„Уметничкиот медал е редок жанр, но со многу древна историја и историски е поврзан со монети. Има многу скулптори, кои исто така прават медали, но помалку се оние кои се фокусираат на жанрот“, вели за весникот ВЕЧЕР, Надја Розева, чија неодамнешна изложба „Медална скулптура“, во Чифте амам, и презентацијата за овој вид на уметноста предизвика голем интерес кај македонската јавност. „Специјално за публиката во Скопје, подготвив три ниски релјефи во сребрен месинг, на кои се прикажани три погледи на Старата пошта во центарот – фасадата, изгорената купола, гледана однатре и карактеристичен прозорец на фасадата, што е и метафора за гледање во иднината“, додава Розева

Уметницата и дизајнерка Надја Розева, која неодамна имаше своја самостојна изложба „Медална скулптура“ во Чифте амам во Скопје, но и предавања токму за овој вид на уметноста, привлече големо внимание кај македонската јавност, но и пошироко. Нејзината презентација за жанрот на уметничкиот медал беше проследена и од студентите на Европскиот универзитет во Скопје, кои преку работилница се стекнаа со ново искуство во обликувањето на медалот како специфична уметничка форма. Розева, која работи и во областа на дизајнот на накит и продукцискиот дизајн, е студентка на проф. Богомил Николов, кој е добитник на светската награда „Салтус“ и основач на студиото за медална скулптура на Националната академија за уметности во Софија, Република Бугарија. Има повеќе од 20 години искуство во полето на медалната скулптура, била ангажирана за дизајн на медалот за одбележување на 30-тата бугарска експедиција на Антарктикот; за Гран-при статуетката за Филмскиот фестивал „Златна ружа“; за идентитетските значки за Бизнис-форумот за жени на Форбс магазинот во Бугарија 2022 и 2023 година; за идентитетскиот брош за Фондацијата за борба против домашното насилство EMPROVE… Завршила студии по маркетинг на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси, САД, а магистрирала на одделот „Медал“ на Националната академија за уметности во Софија. Розева има неколку специјализации за Издаваштво на Универзитетот во Њујорк – New York University; Културна дипломатија (International Institute for Cultural Diplomacy), Берлин; како и Културен менаџмент на Wien Universitat.  Делата на Розева се откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети, Стокхолм, Шведска, музејот Берген на Универзитетот во Берген, Норвешка, Националната уметничка галерија, Софија, Бугарија, Музејот на монети и Медали во Кремница, Словачка, и други. Членка е на ФИДЕМ, Меѓународната федерација за уметнички медали и почесен член на САМС – Словачката асоцијација за уметнички медали.

Работите во областа на медална скулптура. Од каде интерес за овој вид на уметноста кај Вас?

Медална скулптура буквално дојде кај мене кога имав девет години. Проф. Богомил Николов, основачот на модерната школа за медали во Бугарија, беше семеен пријател и во разни пригоди им доделуваше медали на моите родители. За нивната десетгодишнина од бракот, тој им подари специјално изработен медал во многу убава кожна футрола. Се сеќавам дека ги држев малите релјефни форми во рацете и навистина уживав да ги допирам и чувствувам. Ова чувство очигледно остана потсвесно во мене, а кога веќе работев во Њујорк во маркетинг и издавање книги, тој ме покани да ја посетам работилницата за медали во Националната уметничка академија во Софија. Направив еден медал без да имам идеја како се прави, па тој го излеа и го патинираше. Да го видам завршен овој медал во метал и патина беше „еурека“ за мене! Всушност, отсекогаш сум сакала да цртам, откако се сеќавам, но работата и чувството на материјалот во твоите раце беше нешто сосема друго. Така, пред мене, постепено се отвори новиот свет на уметноста на медалот.

За оние кои немаа можност да ги видат Вашите дела, кажете ни нешто повеќе за самата техника што ја користите, мотивите и според Вас дали е тешко да се изработуват медалните скулптури?

Уметничкиот медал е редок жанр, но со многу древна историја и историски е поврзан со монети. Има многу скулптори кои исто така прават медали, но помалку се оние кои се фокусираат на жанрот. Тоа е посебно искуство за раката. Треба да може без напор да се вклопи во вашата дланка. Работам главно пластелин, глина, гипс, ја правам едната страна, па другата, ако е двострана и мора да бидат визуелно и стилски поврзани. Во центарот на моите медали е личноста, нејзиниот живот и смислата. Ме возбудуваат вечните теми: љубовта, среќата, смислата на животот. Ме интересираат антички митови и легенди, библиски приказни, средниот век. Претпочитам класичен лиен медал и други – фабрикувани медали од нетрадиционални материјали како хартија, смоли, стакло, алуминиум со ласерски пресек итн. Но, медалот започнува со идејата. И идејата веќе зависи од пребарувањата на секој автор, од неговата обука и животно искуство. Кај лиениот медал фазите се: скицирање на идејата, изработка на моделот во материјал од кој потоа медалот се лие во месинг, бронза или друг метал, а потоа се патинира. Сите мои медали сама ги обработувам и патинирам. Сакам да експериментирам со патини и да откривам нови.

