Книгата „Гевгелисувајне“ е дел од трилогијата што започна со „Гевгелексикон“, а продолжи со „Ај шо лафиш“. Таа е шеста по ред објавена книга на Стефчо Стефанов. По промоцијата, разговаравме со авторот и излезе едно „лично“ и интересно интервју за весникот ВЕЧЕР. Книгата е пишувана на гевгелиски дијалект, затоа што „јазик без дијалекти е како куќа без темели“

Во рамките на „Гевгелиското културно лето“, на платото пред Народниот театар во Гевгелија се одржа промоцијата на книгата „Гевгелисувајне – водич низ една топлодушна Гевгелија“ на авторот Стефчо Стефанов, една од најинтересните книжевни појави не само во Гевгелија туку и во Македонија. Гевгеличани, кои „жртвуваа“ дел од една пријатна вечер и наместо да се разладат во некое кафуле или на прошетка, решија да седнат на поставените столчиња пред Театарот, не зажалија. Присуствуваа, на една несекојдневна автопромоција, која може да ја направи само „аџамијата“ Стефчо, со сесрдна помош на уште еден урбан гевгелиски лик, стендап комичарот Дејан Малзарков, кој овој пат беше задолжен за „лаф маабет провокаторот“ Џоче.

Инаку, Стефчо Стефанов е роден  на 4 февруари 1980 година. Живее во Гевгелија и работи како професор по психологија во СОУ „Јосиф Јосифовски“. Пишува, чита и објавува свои стихови често потпишувајќи се и како Аџамија. Првата книга – новелата „Сакам да ти кажам нешто, – Слушам. Чекај само да земам чаши, драг лустеру“ ја објави во 2008, а лани, 2023, излезе неговата хаику поетска книга „Љубовно аздисано хаику“. Има објавувано своја поезија во списанието „Маргина“, во првото македонско списание за хаику поезија – „Мравка“, а има објавувано поезија и текстови и во електронското списание за урбани мисли „Чивилук“, во кое е еден од креаторите и уредувачите.

Книгата „Гевгелисувајне“ е дел од трилогијата што започна со „Гевгелексикон“, а продолжи со „Ај шо лафиш“. Таа е шеста по ред објавена книга на Стефчо Стефанов. По промоцијата, разговаравме со авторот и од она за што опуштено разговаравме, излезе едно „лично“ и интересно интервју за весникот ВЕЧЕР.

 

Најнапред честитки за новата книга. И оваа  е на гевгелиски дијалект, нормално, бидејќи е дел од една трилогија. Дали со ова го завршуваш гевгелисувајнето засекогаш или?…

Благодарам, за арно и на арно нека е. Кога веќе имам можност да одговорам писмено, се чувствувам на мој терен, па еве ќе си дозволам да си дадам слобода да си направам една авторефлексија, ама со цел да не се поставам на исто рамниште со некои великани. Мислам дека Спилберг уште при снимањето на првиот дел на „Враќање во иднината“ (еден од моите омилени филмови уште од детството), речиси целосно го имаше завршено сценариото и за третиот дел. Е јас не сум таков. При пишувањето на „Гевгелексикон“ пред точно десет години, немав поим дека денес ќе зборувам за третата книга за Гевгелија напишана на дијалект. Но, тоа си го објаснувам така што си велам дека едно е да се пишува фикција, а друго е да се чепка и прета по народната оставина, фолклорот, традицијата и слично. Кога ќе се чепне во овие вториве, тоа е бунар без дно, но во позитивна смисла. Така што, јас навистина во овој момент мислам дека убаво си личат овие три книгички на дијалект како трио. Но, кој знае? Чудни и непредвидливи се патиштата на инспирацијата!

Стефчо, убаво си кажа на промоцијата, сè започна токму со „Гевгелексикон“. Ова „книжуле“ излезе пред 10 години, во издание на „Арт еквилибриум“ и стана најпродаваната книга до денес од роднокрајното издаваштво на градот Гевгелија. Како се роди идејата за оваа книга, прв виновник за трилогијата што следуваше?

Идејата за „Гевгелексикон“ се роди кога ги започнував студиите во Скопје и кога мојот роден, гевгелиски дијалект доаѓаше во контакт со моите колеги што не го разбираа. Од друга страна, има зборови во овој дијалект што звучат толку автентично, чудно, интересно, па дури и скокотливо смешно, што имав чувство дека ќе биде вистинска штета да не се споделат, објаснат, а со тоа и зачуваат како вредност за идните генерации. Морам да признам дека фалбите за оваа книга одат на сметката на моите баба и дедо. Тие се директни виновници што почнав со „Гевгелексикон“, оти, како мал, јас не одев во градинка, туку го пиев млекото во нивно друштво и вредно ги помнев сите зборови и фрази што ги употребуваа тие во секојдневниот говор.

Стефчо, ти ја докажуваш во пракса дефиницијата на Крсте Петков Мисирков, која вели дека речникот на македонскиот јазик треба да биде составен од сите негови говори, а не само од оние четири, централни, кои се користат во македонскиот литературен јазик. Затоа што во Македонија се зборуваат и многу други говори, а „се лафе и гивгилиски“. Дали со оваа трилогија го исполни својот „свет“ долг кон гевгелискиот дијалект?

