Исцедок тече од камионите за ѓубре, испарува и смрди ненормално!

281

Скопјани реагираат дека по камионите кои го собираат ѓубрето низ градот останува исцедок кој на пеколниве температури испарува и смрди ненормално: Велат дека исцедокот се гази, па таа нечистотија се шири.

– Улиците мора под итно да се измијат со соодветни шампони и слично. И слеп човек да е ќе осети по миризбата колку се валкани и гадни. Од камионите за ѓубре тече како река од ѓубрето и смрди ненормално. За прашина да не зборуваме. На пеколново време тоа испарува, го дишеме, го газиме. Имаме деца што играат на улица, ама на улица има смет во течна состојба и децата играат топка и паѓаат врз тоа. Зошто не се мијат улиците како порано? Зарем тоа не е нешто основно што треба да се прави? Вака само се шират болести. Тоа што тече од камионите не се чисти лесно. Треба редовно миење на улиците посебно поголемите. Се работи за цели населби кои се усмрдени – вели Симона А.

ЈП Комунална хигиена потенцираат дека секојдневно вршат машинско миење на булеварите и улиците во Скопје.

– Согласно Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје, ЈП Комунална хигиена – Скопје континуирано спроведува активности за машинско миење на булеварите и поголемите улици, со употреба на автоцистерни. Машинското миење со автоцистерни се реализира седум дена во неделата, на територијата на сите скопски општини. Покрај машинското миење, екипите на претпријатието секојдневно спроведуваат и рачно миење на најфреквентните јавни и сообраќајни површини во централното градско подрачје – децидни се од КХС.

(С.Бл.)