Апостол Симовски
Директор на Државен завод за статистика

Иако требаше да добие зелено светло уште во февруари, законот за попис заглави на Илинденска и никако да помине на владина седница. Дали пролонгирањето на неговото донесување значи дека Заев и Ахмети не можат да се договорат, со оглед на политичката ситуација во земјава? Дали и пописот кој е статистичка операција, ќе стане предмет на политички договор?

– Донесувањето на законот за попис заглави поради некои технички проблеми, кои според моите информации сега се надминати. Очекувам дека веќе во вторник законот да се најде на владина седница и истиот да биде усвоен. Проблемот не беше само самиот закон и недоразбирањата кои ги имало, овој период беше мошне интензивен и од други работи, имавме претседателски избори. Во текот на кампањата наша беше иницијативата законот да не биде на дневен ред за да не се злоупотреби во политичката кампања, и сега во вторник очекувам да биде усвоен без никаков проблем.

Можен ли е попис без политички притисоци,последниот заврши неславно, а нов е неопходен, имајќи го во предвиди притисокот од страна на Европската Унија, која бара од земјите-кандидатки да утврдат точен број на населението и домаќинствата?

-Пописот, пред сè, е потребен за нас во државата. Ние веќе 17 години немаме податоци од попис, и кој било субјект во државата не може да носи развојни планови и стратегии без податоци. Ние тие податоци  ги немаме, а се многу битни за државата и за развојните планови кои ги носии не може ништо да планирате и да спроведете ако немате квалитетни информации. За жал, ние сега ги немаме тие информации така што пописот ни е нам неопходен. Секако, треба да се имаат податоци и на глобално ниво за населението и неговата структура и овие податоци се потребни не само на ЕУРОСТАТ туку и на Обединетите нации.

Велите дека податоците за етничката припадност немаат никаква употребна вредност, а секогаш се подлога за политизација на целиот попис. Дали не сметате дека на тој начин трајно би се избришала цела нација?

– Податокот за етничка припадност е израз на чувство, не е нешто што е фиксно и што е документирано. Нашиот предлог да се испушти овој белег во пописот во 2020 година е токму за да спречиме какво било политичко влијание врз целата операција. Знаеме дека во 2011 година пописот пропадна токму поради политичките влијанија и сега сакавме да ја елиминираме оваа  можност. Го дадовме овој предлог, за жал, јавноста реагираше спротивно. Етничката припадност има некаква употребна вредност во демографската наука, меѓутоа нема клучна улога. Пописот, пред сè, служи за оние кои носат и спроведуваат развојни планови да имаат информации и елементи врз основа  на кои ќе ги носат стратегиите – целта е пред сè економски и социјален развој. Овој белег – за етничката припадност нема голема влијание и улога во овој дел, но јавноста реагираше и ние го прифативме мислењето на јавноста и овој белег ќе биде вклучен во пописот.

Најавен за април 2020 години, уште виси донесувањето на пописот, дали мислите дека и овојпат доцниме, со оглед на тоа што некои земји се подготвуваат од 2017 за попис во 2020 година и можно ли е идната година да има ново пролонгирање?

– Недонесувањето на законот не значи дека ние не се подготвуваме за пописот. Овој пат ќе примениме еден метод кој досега не е применет во нашата држава, тоа е т.н. комбиниран метод кој подразбира истовремено попишување и на терен, но и користење на податоци кои се наоѓаат во некои регистри. Досега имаме идентификувано шест регистри кои имаат белези кои нам ни се битни. Предноста на овој метод е тоа што обезбедува точни податоци за лицата кои се наоѓаат во тие регистри. Тие се сите документирани и не мора да проверувате дали е нешто точно, белези кои ние ги вклучуваме во пописот, а се битни. Кога се дава изјава точноста секогаш се става под знак на прашање, бидејќи е изјава и не се потврдува со ниту еден документ – не дека некој би лажел туку дека може и да погреши. Кого било и да прашаме за занимањето што го извршува ќе ни даде општ одговор, нема детален и точен одговор кој ние го бараме во пописот, а со регистрите има точни податоци.

Во изминатите пописи проверката на податоците траеше речиси цела година, а со комбинираниот метод се скратува времето на обработка на податоците и очекуваме дека за три-четири месеци ќе ги имаме резултатите од пописот што никогаш досега не се случило, секогаш сме чекале најмалку една година

Добиваме на квалитет на податокот и на брзина, попишувачот веќе не мора да прашува сè што е во пописниот прашалник бидејќи веќе ќе има одговори на дел од тие прашања. Уште една новина која ќе ја примениме во пописот в година е тоа што веќе нема да одиме со хартиени прашалници, туку попишувачите во домаќинствата ќе одат со лаптопи на терен и прашалниците ќе бидат во електронска форма. Овој електронски прашалник во себе ќе ги има вградено сите контроли и каква било грешка да се направи во текот на попишувањето нема да има можност да се внесе тој податок – туку ќе мора да се коригира на лице место каде што е испитаникот и каде што ќе може да се даде конкретен одговор. Во изминатите пописи проверката на податоците траеше речиси цела година, а со комбинираниот метод се скратува времето на обработка на податоците и очекуваме дека за три-четири месеци ќе ги имаме резултатите од пописот што никогаш досега не се случило, секогаш сме чекале најмалку една година за да ги добиеме конечните резултати и тие по една година веќе стануваат историски и се стари нерелевантни податоци. Вака ќе имаме резултати многу порано и со многу подобар квалитет.

Со години коментираме дека избирачкиот список е обемен и неговото прочистување е проблем пред секои избори, односно секогаш во него има повеќе запишани гласачи, а немаме толку население. По пропаднатиот во 2011 година , сметате ли дека требаше да се преброиме многу порано?

