Интернетот на земјоделците може да им помогне да ги зголемат приносите и приходите

151

Земјоделци многу слабо ги користат информациите од интернет за да дојдат до поголема заработувачка, поголема конкурентност и да ги намалат трошоците во работењето. Како главна причина за тоа е фактот што македонските ниви ги обработуваат земјоделци, чија просечна старост е 57 или 58 години, а младите не се заинтересирани да се занимаваат со земјоделство.

И агроекспертите сметаат дека покрај земјоделските машини и алати за успешно и квалитетно производство земјоделците треба да ги користат и современите информатички алатки. Интернетот и современите информатички технологии може да им помогнат на земјоделците да разберат како до дојдат до поголема продуктивност, поголема ефикасност и подобри резултати.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделците, Ефтим Шаклев вели дека старосната граница е причина зошто земјоделците не ги користат компјутерите и интернетот за да ги добијат најновите информации што се практикуваат во другите поразвиени земји, како во земјоделството така и во сточарството.

– Ние навистина сакаме да ги користиме и интернетот и другите информации, новата технологија. Меѓутоа, нашите години не го дозволуваат тоа. Ако во фамилијата има некој помлад член, што може да ни направи услуга, ние сме благодарни. Знаете дека сега младите никој не сака од нив да остане на село.

Старите родители остануваат и тие ја обработуваат земјата, додека младите или се во градот или во странство, сега тоа е најнов тренд и затоа немаат многу фајда, од интернетот и од вестите од интернет, вели Шаклев.

Младите не ја сакаат мотиката, па поради тоа, како што вели Шаклев постепено се намалуваат земјоделските површини, кои се обработуваат, а на пасиштата има се помалку стока.

– Ова е навистина голем проблем. Ние веќе почнавме сериозно да се соочуваме со недостиг на работна рака, веќе нема млади работници и не само што нема кој да не наследи, нас постарите земјоделци, туку ако треба и за некои полски работи, да се ангажира работна рака едноставно нема. На пример и во овчарството нема теорија веќе да се најде одгледувач на овци, иако месечните плати спрема нашите услови се прилично високи од 600 до 700 евра. Тоа за нас е добра плата. Но, заинтересирани нема. Секој ден имаме нови информации дека вработените, кои веќе работат даваат отказ и одат во странство, вели Шаклев.

И претседателот на Агробизнис комората, Огнен Оровчанец, е со слично мислење и смета дека покрај примената на современи агротехнички мерки и добра механизација потребно е земјоделците да ги користат и информатичките алати.

– Во современото земјоделство мора да се користат сите сознанија. Самото земјоделство е скап процес и мора да се користат современи агротехнички мерки, добра механизација, како и современи компјутерски техники кои ќе им помогнат на земјоделците да го оптимизираат своето производство, вели Оровчанец.