Инфлацијата ќе се топи, граѓаните ќе може да здивнат од поскапувањата?

За првпат по подолго време, трошоците за живот во јуни во однос на претходниот месец се намалени за 0,3 отсто. Дел од експертите се оптимисти и предвидуваат дека ова е добар знак и дека ќе продолжи да се намалува инфлацијата во наредниот период. И покрај тоа што инфлацијата на годишно ниво сè уште е висока и изнесува 3,2 отсто, сепак очекувањата се дека во периодот 2025-2028 година таа ќе се намали и ќе изнесува меѓу 2 и 2,5 отсто

5720

За првпат по подолго време, трошоците за живот во јуни во однос на претходниот месец се намалени за 0,3 отсто. Дел од експертите се оптимисти и предвидуваат дека ова е добар знак и дека ќе продолжи да се намалува инфлацијата во наредниот период. Но, според статистиката, инфлацијата на годишно ниво сè уште е висока и изнесува 3,2 отсто, а и цените се повисоки во однос на јуни лани за 4,1 отсто. Сојузот на синдикати пресмета дека минималната потрошувачка кошничка во јуни изнесувала 60.325 денари и е зголемена за 235 денари, споредено со минатиот месец. Само за храна и за пијалаци во јуни на едно семејство му биле потребни 21.952 денари, што е 36,4 проценти од вкупната минимална кошничка.

Од друга страна, пак, анализа на Државниот завод за статистика покажува дека во последните три години граѓаните трошат речиси 70 проценти само на храна, облека, домување и покуќнина.

Бројките покажуваат дека во последните три години, најголем дел од трошоците на домаќинствата се за покривање на потребите за храна. Па така, ставката храна и безалкохолни пијалаци во 2021 година опфаќала 47,1 процент, а во 2022 година, кога имавме најголем пораст на цените на прехранбените производи, оваа ставка достигнала 51,1 отсто. Додека во текот на минатата година, трошоците на домаќинствата за храна се намалиле и опфатиле 50,1 процент од примањата.

Сепак, економистите се оптимисти дека работите почнале да се движат кон подобро, што влева оптимизам и кај граѓаните дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува.

– За да се намали инфлацијата, потребно е усогласување на монетарната и на фискалната политика. Кај нас почна да се прави такво усогласување, но сè уште имаме инфлација, која е увезена, односно увезуваме енергенси, горива, суровини, чии цени влијаат на инфлацијата. Влијанието од владините политики во моментов може да се оцени како позитивно, но сè зависи од тоа како ќе се одвиваат работите понатаму, односно какви ќе бидат надворешните фактори што ќе влијаат врз домашната инфлација – изјави за весникот ВЕЧЕР универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Според него, големо влијание врз намалувањето на инфлацијата имаат сезонските движења, како што е случај со цените на овошјето и на зеленчукот, како и односот на понудата и на побарувачката.

– Сè уште е рано да се прогнозира, бидејќи монетарната политика сè уште држи високи камати на кредитите, што позитивно влијае на намалувањето на инфлацијата, но долгорочно може да има негативен ефект. Од друга страна, и фискалната политика не може многу да се олабави, бидејќи буџетот ќе биде празен. Затоа е потребно внимателно усогласување на монетарната и на фискалната политика, од што ќе зависи понатамошното движење на инфлацијата – појаснува Пејковски.

Сепак, тој е оптимист дека економијата ќе се подобри, а инфлацијата ќе падне на некоја прифатлива стапка.

И економскиот аналитичар Синиша Пекевски е оптимист, но смета дека сè уште е рано да се дадат конкретни прогнози за движењето на инфлацијата, но она што е позитивно е што веќе почнаа да се преземаат мерки во таа насока.

– Сè уште не може да ги видиме мерките што ги презема Владата во таа насока за да донесеме заклучоци. Добро стартуваа, но тоа не значи дека нема да се соочат со предизвици. Очекувам изборите во САД да покажат во која насока ќе се движат работите на глобална основа, што, секако, ќе влијае врз нашата економија. Не знаеме дали ќе ескалира ситуацијата во Украина, можна е војна во Либан, сето тоа може да предизвика раст на цените на енергенсите, нафтата, суровините… што ќе влијае врз инфлацијата кај нас – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, исто така очекува дека добрата координација на монетарната и на фискалната политика, заедно со одржувањето умерен буџетски дефицит и стабилност на девизниот курс, ќе придонесе за намалување на инфлацијата, која се очекува да изнесува меѓу 2 и 2,5 отсто на годишно ниво, во периодот 2025-2028 година.

(А.С.)