Непознат сторител денеска влегол во пристапниот простор за посетители во Палатата на романскиот парламент во Букурешт и предизвикал пожар. Истурил бензин и го запалил, јавува романската телевизија Диги24.
Спасувачките екипи евакуираа околу 300 луѓе од зградата додека пожарникарите го гаснеа пожарот. Еден од вработените добил напад на паника откако бил испрскан со гориво. Тој наводно работел во продавницата за подароци на приземјето каде што избувнал пожарот.
Полицијата се обидува да идентификува маж за кој се верува дека ја напуштил зградата. Се уште не е јасно како осомничениот успеал да влезе во зградата со запалива материја. Еуроњуз Романија пишува дека првиот безбедносен филтер се наоѓа во внатрешноста на зградата, но сторителот успеал да предизвика пожар пред да стигнат до него.
Локалните пожарникари потврдија дека интервенирале и го изгаснале пожарот.
„Пожарот избувнал во собата за посетители, на површина од 30 метри квадратни. Изгорени се текстил и канцелариски предмети. Од настанот нема повредени“, соопштија оттаму.