Најпосле дојде и тој ден кога очите на секој македонски фан ќе бидат насочени кон Палермо каде што за неколку часа (20:45 ч.) ќе стартува долго очекуваниот полуфинален бараж дуел за пласман на престојниот Мундијал во Катар, помеѓу нашиот национален тим и актуелниот европски шампион, репрезентацијата на Италија. Избраниците на Благоја Милевски ја имаа таа „среќа“ прво за првотивник да го добијат четирикратниот светски шампион, а подобриот од дуелот на Сицилија во финалето ќе игра против победникот од полуфиналната пресметка помеѓу репрезентациите на Португалија и Турција. Македонија ќе ги нема на располагање услугите на одличниот играч за врска, Елиф Елмас, кој мора да паузира поради парни жолти картони, додека селекторот на Италија, Роберто Манчини не може да смета на офанзивниот бек, Џовани ди Лоренцо.
- Секогаш на репрезентациите како што е Италија им е целта или имаат план не само да играат на едно големо натпреварување, туку и да стигнат до самата завршница од турнирот, ако не и до трофејот. Станува збор за репрезентации со традиција кои се навикнати на тоа, но од друга страна се прашува и противникот без разлика што Македонија според ранкингот е далеку зад противникот. Ние покажавме дека не случајно ние сме помеѓу 20-те најдобри репрезентации во Европа и покажавме дека имаме одреден квалитет, изјави селекторот Милевски во ексклузивното интервју за весникот ВЕЧЕР.
Стандардниот првотимец во дресот на шпанскиот прволигаш Леванте, Енис Барди, посочи дека во модерниот фудбал не постојат фаворити и додаде дека на дуелот против актуелниот европски шампион, „црвено-жолтите“ ќе мораат да бидат сконцентрирани во секој момент од натпреварот.
- Сите знаеме колку тежок натпревар ќе ни биде. Најважно за нас е да бидеме сконцентрирани во секој момент од мечот. Во денешниот фудбал фаворитите нè победуваат секогаш, можат и тие да имаат лош ден. Од друга страна, ние покажавме дека можеме да се надигруваме со сите. Мислам дека ќе одлучуваат детали, секоја секунда и секоја топка ни е важна. Мораме да се подготвиме и психолошки против Италија, изјави Барди.
Предводникот на „азурите“, Роберто Манчини е убеден дека Македонија е само попатна станица до трофејот на СП 2022.
- Сега имаме два натпревара, а најдоброто, најубавото е во ноември и декември. Сакам да уживаме во оваа недела на фудбалска пасија. Ние имаме една зацртана цел, сакаме да ја освоиме светската титула на Мундијалот во Катар. За да успееме во тоа, прво мора да ги добиеме следните два натпревара. Сакаме да се пласираме на СП 2022, а потоа и да го освоиме. Нема потреба од повеќе изјави, од повеќе коментари, изјави Манчини.
Стадионот „Ренцо Барбера“ ќе биде исполнет до последно место (36.000 капацитет), а репрезентацијата на Македонија ќе има подршка од околу 1.500 фанови.