„Писателот не е професор. Улогата на писателот не е да го учи читателот, ниту, пак, да му дава совети или да му го покаже патот. Задачата му е да раскажува приказни и да ја остави главата на читателот полна со прашања. Мислам дека е позабавно отколку предавањето“, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР Беренсовиќ, автор на книгата за деца и млади „Шепотено“ во издание на „Бата прес“ и поранешен професор. Тој вели дека секоја година, сè намалува бројот на читателската поблика. “Не е толку лошо во случајот со помалите деца, но тинејџерите се голем проблем. Така што, не мислам дека повеќе книги ќе ја подобрат состојбата. Се надевам дека подобрите книги може да ја подобрат ситуацијата. Треба да најдеме нови начини на промовирање кон читателската публика. Да им покажеме на младите луѓе колку навистина се забавни книгите. Колку губат од тоа што се откажуваат од читањето“, порачува нашиот соговорник

 

Имате добиено многу награди како писател, а бевте професор по англиски јазик. Во што уживате повеќе, во пишувањето книги за деца или во тоа да ги учите децата англиски јазик?

Работев како професор во средно училиште, неколку години по факултетот, но моите денови со предавање се одамна завршени. Сепак, сè уште го користам ова искуство додека пишувам книги за младите читатели или додека читам на книжевни настани и книжевни разговори, на кои учествувам често. Тоа ми помага да знам како да ја водам групата и да допрам до младите читатели. Она што е многу важно е да не ги смешам овие две улоги. Писателот не е професор. Улогата на писателот не е да го учи читателот, ниту, пак, да му дава совети или да му го покаже патот. Задачата му е да раскажува приказни и да ја остави главата на читателот полна со прашања. Мислам дека е позабавно отколку предавањето.

Во Македонија многу често писателите се и професори, издавачи, новинари или имаат други слични професии. Дали е така и во Полска?

Претпоставувам дека колку што е помал јазикот толку е потешко да се живее само од пишување. Во Полска, каде што потенцијалната читателска публика е многу поголема од Македонија, за многу мои колеги, пишувањето сè уште е втора работа. Од една страна, тоа е проблем, бидејќи не ви остава толку време за пишување колку што сакате да имате, но, од друга страна, ве држи во контакт со „вистинскиот свет“. Лично јас, покрај пишувањето, преведувам книжевни дела, во што навистина уживам.

Во книгата, главните ликови се тинејџери кои, типично за младите, не се плашат да влезат во авантура, особено ако се работи за финале на Лигата на шампионите. Од каде ја црпите инспирацијата? Има ли вистински случки во оваа книга?

Да започнам со тоа дека никогаш немало финале на Лигата на шампионите во Полска, така што овој дел е целосно измислен. Но, доколку би се одржал таков натпревар, очигледно е дека би сакал да го гледам. Јас сум вистински навивач, така што можам да разберам колку далеку може да отиде некој само за да биде дел од таков настан. Ликовите и нивните авантури се, исто така, измислени, но мојата инспирација беше, секако, вистинска. Имаше една е-порака. Ја примив еден ден, од личност што не ја знаев претходно, што ми ги понуди своите услуги во таканаречениот буз маркетинг. Рече дека поседува двесте лажни интернет-адреси и дека може да креира „мрежа на фанови“ да напишат препораки за моите книги по интернет-форумите. На почетокот, помислив дека е нелегално и сакав да ги известам надлежните, но потоа „изгуглав“ малку и изгледаше дека не може да се направи ништо за бизнисите како тој. Толку ме налути што одлучив да напишам книга.

Што значи „шепотење“?

„Шепотење“ е токму она што ми го понуди човекот со таа е-порака – промовирање производи, мислења или луѓе на тој начин, што не изгледа како вистинско промовирање производи, мислења или луѓе. Поефективно е од традиционалното рекламирање, рече тој. Поверодостојно. Да ја искористиме нивната доверба во наша корист – тоа ми го препорача.

Живееме во време во кое сме бомбардирани од реклами, маркетинг-кампањи и од лажни вести. Дали понекогаш може да се искористи „шепотењето“ во позитивна смисла?

Единственото позитивно нешто што можам да го видам е тоа дека добро се плаќа. Исто така, можам да замислам дека е возбудлива работа. Некаде помеѓу литературата и шпионажата. Те прави да се чувствуваш паметен и моќен. Луѓето го прават она што им го велите да го направат дури без да се посомневаат во некаква манипулација. Бара вештина и креативност, исто колку и мамењето. Но, по мое мислење, во помала или поголема мера, секогаш е деструктивно. За сите засегнати. И за оние што мамат и за измамените. Најлошото нешто е што ѝ прави на довербата. И довербата е нешто на кое е заснован нашиот социјален живот. Замислете си личен однос без доверба. Главниот лик во мојата книга знае нешто околу ова.

Многу поуки може да се извлечат од книгата. Колку е важно родителите да ги научат децата на етика и морал, кои ќе им помогнат да постават граница?

Всушност, не сакам да мислам дека моите книги имаат поуки. Мислам дека младите луѓе, или повеќето луѓе, од таа причина, едноставно мразат да им се проповеда. Но, да, главната, основната идеја од она што е исправно и погрешно е нешто што треба да се научи дома. Ниедна книга нема да ни ја заврши работата нам, на родителите. Книгите можат да бидат наши алатки, наши сојузници, наш терен за вежбање, но крајната одговорност е наша. И виртуелниот свет, етички гледано, е вистински предизвик, бидејќи ние – младите и старите – не ја разбираме неговата природа. Границите меѓу тоа што е виртуелно и што е вистинско не се јасни, и етичките избори не се секогаш очигледни.

Во Македонија, децата многу често зборуваат меѓу себе на англиски. Дали е слично и во Полска? Што мислите, дали книгите на мајчин јазик може да помогнат да го зачуваме својот јазик?

Англискиот јазик е јазик на глобалната поп-култура, забавата и на модерните технологии, така што, очигледно, има силно влијание на тоа како зборуваат младите во Полска меѓу себе. Може да слушнете англиски збор или израз во секој дел од реченицата. Да, јас верувам дека литературата има улога во овој поглед. Покажува колку убави нешта може да се направат со нашиот јазик. Колку е богат и еластичен. Колку нежни чувства и длабоки мисли може да пренесе. Колку многу забавен може да биде. Но, сепак, јас сум вљубен во полскиот јазик, така што, можеби, не сум објективен.

Дали сметате дека детската литература е доволно застапена во Полска и во светот?

Всушност, постојано слушам поплаки дека има премногу книги и премалку читатели во Полска. Статистиката за читателската публика што се објавува еднаш годишно од Полската национална библиотека е навистина загрижувачка. Секоја година, сè помалку луѓе посегнуваат по книга. Не е толку лошо во случајот со помалите деца, но тинејџерите се голем проблем. Така што, не мислам дека повеќе книги ќе ја подобрат состојбата. Се надевам дека подобрите книги може да ја подобрат ситуацијата. Треба да најдеме нови начини на промовирање кон читателската публика. Да им покажеме на младите луѓе колку навистина се забавни книгите. Колку губат од тоа што се откажуваат од читањето. (Р.К.)