Големите луѓе имаат само ден на раѓање, но не и ден на умирање. Тие живеат вечно во спомените, во сеќавањата… Деновиве се навршуваат три години откако замина основоположникот на првото приватно високо образование во Македонија, проф. д-р Бојо Андрески, кој остави голема трага во повеќе сфери во општеството – образованието, политиката, бизнисот, медиумите… Неговите креативни дела и акции, големи и успешни потфати што ги остави зад себе, ќе бидат паметник за идните генерации низ кои вечно ќе живеат неговото име, неговиот благороден лик.
Професорот Андрески е човекот што ги постави темелите на Европскиот универзитет Скопје и го врати весникот ВЕЧЕР на пиедесталот на традиционалните медиуми. Беше познат и признат стопанственик, научник, професор, патриот, активист, бидејќи повеќе од три децении беше активно присутен во јавниот живот на земјата, со своите импресивни достигнувања и со својот енергичен ангажман. Освен во образованието и во медиумите, професорот Андрески беше активен и во многу хуманитарни и донаторски акции.
Историјата на образованието и особено историјата на високото образование ќе забележи дека токму со одлучноста, храброста и промисленоста на проф. д-р Андрески, во рамките на Европскиот универзитет се формирани и Факултетот за стоматологија, како епохален чекор во областа на здравствените науки и Универзитетскиот стоматолошки клинички центар, кој го носи неговото име, со врвна технологија и најблагородни услови за потребите на пациентите.
Роден е во македонско традиционално семејство, во срцето на Македонија, во селото Здуње, Општина Македонски Брод, на 3 јули 1959 година, на големиот верски христијански празник посветен на свети Наум Охридски. Периодот на младоста го поминува во Скопје, исполнет со планови, желби и стремеж да се образува, да придонесува во фамилијата и во општеството. Тие години на стекнување стручност и работа се време на размислување, собирање храброст и самопочит за излегување и дејствување на поширокиот мегдан на животот. Тоа подоцна се остварува со својата работа во тогашната народна армија, во која се владее од високите професионални и етички стандарди на офицерската професија. Истовремено, со фасцинантен елан, со тивка и долгорочна упорност го унапредува своето ниво на образование и стекнува дипломи од две високообразовни институции – Воената академија во Белград и Економскиот факултет во Суботица.
Се стекна, на два пати, со највисокиот степен и звање во научната сфера, со одлично одбранети два доктората, и тоа првиот од областа на правните и политичките науки и вториот од областа на економските науки.
Своите идеи, визии, трајно втемелена енергија и широки погледи со глобални димензии и вредности ги вградува во ексклузивниот потфат за отворање сопствена приватна високообразовна институција. Огромен предизвик во дадените општествени, политички и образовни услови, со цели планини од пречки и сопнувања, со апсолутно нерасчистен терен и менталитет дека тоа нема и не може да успее.
Професорот Андрески беше познат и прифатен како мудра и ведра личност, со расположение да му помогне секому и во секое време, за кое и да е прашање и потреба. Ќе остане запаметена неговата визионерска порака: „Сè додека се следи и поттикнува индивидуалниот прогрес на студентите, тие се охрабрени да чекорат по патот на сопствениот развој, затоа што учењето е сила, најголема од сите други сили во светот. Токму затоа нашето мото е ‘Ние постоиме за вас’”.
Денеска, кога одбележуваме и 60 години од првиот број на весникот ВЕЧЕР, со гордост се потсетуваме на големиот човек, кој со своевидна пожртвуваност, а воден од патриотски причини, го презеде во својот бизнис-свет и дневниот весник ВЕЧЕР и му овозможи и денес да биде фактор во медиумскиот простор во Македонија. Постапуваше крајно професионално, никогаш не се мешаше во уредувачката политика на весникот, но затоа секогаш беше тука за сите новинари да им даде поддршка во тешките времиња за новинарската фела.