1.500 војници од Северна Кореја пристигнаа во Русија, соопшти денеска јужнокорејската безбедносна агенција, по што јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол свика итен безбедносен состанок и порача дека меѓународната заедница мора да одговори „со сите расположливи средства“.
Јужнокорејските медиуми објавија, повикувајќи се на анонимни извори од безбедносните служби, дека Северна Кореја може да испрати до 12.000 војници во Русија, јавува Би-Би-Си.
На денешната средба во Сеул присуствуваа клучни претставници од Канцеларијата за национална безбедност, Министерството за одбрана и Националната разузнавачка служба, соопшти кабинетот на Јун.
Учесниците одлучија да не ја игнорираат ситуацијата и заеднички да одговорат со меѓународната заедница, користејќи ги сите расположливи средства, се вели во соопштението по средбата.
Претходно оваа недела рускиот претседател Владимир Путин го претстави нацрт-законот за ратификација на воениот договор со Северна Кореја, кој предвидува дека двете земји ќе си помагаат меѓусебно доколку бидат нападнати.
Безбедносната агенција на Јужна Кореја објави дека севернокорејските војници се обучуваат во руските бази во Владивосток, Усуријск, Хабаровск и Влаговешенск.
Објавени се и фотографии од воздух од Усуријск и Хабаровск, каде, како што велат, се собрани стотици севернокорејски војници, а објавени се и фотографија од севернокорејското пристаниште Чонџин, каде наводно може да се види руски брод со севернокорејски војници.
Се додава дека е откриено дека Северна Кореја испратила 13.000 бродски контејнери со гранати, проектили и противоклопни проектили во Русија од август и тврди дека се испорачани дури осум милиони гранати од 122 и 152 милиметри.
Воени експерти сметаат дека руската армија ќе има многу проблеми да ги вклучи севернокорејските војници во акциите на фронтот, бидејќи покрај јазичната бариера, севернокорејската армија нема искуство во борбени операции.
Тие би можеле да чуваат делови од руско-украинската граница, што би ги ослободило руските единици да се борат на фронтот, а јас би ја исклучил можноста тие веднаш да се појават на линијата на фронтот, изјави Валери Рјабих, уредник на украинското издание Defence Express.
Exclusive – Newly obtained footage from Russia’s Sergievsky Training Ground showing North Korean troops being outfitted in Russian gear in preparation for deployment to Ukraine. pic.twitter.com/01Z4jZIiOe
— SPRAVDI — Stratcom Centre (@StratcomCentre) October 18, 2024