Интервју, Стоилковиќ: К-15 добивале луѓе кои не одат на работа, касата беше во минус – се земале пари без покритие

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, во интервју за весникот ВЕЧЕР истакнува дека затекнал министерство кое речиси и да било „еднонационално“, но во изминатиот период со дел од вработените го „скоцкал“ министерството и сите вработени почнале да доаѓаат на работа, што претходно не беше случај. Министерот вели дека во ова министерство никогаш не бил направен ниту попис, а во касата, од каде што се црпеле пари без никакво покритие, фалеле околу 40.000 евра. Се делело и К-15 на лица кои не оделе на работа.

695

Системот мора да функционира без разлика кој го сервисира вели вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, во интервју за весникот ВЕЧЕР. Стоилковиќ истакнува дека затекнал министерство кое речиси и да било „еднонационално“, но во изминатиот период со дел од вработените го „скоцкал“ министерството и сите вработени почнале да доаѓаат на работа, што претходно не беше случај. Министерот вели дека во ова министерство никогаш не бил направен ниту попис, а во касата, од каде што се црпеле пари без никакво покритие, фалеле околу 40.000 евра. Се делело и К-15 на лица кои не оделе на работа. Сите овие нерегуларности се детектирани и предадени се предмети на Финансиската полиција, МВР и ЈО, кои треба да постапат понатаму.  Министерот вели дека се врши систематизација на работните места, бројка на вработени ќе биде далеку помала од затекнатата и дека националната структура ќе биде урамнотежена. Министерот Стоилковиќ открива дека во моментов се работи на воспоставување директна авиолинија со Црна Гора, односно чартер лет меѓу Скопје и Подгорица. Во интервјуто, министерот за односи меѓу заедниците зборува и за проектите од заеднички интерес и соработката со Србија, за иницијативата Отворен Балкан, во чиј склоп од денеска се одржува и саемот на вино, храна и туризам „Винска визија“ во Белград.

Го презедовте „министерството на Груби“, кое изминатите години го следат голем број контроверзии. Гледам ги нема фамозните фудбалчиња и спортски реквизити. Од нив ли започнавте со преуредувањето и како планирате да го преорганизирате министерството за односи меѓу заедниците?

Затекнавме далеку посериозна ситуација од како што велите фамозните фудбалчиња и спортски реквизити. Веќе зборував во јавноста со што сè се соочивме и со што се соочуваме секојдневно, но најважно е дека сме тука да работиме и да ја вратиме вербата на граѓаните во институциите.

Поважно од тоа што затекнав Министерство кое речиси и да беше „еднонационално“ е фактот дека во изминатиот период со дел од тие исти луѓе успеав да сработам голем број предмети, да го „скоцкам“ Министерството и сите вработени да почнат да доаѓаат на работа што претходно не било случај, зашто факт е дека СИСТЕМОТ МОРА ДА ФУНКЦИОНИРА БЕЗ РАЗЛИКА КОЈ ГО СЕРВИСИРА!

Како една од првите активности што ги презедовме беше средбата со Институтот за социолошко-правни работи, со цел да се направи студија за односите на националните заедници, за претставниците на сите етнички заедници кои живеат во земјава да се чувствуваат како рамноправни граѓани на државата во која живеат. МОЗ е подготвено во текот на следната година, а во согласност со планот за работа, да ги поддржи сите етнички заедници и сите да добијат еднаква поддршка и третман.

Најавивте ревизии и воспоставување ред во министерството. Какви нови нерегуларности од претходното работење имате откриено?

Сите проблеми што се детектирани се документирани и предадени на Финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство. Мојата обврска е сè што е детектирано да биде процесуирано, а задача на Обвинителството е да го гони криминалот.

Меѓу првите нешта со кои се соочив беше упадот во видеонадзорот во Министерството. Согласно безбедносните мерки беа направени проверки и откако беше востановено дека не е познато кој е надлежен за видеонадзорот во Министерството, побаравме одговор од фирмата задолжена за монтажа и одржување на истиот, „Мак аларм“, од каде што добивме извештај во кој беше наведено дека бил овозможен пристап за далечинско следење на уредите за снимање. Тоа всушност значеше дека бил направен упад во системот за снимање од непознати IP-адреси. Направениот извештај потоа беше доставен до службите, односно до Управата за компјутерски криминал при МВР.

