Интер доби ултиматум од Ванда Нара

57

Најтиражниот спортски весник во Италија, “Газета дело Спорт”, откри неколку детали од преговорите помеѓу Ванда Нара, сопругата и агент на Мауро Икарди, и раководните лица на калчо гигантот Интер.

До пред десет дена, Аргентинецот беше капитен на “нероазурите”, но поради се уште неразјаснети причини, 26-годишниот напаѓач ја загуби капитенската трака. Постојат неколку причини поради таквата ситуација – кокетирањето со Јувентус, конфликтот со тимските колеги и однесувањето на неговата сопруга во медиумите.

“Газета” откри дека Интер има добиено ултиматум од атрактивната блондинка. Ванда прво сака калчо гигантот да му се извини на Икарди, а потоа да му ја врати капитенската трака.

  • Ако не го направите тоа, Мауро никогаш повеќе нема да игра за Интер, гласела пораката на Нара.

Пред неколку дена, претседателот на Интер, Стивен Жанг изјави дека не постои ниту теоретска шанса, Икарди да биде продаден на големиот ривал од Серија А.

  • Во фудбалскиот свет не можеш да кажеш дека никогаш нема да преговараш со Јувентус, но во овој конкретен случај јас ќе кажам дека нема ниту теоретски шанси Икарди да биде продаден на Јуве. Ние преговараме околу продолжувањето на соработката, но нашата филозофија е дека тимот е поважен од поединецот. Нашиот летен преоден рок ќе биде далеку подобар од претходниот, изјави Жанг.