Италија ја побара функцијата потпретседател во Европската комисија, неколку дена пред новиот европски самит на кој треба да се решаваат клучните функции во Унијата, изјави денеска во Луксембург италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
„Верувам дека не може Италија да ја нема функцијата потпретседател на Комисијата и да нема комесар со важен оддел, тоа е минимумот на кој нашата земја треба да смета“, им рече Тајани на новинарите по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на европските дваесет и седум.
„Сакаме да имаме една позиција на потпретседател и еден силен комесар за да имаме добра европска политика која ги поддржува индустријата и земјоделството, се разбира ангажирани во климатските промени, но не на фундаменталистички начин“, рече Тајани веќе овој викенд во обраќање до француските новинари.
Првите разговори за клучните позиции во рамките на Европската унија ги одржаа лидерите на европските дваесет и седум на 17 јуни во Брисел. Тогаш не беше постигнат договор, при што Италија покажа вознемиреност бидејќи беше настрана за време на разговорите и покрај силните резултати на екстремната десница на европските избори на 9 јуни.
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, е и лидер на партијата Браќа на Италија, главната партија во групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која собира дел од екстремно десничарските евроскептични партии во Европскиот парламент.
Таа група е на пат да и ја одземе на центристичката Да ја обновиме Европа позицијата на третата најсилна политичка група во Европскиот парламент во Стразбур, по добрите резултати на штотуку одржаните европски избори.
Сепак, преговорите на самитот одржан минатиот понеделник беа исклучиво водени меѓу лидерите на десничарската Европска народна партија (ЕПП), најголемата група во Европскиот парламент, социјалдемократите С&Д, втората по големина група во Стразбур, и претставници на Обнови Европа (центристи и либерали).
Мелони тогаш рече дека тоа е „надреалистичка ситуација“ и потсети на зајакнувањето на екстремната десница по европските избори на 9 јуни.