Македонија е рангирана на четвртото место во светот во 2023 година според тоа кој има најголема недоверба во изборите, според „Галуп“. Малку подобар резултат има Босна и Херцеговина, која е на петтото место меѓу десетте најлошорангирани земји во светот, објави „Гласот на Америка“. Нигеријците имаат поголема доверба во изборите и од Бугарите, Македонците и од Босанците и се рангирани на десеттото место.
Додека Бугарија се подготвува да ги одржи седмите парламентарни избори во последните три години, оваа недела, истражувањата на „Галуп“ покажуваат дека само 10 отсто од Бугарите веруваат во интегритетот на нивните избори.
Лошиот степен на недоверба на Бугарите е најнизок не само во Европската Унија туку и во светот.
Во текот на речиси 20 години како што ги прашува „Галуп“ за нивната доверба во изборите, Бугарите никогаш не биле особено сигурни. Но, во 2022 и во 2023 година, иако Бугарија статистички се врзуваше со други земји, како Монголија, за најмала доверба, ниту една друга земја немаше помала доверба, додава „Гласот на Америка“.
Откако почна „Галуп“ да го мери овој индикатор, највисокиот што бил некогаш во Бугарија е 36 отсто во 2006 година. Довербата опаѓа оттогаш, но никогаш не се приближи до мнозинство во изминатите 17 години.
Накратко се стабилизираше помеѓу 2020 и 2021 година, за повторно да се наруши по почетокот на политичката криза во 2021 година. Во споредба со членките во ЕУ, сегашното ниво на доверба е една третина од онаа на следната најниска земја во ЕУ – Романија (30 отсто) и повеќе од шест пати пониско од средното ниво на ЕУ (62 отсто).
Системската недоверба што ја имаат Бугарите во нивниот изборен процес и судството се однесува и на другите клучни институции. Во 2023 година, Бугарија беше рангирана на последното место во светот според индексот (со резултат 18/100), далеку под следната најниска земја (Перу, која постигна 26 поени).
Ова, исто така, претставува еден од најниските резултати на индексот на националните институции, измерени во анкетатa на „Галуп“. Само Чад во 2006 година забележа статистички понизок резултат од Бугарија минатата година.
Последните бугарски парламентарни избори на 9 јуни 2024 година покажаа рекордно ниска излезност на гласачите од падот на комунизмот, потенцијален знак дека растат заморот од изборите и разочарувањето од изборниот процес, додава „Гласот на Америка“.