Каква е заинтересираност на купците за овој вид дела?

Кога работите во таков камерен жанр, елитистички би кажала, клиентите и колекционерите се ограничени. Оваа уметност е за одредена публика, а не за маса. Но, веќе 20 години работам на ова поле и би кажала дека веќе успеав да станам препознатлива со оваа уметност не само во Бугарија, туку и меѓу меѓународните колекционерски заедници.

Неодамна во Чифте амам одржавте изложба. Колку сте задоволни од реакцијата и интересот на македонската публика?

Изложбата што ја претставив во Чифте амам е најголемата што сум ја направила досега. Сакав да го исполнам овој прекрасен историски објект со значењето на медалот и да живее, барем за времето на изложбата, со овој нов жанр за земјата. Да ги откриеме тајните и пораките на оваа непозната овде уметност. Специјално за публиката во Скопје, подготвив три ниски релјефи (28 x 28 см) во сребрен месинг, на кои се прикажани три погледи на Старата пошта во центарот – фасадата, изгорената купола, гледана однатре и карактеристичен прозорец на фасадата, што е и метафора за гледање во иднината. За мене оваа зграда треба што поскоро да се спаси, барем да се покрие за да не биде изложена на временските непогоди. Сум разговарала со многу скопјани, кои болно споделуваат како зградата се урива пред нивни очи. И има толку убава и стилска архитектура од времето на брутализмот, а се наоѓа и на листата на заштитени културни споменици. Трите релјефи се придружени и со мојата најнова слика, која се вика „Хибернација“ или Зимски сон. Ова е фигура на жена заспана под куполата на Старата пошта, која како Заспаната убавица чека да ја разбудат за да живее среќно до крајот на животот. Секако, покрај овие дела, презентирам уште околу 90 медали и слики создадени во последните 20 години. Оваа изложба ја одбележува и дваесетгодишнината од првиот откуп на мојот медал од Британскиот музеј. Изложбата предизвика огромен интерес и беше тема во македонските медиуми со недели по завршувањето. Интересот и за Бугарија беше голем, давав интервјуа за Националната телевизија и најгледаното културно шоу „Култура.бг“, Националното радио, Еуроњуз итн., а 24 часа направи и специјално видео за мојата работа. Настанот се покажа како важен и од аспект на културната дипломатија.

Со оглед дека се занимавате и со изработка на накит, кажете ни каков материјал користите најчесто и по што е препознатлив и уникатен?

Најмногу користам сребро, но работам и злато и други материјали. Моите орнаменти се препознатливи, тие се скулптурни и често раскажуваат приказни. Комбинирам сребро и полускапоцени камења, развивајќи своја лимитирана серија, која со текот на времето станува дел од оние што ги носат. Имам клиенти кои не ги симнале своите сребрени ангели од првото ставање (оваа серија е од 2015 година). Често слушам од клиентите дека мојот накит има многу позитивна енергија која ги исполнува и штити. И знам дека е така.

Неодамна одржавте и предавање за студентите на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет Скопје. Каква порака им пренесовте?

Бев многу среќна што се запознав со студентите и професорите на одделот за дизајн на Европскиот универзитет. Впечатливи луѓе, од кои некои веќе ја гледаа мојата изложба во Чифте амам. Бев и нивен предавач, запознавајќи ги со структурата и суштината на уметноста на медалите, а потоа направив работилница за медали каде 12 студенти ги научија основните техники за изработка и ги изработија своите први медали. Ова е трет универзитет во Скопје каде што го работам ова. На моите работилници за медали учествуваа веќе над 40 ученици и тоа е многу добро затоа што примената на медалот и нискиот релјеф се непобитни. Ова ја збогатува нивната уметничка култура и знаење. Исто така, мислам дека пренесувањето знаење е важен дел од сечиј живот, особено кога има што да даде. Многу од учениците што ги запознав покажаа голем интерес и со задоволство би продолжила да работам со нив на овој или оној начин и да го развијам нивниот интерес и љубов кон жанрот – медали. (Д.Т.)