Рускиот претседател Владимир Путин, ги отфрли тврдењата на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, дека намерно се обидел да ја заплаши со својот лабрадор за време на нивната средба во Сочи во 2007 година.
„Искрено кажано, и ова веќе и го кажав на Меркел – не знаев дека се плаши од кучиња. Да знаев, никогаш немаше да го сторам тоа. Напротив, сакав да создадам лежерна, пријателска атмосфера. Дека се плашела од кучиња дознав дури подоцна“, истакна Путин одговарајќи на новинарски прашања.
„Сега разговараме, сето тоа ќе биде медиумски, па би сакал уште еднаш да и се обратам: Ангела, прости ми, не сакав да те вознемирам, напротив, сакав да создадам позитивна атмосфера за нашиот разговор. Ако некогаш дојдете повторно, иако разбирам дека тоа е малку веројатно, но сепак – нема да го сторам тоа.
Меркел го опиша настанот во своите мемоари
Меркел во своите мемоари нагласи дека Путин намерно го користел својот лабрадор за да ја заплаши и дека знае за нејзиниот страв од кучињата. Таа опиша како Путин дозволил неговиот црн лабрадор Кони да и пријде за време на фотосесија.
“Се обидов да го игнорирам кучето иако тоа повеќе или помалку се движеше веднаш до мене. Ги толкував изразите на лицето на Путин како да ужива во ситуацијата. Дали ова беше мала демонстрација на моќ? Само се обидов да останам смирена, да се концентрирам на фотографите кога заврши, не му кажав ниту збор на Путин“, рече Меркел.
Таа истакна дека инцидентот се случил и покрај експлицитните барања на германскиот дипломатски персонал да го чува кучето подалеку. Таа додаде дека Путин ја покажал својата свесност за нејзината фобија една година порано со тоа што и дал плишано куче во Москва. Стравот на поранешната канцеларка од кучиња произлегол од трауматичен настан на почетокот на 1995 година, кога беше касната од куче.