Историска поддршка за земјоделството или кратење на парите за домашните компании?!

20

Продолжува комиската расправа за предлог-буџетот за 2025 година, но и препукувањата меѓу опозицијата и власта околу тоа за што ќе се трошат парите од државната каса. Од опозицијата обвинуваат дека власта на Христијан Мицкоски во предложениот Буџет за 2025 година ги намали парите за поддршка на домашните компании од 340 на само 220 милиони денари. Од владејачката партија буџетот го оцени како развоен кој ќе донесе енергија и напредок во сите сектори на општеството, особено во земјоделство.

– Новиот државен буџет за 2025 година ќе донесе енергија и напредок во сите сектори на општеството, но особено за столбот на нашата економија – земјоделството каде што поддршката ќе биде историска. За првпат, буџетот за земјоделство се зголемува за 13%, а издвоените средства за програмата за земјоделство и рурален развој се зголемени за неверојатни 284%! Дополнително, капиталните инвестиции се зголемуваат за 102%, изјави Малиша Станковиќ, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Преку поддршка за модернизација и вложување во современи технологии, механизација, подобри услови за производство и пласман, ќе покажеме дека земјоделството е во нашиот фокус – рече тој.

Станковиќ смета дека предлог-буџетот за 2025 е силен индикатор дека Владата е подготвена да стои цврсто зад секој земјоделец, со навремено исплаќање на субвенциите и сите програми за поддршка.

– Индикатор за партнерство со земјоделците, за заедничка работа, за да бидат слушнати и разбрани. Верувам дека новиот буџет и идната соработка ќе донесе подобар живот за секој еден во руралните средини, повисоки приходи за секое семејство и посигурна иднина за сите – рече тој.

Од друга страна, пак опозициската СДСМ во повеќе наврати обвинија дека домашните компании се оставени на цедило и оти во буџетот има пари само за странските.

-Оваа политика на запоставување на домашните компании и фаворизирање на странските ги става македонските работници во подредена позиција, води кон економска нееднаквост и ниски плати. За компаниите кои вработуваат 80 отсто од сите вработени во државата, Власта на Мицкоски предвидува помалку пари, а оние кои го носат профитот надвор повеќе. Ова не е фер пристап кон домашните компании и кон работниците во овие компании, обвинија од СДСМ.

Од партијата обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ја враќа земјата на старата неефикасна и несоодветна политика која ги игнорира домашните компании и ги става странските во предност.

-Поддршката на домашните компании кои го носат развојот на нашата држава е еден од клучните аспекти. Нашата економија може да напредува само ако ги ставиме интересите на домашните компании и работници на прво место, се наведува во партиското соопштение.

Во Собранието продолжува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, која ќе трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.