-По тоа што слушам не верувам дека ќе помине интерпелацијата. Поголемите партии коишто се коалициски, тие што се во Владата, во мнозинството нема да ја изгласаат. Ќе биде неуспешна, меѓутоа ќе има шанса за спектакл од тие што се во опозиција, изјави вчера Арбен Таравари
Коалицијата Вреди смета дека предлогот за разрешување на собранискиот спикер Африм Гаши нема да помине. Ова денес го изјави Арбен Таравари од коалицијата Вреди, која е дел од владејачкото мнозинство и од чии редови е собранискиот спикер. Интерпелација на Гаши побара опозициската Левица, а Собранието минатата недела ја стави на дневен ред на седницата закажана за 3 септември.
-По тоа што слушам не верувам дека ќе помине. Поголемите партии кои се коалициски, тие што се во Владата, во мнозинството нема да ја изгласаат. Ќе биде неуспешна, меѓутоа ќе има шанса за спектакл од тие што се во опозиција, рече Таравари
Пратеничката група на СДСМ неделава ќе има координација на која ќе заземе став околу предлогот за разрешување на Гаши. Оставка од собранискиот спикер, Левица побара по повеќе точки, а интерпелацијата ја поднесе по инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи, кога шефот на неговото обезбедување се закануваше на аеродромското обезбедување да ја пропуштат без да мине пасошка контрола и скенирање на багажот.
Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, главното прашање не е дали ќе ја поддржат интерпелацијата на Гаши, туку зошто по сите инциденти во кој тој учествуваше сè уште ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние во текот на оваа недела ќе имаме координација со пратеничката група и ќе заземеме став. Но главното прашање е зошто ВМРО-ДПМНЕ не почне постапка да се смени собранискиот спикер а во контекст на сите нивни најави и изјави за одговорно работење на кој било функционер на која било позиција. Секојдневно слушаме како премиерот зборува за одговорност, одговорна работа, а министерството за внатрешни работи детектираше и тоа го стави на писмен документ неправилно однесување на собранискиот спикер. Така што падна во вода ветувањето на ВМРО за одговорно владеење, изјави Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, минатата недела изјави дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата на собранискиот спикер. Тој во одговор на новинарско прашање рече дека не гледа причина за негова смена.
– Начинот на кој тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците и се тоа што таму се случува претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник, изјави Мицкоски.
Против смена на Гаши од претседател на Собранието освен владејачката ВМРО-ДПМНЕ, е и нивниот коалициски партнер Вреди.
Интерпелацијата е заснована на седум точки, образложена на десет страници. Во предлогот за разрешување стои дека претседателот на Собранието, Гаши, уште од почетокот на неговото назначување работи, своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално, противзаконски, неуставно и неделовнички.
Собранието оваа точка на дневен ред ја стави минатата недела, само неколку дена по последниот инцидент, во кој учествуваше Гаши кој со службено возило замина на свадба во Косово. За овој случај од МВР одговорноста за неевидентирање на возилото на Гаши и останатите што патувале со него на граничната контрола, е кај раководителот на смена.