Уф! Ич, ама ич не се сметам себе за „избраниот“ како единствен што треба да го изгланца и изложи гевгелискиот дијалект на саемот на јазични вредности. Но, да, сметам дека долго време никој не беше го истакнал гевгелискиот дијалект како македонска атракција, како мошне интересен дијалект, а тоа доста често го прават, на пример, кумановци, кавадарчани итн., без оглед на тоа дали се работи за книги, ТВ- емисии, музика и сл. Не сум за радикализација во смисла ајде сега да го промениме стандардизираниот македонски јазик и насила да ги впикаме дијалектите во него. Не мора да го правиме тоа. Јазикот сам ќе си го направи тоа. Сам ќе си ги поприми и истресе украсите, кои му личат или не му личат. А дали сум му се оддолжил на гевгелискиот дијалект? Хе, хе, е не знам. Ќе видиме. Ќе покажат самите книгички колку ќе се листаат и подаваат од рака на рака.

Во што е, всушност, карактеристиката на гевгелискиот дијалект?

Не сум лингвист и нема да навлегувам правејќи се паметен да звучам аналитички да одговорам. Но сум гевгеличанец, па може да си го пофалам дијалектот со еден долг и широк одговор: жив, брз, најубав и најнаш си е.

Во книгата „Гевгелисувајне“ велиш дека постојат толку Гевгелии колку што постојат живи гевгеличани

На ова прашање мора да ти одговорам на гивгилиски: За теб е една, за мен е оште една, за друг е друга, и нормално за трет е – трета. Ак питиш само един Гивгилија си е една, ама кој как си ја гледе она така си го „гаљотке, према чувекот и ќутекот – шо би са кажало. Пустоат толку Гивгилии колко шо пустоат живи гивгиличајне. Ак не сме живи, Гивгилија ќе биде само прикаска уф некоа билешка шо ќи блидее. Е, арно ама живи сме. А чим сме живи, ќе пустоат и ного Гивгилии. И расправани, и дуживеани, и брливи, и срамежливи, и курназливи, и  забравани и оште ненаправани.

А, која е накратко твојата Гевгелија?

Токму онаа што е во книгата „Гевгелисувајне“. Знам дека, можеби, некој е исто гевгеличанец како мене, но, ете, нема јадено леб и шеќер натопен со вода одозгора како дете додека чека оној што мижи да ги пронајде останатите што се кријат во маалската игра мижи мала. Тоа не значи дека тој не е гевгеличанец. Туку тој има видено или живее една поинаква Гевгелија. Мојата слика за Гевгелија, ете, ја напишав и се обидов да ја стокмам на само околу 170 страници. Тоа е најкратко што можев. Но, не е цела. Таа уште се црта, пишува, па живи-здрави. Најважно ми е што сликата ми е мошне интензивна и постојано присутна.

Дали оваа книга е туристички водич или фалбаџиско тефтерче на гевгелиските убавини?

Токму така. И двете е. Сами ако не се пофалиме, кој ќе го стори тоа? Нема во книгата да најдете критика за Гевгелија. Не оти таа е беспрекорна, туку оти ни е една. Таа ни е. Мора да си ги ставаме напред убавините, па во нивните сенки нека си седат незабележливи фалинките.

Што, всушност, означува зборот  „гевгелисувајне“, дали е тоа посебен, гевгелиски стил на живеење од рано наутро до доцна навечер?

Еве, ќе пренесам краток пасус од предговорот во книгата: Гевгелисувајне не е само состојба на умот, иако и како таква си личи. Не е маестрална ракотворба, умотворба ниту духотворба, иако и како таква си личи. Гевгелисувајне е процес, дејствие, променлив тек во лице, род и број. Раѓајне, работејне, шетајне, алантисувајне, занесувајне, имајне или немајне, сакајне, залисувајне, давајне, секое сабајле станувајне и к’ве пијајне, живејајне, и не само живејајне туку ЖИВЕЈАЈНЕ и оште колко сакте додадејте р’боти шо завршават на „…ајне“ и само една ронка ак са топнани уф гивгилиски чирвиш – ето! Тоа е гевгелисувајне.

Ова е твоја шеста книга, што планира за понатаму гевгелискиот Аџамија?

Ха, ха. Да, шеста книга. Со ланската поетска збирка „Љубовно аздисано хаику“, издавачката куќа „Антолог“ ме конкурира за наградата „Браќа Миладиновци“. Тоа самото по себе, за мене, е награда и тамам ми е. А, аџамијата? Понекогаш си помислувам дека псевдонимот со кој чат-пат се потпишувам на пишувањата не ми е за на долги патеки, оти едно од толкувањата на зборот „аџамија“ е мало дете или млад човек со луди намери и идеи, па се прашувам дали одговара за некој со 40+. Ама, знаејќи дека и на 80+ ќе сум млад, тогаш да. Ми одговара. Како аџамија – не планирам. Ама и уд една ронкичка апсаздан се инспирирам.

И, на крајот, еден друг познат гевгеличанец, Јован Костов, асистент по информатичка лингвистика на Универзитетот Сорбона, те нарече на промоцијата на „Гевгелексикон“ гевгелискиот Марко Цепенков. Ти годеше ли тоа?

Споредбата со Цепенков, морам да кажам, ем ми годеше ем ме заплаши, поради стравопочитта што ја имам кон делото на големиот Марко Цепенков. Споредувањето го сфатив како провокација дека не треба да заврши сето тоа само со објавување на „Гевгелексиконот“ и затоа  таа „беља“ која ја направив со книжулето беше прво скалило кон издавањето на „Ај шо лафиш“ и „Гевгелисувајне“ и натамошно откривање на големото богатство на гевгелискиот дијалект.

На крајот, ова интервју ќе го завршам со зборовите на Стефчо, кој вели „јазик без дијалекти е како куќа без темели“ и „јазикот е дијалект што има своја армија и морнарица“. А, јас, пак, ќе му порачам, „капетане“ Стефчо, употребувај ја и понатаму оваа своја армада и создавај и во иднина вакви и слични дела со кои ќе ја радуваш гевгелиската и македонската јавност.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