„Интермецо“ ќе заработи кривична пријава од Општина Центар

1184

По извршените контроли на кафе-барот „Интермецо”, тој повторно продолжил со работа и покрај изреченото решение и забраната за работа од 30 дена.

Како што соопштија од Општина Центар, пломбата поставена на влезот на локалот е отстранета, што согласно членот 389 од Кривичниот законик, претставува кривично дело казниво со парична казна или со затвор до три години.

По добивање на записниците, како што изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, до надлежните органи ќе поднесат кривична пријава за симнување на службен печат.

-Ние неколку пати разговаравме со газдата на „Интермецо“, но очигледно дека тој не ги почитува пропишаните гранични вредности на бучавата. Разговараме и со МВР, дека постапката на отстранување на пломбата е кривично дело и тие треба да преземат мерки во однос на тоа – истакна Богдановиќ.

Инаку, инспекторите на Општина Центар во петокот го затворија кафулето „Интермецо“ во скопската населба Капиштец на 30 дена поради гласна музика. По пријава и континуирани поплаки од страна на жителите на општина Центар, било констатирано дека локалот и правниот субјект „Интермецо“ ги надминал пропишаните гранични вредности на бучава.

(А.П.)