Свечениот гала-концерт „Жените на Пучини“ на кој солистките на Националната опера и балет (НОБ) испеаја едни од најубавите арии на италијанскиот композитор, вчеравечер ја збогати македонската културна сцена. Во рамките на овој музички настан, кој се одржа во фоајето на НОБ, осумте истакнати оперски певици, меѓу кои Весна Ѓиновска-Илкова, Сандра Митровска, Павлина Новакова-Георгиев, Злата Тошевска-Димовска, Александра Лазаревска-Василевски, Катерина Стојановска, Биљана Јосифов и Илина Митревска, во пијано придружба на Андреј Наунов, испеаја 11 арии, а нивната врвна изведба беше наградена со бурен аплауз од присутната публика.

– Македонската опера и балет го посвети овој месец на творештвото на еден од најголемите оперски композитори – Џакомо Пучини, придружувајќи се кон светското одбележување на големиот јубилеј – 100 години од неговата смрт. Месецот на Пучини го обликувавме со најзначајните наслови од неговото творештво, кои музичката историја ги вбројува меѓу едни од најголемите и најпопуларни оперски дела воопшто, дела што се застапени на репертоарот на сите оперски куќи во светот. Меѓу сите овие оперски вечери обоени со изведбите на „Боеми“, „Мадам Батерфлај“, „Тоска“, „Турандот“, концертот насловен „Жените на Пучини“ претставува посебен настан, замислен како своевиден подарок за публиката со најпрефинет вкус. Со особено изразено чувство за проникнување во суштината на женските ликови, Пучини ни ги има подарено најубавите арии – посочи директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски.

Солистките, пак, ни приредија пријатна средба со имагинативниот женски свет на Пучини. Концертот започна со аријата на Лиу „Signore Ascolta“ од операта „Турандот“, во изведба на Билјана Јосифов, по што следуваа ариите на женските ликови од оперите „Манон Леско“, „Боеми“, „Плаштот“, „Џани Скики“… Настанот заврши со аријата на Флорија Тоска „Vissi d’arte” од операта „Toска“, во изведба на Весна Ѓиновска-Илкова.

Гала-концертот е во режија на Дејан Прошев.

Во фоајето беше поставена и изложба од богатата архива на Националната опера и балет, насловена „Пучини низ историјата на МОБ“.

(Д.Т.)   Фото:П.Стојановски