Таа е нешто што не може да се контролира, таа е нешто на што не можеме да се потпреме, среќата не е цел туку е авантура кон целта. За да бидеме среќни не треба да ја бараме среќата бидејќи така никогаш нема да сме среќни

Матеј активно со музика се занимава уште од своите 16 години кога за прв пат го пишува и својот текст за песната „Следен пат“, а мотивацијата ја добива од својот другар Шишка кој, исто така, има удел во таа песна по што по два дена одат во студиото на Кацар од групата Токсиколози каде ја снимаат и од тогаш до ден-денес музиката е она за што и без што не може да живее. Поточно, сè започнува откако групата ЗиБомб го запознава со убавините на рапот и од тој момент започнуваат неговите рап-авантури и заинтересираност константно да пишува текстови. Досега има неколку соработки со Шишка и Насте од ЗиБомб. Освен пеењето, негова љубов е и дизајнот поради што студира графички дизајн на факултетот „Фон“ каде што е трета година,  а пред некое време оствари соработка за рекламата на Скопско смут, а еве и како дојде до таа соработка.

– Соработката започна врз основа на тоа што тие претходно ја имаат слушнато мојата песна „Понеделник“, која на еден интересен начин допре до луѓето, па така и до нив и ме викнаа од менаџерската куќа која работи за Скопско „Публицист“. Ми предложија да напишам песна која ќе допре до помладата публика. Тоа за мене беше нов предизвик, но и убав експеримент. И дента кога бев на тој состанок, кога тргнав накај дома, поточно кога се качив во автобус ми текна на стихот кој сега е последен стих на песната „Што би бил ти ако сите сме идеја“ и фактички од таму започна идејата за целата песна поради што го носи насловот „Идеја?“ – раскажува Матеј.

Дали повторно би се нафатил на таков сличен проект и зошто?

-Дефинитивно би се нафатил затоа што отвора нови можности, но и нови креативни моменти и сакам да пишувам текстови кои се производ на моите идеи, но ми се допаѓа и кога пишувам по желба на некој друг – додава пејачот.

Матеј Фолц

Дали преку твоите песни сакаш да пренесеш некои пораки и кои пораки се тие? А, доколку сакаш и да ни откриеш од што се инспирирани твоите текстови?

-Да, секогаш сакам да пренесам порака и таа најчесто е онаа порака што сакам себеси да си ја кажам. Но, секој ја толкува на различен начин исто како што сите ние имаме различен живот и како што има различни моменти кај секој од нас. А, инспириран сум од нешто што мене ми се случило, нешто што мене ми значи, нешто што очекувам од иднината, поточно сè е поврзано со мојот сопствен живот – вели Матеј.

Дали е тешко да се просперира во нашата држава со рап музика?

-Не знам. Досега немам правено музика за да просперирам така што не можам да кажам дали е тешко или не е бидејќи не сум седнал да направам текст со намера да просперирам. Мислам, за да просперираш мора и со таква намера да ја создаваш музиката, ама начинот на кој досега ми оди музичката кариера ми е топ и можам да кажам дека не би го опишал ни како совршен, но ниту како дупка – открива раперот.

А, зошто е тоа така, нема доволен број на места каде може да се настапува?

-Па, не. Има места каде може да се настапува особено ако им се допаднеш како изведувач те викаат на настапи. А, со оглед на тоа што сè уште немам издадено албум, а ме викаат јас сум презадоволен – вели Матеј.

Како може да се реши проблемот од недостаток на медиумска и сценска застапеност на пејачите кои се претставници на жанрови како твојот и дали постои можност да се реши тој проблем?

-Мислам дека нема проблем, можеби сè што треба се повеќе материјали  и малку повеќе храброст за експериментирање со звукот – додава артистот.

Од спотот на најновата песна „Мимика на среќа“

За љубителите на рап музиката каде постои можност да уживаат во саканиот жанровски звук?

-Мене лично најчесто ме викаат од МКЦ, што многу сум им благодарен и ме вика Шуршотц од Епицентарот и од тоа исто така сум задоволен бидејќи не само мене туку и другите мои колеги секогаш не поддржуваат – раскажува Матеј.

Дали постои вистинско пријателство на естрадата?

-Да, на естрадата постојат вистински пријателства. Како пример ќе ги земам момците од Дупер со кои во последно време многу се дружиме и ЗиБомб со кои сум од самиот почеток со кои до ден-денес се подржуваме и се бодриме – ни откри младиот рапер.

Матеј со Насте и Шишка од ЗиБомб

Твојата најнова песна „Мимика на среќа“ ме поттикна да се запрашам што е она што тебе те прави среќен и дали имаш некој совет со кој ќе успееме да сме среќни?

-Мојот совет што секогаш си го кажувам на себе е да не ја бркам среќата и мислам дека среќата не е нешто што е вечно и долготрајно, таа си доаѓа ама и си оди. Среќата е нешто што не може да се контролира едноставно сама си доаѓа. Тоа што еднаш ќе ме направи среќен не значи дека и наредниот пат истото ќе ме направи среќен. Таа е нешто што не може да се контролира, таа е нешто на што не можеме да се потпреме, среќата не е цел туку е авантура кон целта. За да бидеме среќни не треба да ја бараме среќата бидејќи така никогаш нема да сме среќни. За мене мимика на среќата е самата песна која ја пишував една година ама колку повеќе се форсирав толку не ми одеше и од таму заклучив дека целата таа авантура до целта да ја напишам песната ме натера да сфатам дека авантурата е побитна отколку самиот текст. Па од тука можам да кажам дека среќата спонтано доаѓа. А, во мојата песна Мимика на среќа“ содржани се и тажни и среќни моменти од мојот живот – кажа за крај Матеј за ВЕЧЕР.

(Маја.А) – Фото: приватна архива