Изложбата е една паралела што ја правам меѓу „Magna Mater“ (Големата мајка), артефакт што доаѓа од нашето наоѓалиште Тумба Маџари, во кое е пронајден и е посветен на мајката како есенцијална материја за постоење. Моите форми се овални, а токму таа овална, кружна форма нè потсетува на мајка…“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР, Ефтимовски чии скулптури се поставени во паркот пред Културно информативен центар во Скопје

Во Кул-паркот (простор пред Културно информативен центар) во Скопје, од вчера можат да се видат интересни скулптури, кои веднаш привлекоа внимание не само кај љубителите на уметноста, туку и кај случајните минувачи. Овие дела, изработени од македонскиoт уметник Александар Ефтимовски, се дел од изложбата насловена „Magna Mater“ (Големата Мајка). Јавноста има можност до 4 ноември да види 13 дела во голем и галериски формат од материјали како што се челик, мермер и други типови камен. Интересно е што повеќе од 25 негови монументални дела, се поставени и низ различни градови од светот.

„Изложбата ја поставив на отворено бидејќи сакам да ги претставам делата надвор од галеријата којашто овозможува посета само во одредено време. Вака на отворено тие можат да се видат и преку ден и преку ноќ и не треба да се чека некој да го отвори изложбениот простор. Исто така, галеријата ја посетуваат само одредена група на посетители, додека надвор секој случаен минувач може да ја разгледа“, ни кажа уметникот Ефтимовски за причината своите дела да ги претстави токму под отворено небо.

Инаку, за 13-те скулптури, тој посочува дека повеќето се изработени од челик, а останатите од различен вид на камен, меѓу кој прилепски бел мермер, син гранит од Кореја, црвен песочен од Германија, базалт од Украина… Железните скулптури, пак, се третирани на различен начин и затоа имаат и различни нијанси на ’рѓа. Делата, како што вели, се создавани повеќе години, претежно последните три, поголемите за различна намена, а помалите конкретно за оваа изложба.

Инаку, како што пишува и во самиот каталог за оваа изложба, ‘Магна Матер’ длабоко навлегува во безвременскиот и универзален концепт на мајката како исконска сила на создавањето, претставувајќи истражување на мајчинството надвор од неговата биолошка функција. Изложбата произлегува од античките приказни кои ја чествуваат ‘Големата мајка’ како основа на целиот живот, гледајќи ја неа не само како давател на живот, туку и како потекло на сета материја и енергија. ‘Магна Матер’ ги повикува гледачите да размислуваат за мајчинството како филозофска и симболична сила, поврзувајќи ја улогата на мајката со самата смисла на постоењето.

„Изложбата е една паралела што ја правам меѓу „Магна Матер“ (Големата мајка) артефакт што доаѓа од нашето наоѓалиште Тумба Маџари каде што е пронајден и е посветен на мајката како есенцијална материја за постоење. Моите форми се овални, а токму таа овална, кружна форма нè потсетува на мајка. Ако за неолитските луѓе, тој артефакт претставувал возвишување на мајката како примарна материја,  јас го базирам моето творештво на материјата, на материјалот. Сакам да играм со материјалот, да го разберам неговиот состав, како настанал низ милениумите наназад и како се обработувал и третирал за да биде со различни нијанси“, објаснува за весникот ВЕЧЕР Ефтимовски.

Инаку, веќе во декември Ефтимовски во Оман ќе изработува скулптура со големина од два метра од омански бел мермер, а во 2026 година во близина на Лондон ќе има и изложба на скулптури создадени од челик.

Александар Ефтимовски кој е роден во Скопје, своите ликовни основи ги стекнува во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, а потоа  заминува на додипломски студии на Ликовната академија во Фиренца, Италија, каде се запознава со скулптурата како форма на израз. Неговата љубопитност го носи и на Академијата за ликовни уметности во Карара, Италија, светски познатиот центар на скулптурата во мермер поради неговата локација опкружена со мермерни планини. За време на студирањето и после студиите тој учествува на многу меѓународни групни изложби, фестивали и симпозиуми на скулптура. (Д.Т.)