– Податоците од пописот можат да се користат само за статистички цели, не може личните податоци да се користат за некакви административни потреби. Ниту една институција во државата не може да ги добие личните податоци од попис за да коригира евентуално некои свои бази на податоци, во случајов избирачкиот список. Тоа е забрането со закон, никогаш не се случило и нема да се случи, па мора да се направи разлика меѓу овие две работи – избирачкиот список и податоците од пописот. Тоа што бројот на лица што се запишани на избирачкиот список е поголем од бројот на полнолетни граѓани што се евидентирани на пописот е сосема нормална работа.

42% излезност во прв круг претседателски избори, едвај 48% во вториот круг. На што, според вас се должи ниската излезност на претседателските избори?

-За жал, не само Република Северна Македонија туку и целиот Балкан е едно емиграционо подрачје, и овој емиграционен процес не е од денес и од вчера, туку трае веќе два века, па целиот овој регион е подложен на овој процес и постојано ги има. Факт е дека последните  десетина години, за жал, се интензивираат овие процеси, ние губиме население кое постојано се иселува, и проблем на државата е што нема начин како тоа да се евидентира, бидејќи секој што се иселува од државата треба да го одјави своето живеалиште, а тоа никој не го прави. А не го прават од едноставни и разбирливи причини – никогаш не сте сигурни дали таму каде што сакате да заминете ќе успеете, секој остава некоја резерва и се плаши да не изгуби одредени имотни права од државата. Државата не наоѓа механизам како да се евидентираат иселувањата. Јас искрено се плашам за податокот кој ќе излезе од пописот, колкав број на население ќе имаме во земјата. Не можам да предвидувам колку ќе бидеме, но искрено сум загрижен дека ќе биде далеку помалку од она што во моментов го имаме како некаков податок.

Спремна ли е Република Северна Македонија да се соочи со бројката колку вкупно население има кое живее постојно во земјава?

– Се надевам дека резултатите од пописот ќе ги натераат оние што ги креираат развојните политики во државата да се замислат зошто е тоа така и зошто иселувањето е масовно. Не очекувам дека ќе се стопира таа емиграција – тоа е глобален тренд секаде во светот, населението станува многу мобилно, искрено  сакам барем  да се ублажи тој тренд и да се овозможат услови оние што заминале да се вратат. Се надевам искрено дека податокот од пописот ќе не натера конечно сериозно да се размислува на оваа тема.

Во изминатиов период, се почесто се шпекулира со евентуални предвремени избори. Доколку се распишат, можно ли е одложување на пописот?

– Попис и избори дефинитивно заедно не можат да се спроведуваат и терминот в година во април е намерно избран за да се избегне ваквото поклопување. Сега имавме редовни претседателски избори, в година во декември ќе има редовни парламентарни избори, а терминот април 2020 година е избран за да не се злоупотреби пописот во изборната кампања и обратно, да се ограничи што е можно повеќе политичкото влијание врз пописот.

Што е за вас легитимен попис – дали да се избројат жители на една држава кои постојано живеат во неа, а не нејзините државјани. Ќе дозволите ли да се попишат и оние кои подолго од 6 месеци не живеат во државата?

– Легитимен е оној попис што ги  задоволува стандардите што ги пропишуваат Обединети нации што важат за сите држави во светот и тоа мора да ги почитуваат сите држави во светот. Ние нема да отстапиме ни милиметар од тие стандарди и затоа нема причина да не бидат валидни тие податоци. Дефинитивно државјаните и резидентното население се две различни категории,  вие можете да бидете државјани на една држава а никогаш да не сте живееле таму и да стекнете одредени права, и тоа не е фактор кој што битен за пописот. Оние што живеат повеќе од една година надвор од државата не треба да влезат во категорија резистентно население, согласно дефинициите на Обединетите нации, меѓутоа ние сакаме да имаме информација за овие луѓе, да знаеме колку се – каде отишле и од кои места во државава си заминале. Исклучително ни се потребни овие податоци и ние ќе ги евидентираме со пописот. Ќе попишуваме и странци кои престојуваат во Македонија, независно дали се тука една или пократко од една година.

Шест години Обвинителството за организиран криминал водеше предистражна постапка за причините поради кои пропаднал пописот во 2011 година, а случајот не дојде ни до фаза на истрага. Предметот сега е префрлен во Специјалното јавно обвинителство, а Поранешниот премиер обвини за обид за фалсификат за претходниот попис без конкретно да се посочи фалсификаторот? Спремни ли ста сега  да се соочите во вакви предизвици?

– Главниот виновник за пропаѓањето на пописот во 2011 година не е политика, туку Заводот за статистика, затоа што дозволи политиката да се вмеша во пописот. Ние како овластена статистичка институција мора да ги преземеме сите мерки да не и дозволиме на политика да се меша во било кој сегмент од пописот, а политиката секогаш има намера и желба да се вмеша во пописот. Наше е да се заштитиме. Тврдам дека Заводот за статистика тогаш не ги презема сите потребни мерки тоа да се случи.  Тогаш пописот го спроведуваше некаква си државна пописна комисија, политичко тело кое што го формираше владата. Со тоа ширум ги отворивме портите за политиката да влезе во пописот. Затоа сега сум спремен да ја носам таа одговорност и јавно кажувам дека во 2011 година е наша вината.Сега овој попис нема да го спроведува никаква комисија туку Заводот самостојно, а ќе ни помогнат многу  и податоците што ги собравме од регистрите.

Јованка Царулеска Груевска