Аудиоводичот и реконструкцијата, поточно унапредување и осовременување на локалитетот Хераклеја, се дел од меѓународниот проект „Smart cool tour“ чија реализација започна минатата година преку партнерство на Завод и Музеј Битола, Општина Битола, МКЦ-Битола, Општина Пустец и регионален Директорат за културно наследство од Корча, Албанија. Инаку, според директорката на Завод и Музеј Битола, Мери Стојанова, ова не е и единствениот проект за овој антички локалитет. „Кон крајот на 2020 започнавме и со еден друг грант и проект за конзервација на архитектурата и мозаиците во Хераклеја“, вели за ВЕЧЕР, Стојанова

 

Најголемата реконструкција на античкиот локалитет Хераклеја во Битола е во завршна фаза, а во наредните месеци ќе биде изработен и аудиоводич на седум јазици со кој посетителите ќе можат да се движат индивидуално запознавајќи ги неговите тајни и историјата. Според директорката на Завод и Музеј Битола, Мери Стојанова, планираните инфраструктурни активности се направени, а остануваат да се завршат административни работи. Инаку и аудиоводичот и реконструкцијата на локалитетот се дел од меѓународниот проект „Smart cool tour“ чија реализација  започна минатата година во партнерство со Општина Битола, МКЦ-Битола, Општина Пустец и регионален Директорат за културно наследство од Корча, Албанија.

„Буџетот за сите активности кои се предвидени со проектот за Хераклеја беа преку 180 илјади евра. Само инфраструктурните зафати чинат околу 130 000 евра и сè што беше планирано е направено. Во наредниот период треба да биде изработен и аудиоводич на седум јазици кој што ќе може да се симнува на смарт телефон. Целта е секој посетител да може индивидуално да биде воден со помош на тој аудио водич низ локалитетот во случајов кога ќе имаме голем наплив на туристи и кога нема да можеме да постигнеме да имаме доволен број на водичи“, вели Стојанова.

Меѓународниот проект во делот на Хераклеја опфати и осовременување на сувенирницата, поставување систем за контрола при влез и излез на посетители, реконструкција на скалите до театарот… Поставување огради и ракофати и лифт што ќе го користат инвалиди и лица со попреченост, како и рампа за пристапување до театарот со инвалидска количка, како и отстранување на неавтентичните подни плочи во театарот и поставување на практикабли со универзална употреба, односно за различни културни настани, исто така беа дел од предвидената реконструкција. Со проектот е опфатено и осовременување на видиковецот кој ќе може да го користат и лица инвалиди и од каде непречено може да се гледа целиот локалитет, редизајнирање на музејот со музејската поставка во Хераклеја, со проактивен простор со видео проектор и услови за предавања и презентации.

Инаку, според Стојанова, ова не е и единствениот проект за овој антички локалитет.

„Кон крајот на 2020 започнавме и со еден друг грант и проект за конзервација на архитектурата и мозаиците во Хераклеа. Висината е околу 100 000 долари. Тоа за нас е еден исклучителен проект. Во период од речиси две години успеавме еден голем дел на финансиски средства да доведеме во Хераклеа по тие два основа. Како надополнување, во изминатите години во континуитет имаме и проекти финансирани од Министерството за култура, како по однос на одржувањето на мозаичните површини и нивната конзервација, така и по однос на археолошки истражувања кои се работат во континуитет со години наназад и за кои имаме значителна сума средства, но и за одржување на самиот локалитет.  Значи, за Хераклеа во однос на средства од Министерството и од овие два гранта сме максимално задоволни и генерално од програмата, бидејќи тие средства се повисоки од минатогодишните, така што во принцип сите значајни проекти се финансирани се надевам до конечна нивна реализација, односно заокружување“, вели директорката на Битолскиот завод и музеј Мери Стојанова.

 Музеј на отворено

Античкиот локалитет Хераклеа Линкестис-Битола, со решение од 1950 година, е прогласен за споменик на културата од прва категорија, со исклучително и универзално значење. Тој зафаќа површина од околу 4 хектари, од кои 1300 метри квадратни се мозаични површини. Од Заводот и Музеј Битола посочуваат дека се истражени и презентирани пред јавноста повеќе објекти меѓу кои портик на судница од римско време (2 в.н.е.), терма и театар од римско време (2 в.н.е.), епископска резиденција од ранохристијанското време (4 до 6 век), мала базилика од ранохристијанското време (4 – 6 век), голема базилика од ранохристијанското време (4 – 6 век), градска чешма од времето на Јустинијан (562 година).

„Со грижата, негувањето, чувањето, презентирањето, систематското археолошко истражување, континуираната заштита, конзервацијата на архитектурата и ревитализацијата на Римскиот театар, оживувањето на Хераклејските вечери, нејзината посетеност со бројки кои достигнуваат над 50000 посетители, Хераклеа се вбројува меѓу ретките музеи на отворено. Богатиот археолошки материјал од досегашните истражувања како репрезент на античкиот период од ова поднебје во најголема мера презентиран е во археолошката поставка на Битолскиот музеј како и во археолошката поставка во самиот локалитет Хераклеа“, посочуваат од Битолскиот музеј. (Д.Т.)