Контроверзниот ирански закон за начинот на облекување во државата не може да стапи во сила неделава, како што беше планирано, затоа што не доби потпис од претседателот Масуд Пезешкијан. Тој за време на претседателските избори во јули, како кандидат вети дека нема да се меша во личните животи на Иранките, а овој закон го нарече двосмислен. Но, тој сега не е повлечен, туку ставен на пауза од Советот за национална безбедност.
Со Законот за чедност и хиџаб, што го донесе тврдокорниот ирански парламент, а го одобри Советот на чувари значително се заоструваат правилата за облекување, кои веќе предизвикаа протести низ целата земја и ја разнишаа стабилноста на исламистичкиот режим. За оние кои нема да ги почитуваат и кои ќе ги исмеваат новите правила предвидени се до 15 години затвор. Исто така, со законот се бара од компаниите да го пријават секој што ги прекршува правилата.
За примена на построгите казни за прекршување на хиџабот и носење несоодветна облека има тригодишен пробен период. Правилата за облекување важат и за жените и за мажите. Непристојната облека се дефинира како облека што го открива телото под вратот, над глуждовите и подлактиците за жените, додека за мажите е забрането изложување на телото под градите и над колената, како и рамената.
Претседателот Масуд Пезешкијан, критичар на строгите кодекси на облекување изрази противење на законот. Неговото потпишување на закони е главно церемонијално, што му дава малку простор да ја блокира примената. Сепак, Пезешкијан на социјалните мрежи призна дека ќе биде тешко да се запре законот.
Дебатата за хиџабот во Иран е многу присутна, а минатата недела дополнително се разгоре со апсењето на пејачката Парасто Ахмади, која одржа концерт на Јутјуб без хиџаб.
Во текот на изминатите две години, многу млади Иранки пркосно го симнаа својот хиџаб во јавноста, предизвикувајќи го авторитетот на владата. Минатата недела, повеќе од 300 ирански активисти за човекови права, писатели и новинари јавно го осудија новиот закон за хиџаб, нарекувајќи го „нелегитимен и неприменлив“ и го повикаа Пезешкијан да ги почитува своите предизборни ветувања.