поддршка од Шведска и во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, УНДП работи за подобрување на квалитетот на воздухот од 2020 година.
– Тука сме да видиме како можеме да го следиме и подобриме квалитетот на воздухот во затворените простории во образовните институции што влијае на децата. Добиените информации се од клучно значење за креаторите на политиките да донесат информирани одлуки кои ефикасно ги решаваат прашањата за квалитетот на воздухот – рече Грегорјан.
(С.Бл.)