Во МОЗ никогаш не бил направен ниту попис. Детектиравме недостаток од околу 40.000 евра во касата, од каде што се црпеле пари без никакво покритие. И тоа е детектирано и предадено на Финансиската полиција, МВР и ЈО, кои треба да постапат понатаму.

Во Министерството се делело и К-15, и тоа на нераспределените административци, односно лицата вработени по К5 програмата. Значи, К-15 добивале луѓе кои не одат на работа, кои примаат финансиски средства од државата и чекаат да бидат распределени. Како се делело не знам и тоа, исто така, е прекршок за кој ад-хок финансиска ревизија од Министерството за финансии, која е во тек се надевам ќе си даде соодветни заклучоци. Овие луѓе вработени по програмата К5, а кои седеле дома, уште и се оценувале меѓу себе и врз основа на таа оценка потоа некого треба да унапредувате и да му давате поголема плата. Тоа се такви девијации во работењето на Министерството што човек останува без збор.

Има ли постапки во однос на овие наводи и дали имате одговор од надлежните институции?

Како што веќе напоменав сѐ што е детектирано е документирано и предадено до надлежните институции, а задача на Обвинителството е да го гони криминалот. Мојата работа е да го оправдам постоењето на Министерството за односи меѓу заедниците, сите етнички заедници да добијат еднаков третман, а за сите откриени неправилности да приложам докази до соодветните институции кои треба да постапат понатаму. Дури и од ЕУ амбасадорот Михалис Рокас има сугестија сите девијации констатирани во Министерството да бидат достапни до јавноста и процесуирани до надлежните институции.

Набрзо по преземањето на функцијата министер за односи меѓу заедниците, обелоденивте списоци на кои се гледа дека иако над 90 отсто од вработените се Албанци, дел од нив се декларирале и како Македонци за вештачки да се намали процентот, а всушност, од речиси 300 вработени, само петмина етнички Македонци имало во министерството. Работат ли сите тие сè уште во министерството и до кога македонските граѓани ќе плаќаат административци кои седат дома, немаат работни задолженија и земаат плата?

Според К5 програмата, за прераспределба имавме вкупно 196 лица. Околу 10 проценти од овие лица кои не доаѓале на работа досега се прераспределени, но со заклучок на Владата институциите се задолжени целосното преземање на преостанатите да го завршат заклучно со 31 декември 2024. Инаку, среќа што К5 програмата тука завршува, затоа што Уставниот суд веќе го разгледува Законот за  К5 програмата и јасно е каква ќе биде неговата одлука.

Најавивте намалување на бројката на вработени во министерството, секој вработен да биде со задолженија. Колку вработени се потребни за ефикасно функционирање на министерството и на кој начин и до кога ќе се справите со превработеноста?

Она што можам да го кажам е дека внатрешна комисија од Министерството во моментов работи на измени и дополнувања на актот за систематизација на работните места, па согласно добиените резултати и изготвените анализи ќе ја добиеме реалната слика околу тоа што е потребно за ефикасно функционирање на МОЗ. Во секој случај, можам со сигурност да кажам, дека таа бројка ќе биде далеку помала од затекнатата и дека националната структура ќе биде урамнотежена.

Некои истражувања лани покажаа дека ова министерство во тоа време беше најзатворена институција. Како Вие ја подобрувате политиката на отвореност и транспарентност и директната интеракција со јавноста и како ги подобрувате односите меѓу заедниците во земјава?

Ги користиме сите алатки за комуникација со јавноста, од медиуми, социјални мрежи, до нашата веб-страница на која во моментов интензивно се работи за да биде достапна на јазиците на сите етнички заедници, што значи дека страницата ќе биде достапна на македонски, албански, англиски, турски, српски, влашки, босански и ромски јазик. Одделението задолжено за превод е во финална фаза од својата работа и во најкус можен рок целиот материјал ќе биде достапен за јавноста.

Преку средби со претставниците на етнички заедници се обидуваме да добиеме сознанија за проблемите со кои се соочуваат и заеднички да дојдеме до нивно решавање. Веќе остваривме средби претставници на Форумот на немнозински заедници со кои зборувавме за поддршката на помалите етнички заедници, потоа по повод Меѓународниот ден на Бошњаците се сретнав со група просветни работници од земјава кои предаваат на босански јазик, на која разменивме мислења и ставови за актуелните состојби кои се однесуваат на етничките заедници во земјава, со фокус на подобрување на нивната положба и ширење на мултиетничкиот дух. А во пресрет на Денот на турската заедница остварив работна средба со претставници на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ).

