Револуционерната гарда на Иран објави дека 90 отсто од ракетите што Иран ги лансираше вечерва против Израел успешно ги погодиле нивните цели.
Во соопштението објавено на државната телевизија, се наведува дека нападот бил насочен кон воздушни и радарски бази, како и врз безбедносниот апарат кој планирал да убие високи претставници на Хамас и Хезболах, пренесува Тајмс оф Израел.
Се наведува и дека Иран има право да се брани според меѓународните прописи.
Иранската телевизија прикажа и снимки од лансирање ракети од неидентификувани локации во Иран.
„Тајмс оф Израел“ пишува дека иако стотици проектили биле лансирани од Иран, само две лица во Израел биле полесно повредени од шрапнели во Тел Авив, додека еден Палестинец бил убиен од шрапнели во близина на Ерихон на окупираниот Западен Брег.
Низ Израел се идентификувани бројни места на ракетни напади, а на социјалните мрежи кружат фотографии од фрагменти од ракети.
Израелските одбранбени сили забранија објавување на точните локации на овие напади, пренесува порталот.
Иран вечерва првпат ја употреби хиперсоничната ракета „Фатах“.
Корпусот на гардата на Исламската револуција објави дека за прв пат користел хиперсонични ракети Фатах. Оваа ракета беше претставена во 2023 година, додека во ноември 2022 година Иран за прв пат објави информација за создавање хиперсонична балистичка ракета.