Тука би го напомнал и фактот дека е направен стратешки план со кој во следната година ќе им се посвети внимание на помалите етнички заедници, а сакам и да го изразам моето задоволство од поднесената иницијатива за промена на законот за јазиците на помалите етнички заедници.

Отворен Балкан – одлична можност за македонската економија

Познати сте по Вашиот ангажман за подобрување на соработката со северниот сосед. Изминатиот период видовме дека гасниот интерконектор и изградбата на брзата пруга до Солун се приоритети. Да очекуваме ли набрзо конкретна реализација?

Активностите поврзани со изградбата на Коридорот 10, кој е исклучително важен затоа што носи средства на земјава, развојот на Железницата и брзата пруга од Скопје до Солун, гасниот интерконтектор остануваат во фокусот и се капитални проекти, нешто што во голема мера може да го подигне квалитетот на живот на македонските граѓани, но и да придонесе за понатамошен економски раст и развој на регионот.

Сметам дека ни е неопходна соработката со Република Србија и дека економијата треба да ги следи одличните политички односи, бидејќи тоа е од голем интерес за нас. Одлична можност е и учеството на македонското стопанство при реализацијата на ЕКСПО 2027 година тоа освен што за Република Србија како земја домаќин значи многу, од економска гледна точка е историска шанса за целиот регион, но и дополнителен мотив за продлабочувањето на соработката со оглед на очекуваната бројка на посетители и фактот дека ваквите глобални собири се посветени на изнаоѓање решенија за итните предизвици на нашето време.

Неопходен ни е и Отворен Балкан бидејќи е од голем интерес за македонската економија зашто ќе придонесе за подобрување на деловното опкружување и решавање на проблемот со недостигот на работна сила. Одлична можност е за создавање заеднички интереси и стимулации нашите земји да работат заедно, преку деловни соработки, академски размени, па и културни интеракции. Секако, во склоп на Отворен Балкан – афирмираната платформа за мир, би го споменал и саемот на вино, храна и туризам „Винска визија – Отворен Балкан“, што годинава се одржува по трет пат, а ќе учествуваат вкупно 28 држави и 600 изложувачи. Винска визија не е само добра можност за промоција на нашиот квалитетен бренд вина, туку и за поврзување на регионот во смисла на размена на производите.

Би рекол добрососедските и, пред сè, пријателските односи се важни не само заради заедничката историја и блиските културни врски, туку и заради зајакнувањето на политичките и дипломатските односи кои дополнително треба да обезбедат нови можности за подобрување на билатералниот дијалог и економската соработка. Интензивирањето на средбите на високо ниво се клучен двигател за брзата интеграција на регионот во Европската Унија, а развивањето посилни економски врски меѓу себе е одлична можност за создавање поголем и поинтегриран пазар без трговски бариери, бидејќи единствено така ќе овозможиме нашите земји да бидат попривлечни за странските инвеститори.

Има ли некој друг проект за кој Вие сте директно ангажирани?

Во моментов се работи на воспоставување директна авиолинија со Црна Гора, односно чартер-лет меѓу Скопје и Подгорица. Подготовките за реализацијата на овој проект се во финална фаза, а воведувањето на оваа линија и брзата конекција ќе значат многу за граѓаните на двете земји, особено во поглед на развојот на туризмот.

Доналд Трамп повторно беше избран за претседател на САД. Што значи тоа за Македонија и за Западен Балкан и какво влијание очекувате од него? Ќе се ангажира ли Трамп за овој регион?

Сметам дека е важно што се случува во САД, бидејќи тие се најмоќната држава во светот и сè што се случува таму, предизвикува последици насекаде. Победата на Трамп сметам дека е важна затоа што во политичкиот живот и во наративот не само во САД, туку и во Европа и кај нас, особено во поглед на правото на употреба на зборот – мир, ќе му се врати легитимната употреба во јавноста. Веќе неколку години како збор е протеран и од средствата за информирање и од политичарите, и едноставно целата реткорика водеше кон заострување на состојбите, а токму продолжувањето на политиката на конфронтација не нѐ носи, туку веќе нè донесе на работ на катастрофа.

Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА

Фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