– Првата средба со џезот се случи кога се запишав во средното музичко училиште во Штип. Тогаш почнав да учам саксофон во класата на Гоце Мицанов, кој е, за мене, еден од најдобрите џез-музичари во Македонија. Во разговори со него околу звукот на саксофонот и како се разликува тој во различни музички стилови, тој велеше: „Вистинскиот звук на саксофонот е во џез-музиката“. Така полека, покрај тоа што свиревме класична музика, по часовите слушавме и свириме и по малку џез. Kenny Garret и албумот „Pursuance: The Music of John Coltrane“ ми беа омилени, а и сè уште ми се и мислам дека тука најмногу „се закачив“ за џезот – вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР Кирил Кузманов, кој годинава, од страна на реномираниот „Скопје џез-фестивал“, беше прогласен за најдобар џез- музичар
Даниела ТРАЈКОВСКА
По дипломирањето и магистрирањето со највисоки оценки на престижниот Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, се врати во Македонија, каде што е еден од најактивните актери на џез-сцената. Член е, а воедно и еден од основачите на биг-бендот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, денес познат како Национален џез- оркестар. Учествува во снимањето бројни албумски изданија на реномирани домашни и интернационални ансамбли. Во текот на својата кариера, има настапувано во некои од најпознатите џез -лубови и концертни сали и подиуми во Европа. Тој е и вонреден професор по саксофон и џез-ансамбл на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Годинашен добитник сте на наградата најдобар џез-музичар, признание што се доделува од нашиот реномиран „Скопје џез-фестивал“, во рамките на кој продефилираа едни од најголемите џез- имиња во светски рамки. Токму од овие причини, какво значење има за Вас една ваква награда?
Па ми значи, секако. „Скопскиот џез-фестивал“ е сериозна институција и чест ми е што сум добитник на едно такво признание. Таа награда не е само моја. Ја споделувам со сите мои колеги музичари со кои имам чест да соработувам. Ќе ги споменам Националниот џез-оркестар, бендовите „Next to Silence“, „Kalata“, „Bopheads“, Џијан Емин и „Magical Orchestra“. Наградата е потврда дека заедно со моите колеги од гореспоменатите бендови сме направиле убави работи. Благодарност до „Скопскиот џез-фестивал“ за вниманието.
Како саксофонист, од каде љубовта токму кон овој инструмент, дали имавте свој идол од светската музичка сцена?
Љубовта кон овој инструмент ми потекнува уште од времето кога бев мал. Најпрво ме пленеше со својот изглед. Ми се допаѓаше како изгледа како инструмент, за потоа кога почнав активно да свирам, да вежбам и да ги откривам неговите тонови, неговиот звук и различните можности за израз што ги нуди како инструмент, таа љубов стануваше сè подлабока.
Всушност, како започна Вашата приказна со џез-музиката, со оглед дека овој музички правец како да е резервиран за мала, но одбрана публика?
Првата средба со џезот се случи кога се запишав во средното музичко училиште во Штип. Тогаш почнав да учам саксофон во класата на Гоце Мицанов, кој е, за мене, еден од најдобрите џез- музичари во Македонија. Во разговори со него околу звукот на саксофонот и како се разликува тој во различни музички стилови, тој велеше дека правиот звук на саксофонот е во џез- музиката. Така полека, покрај тоа што свиревме класична музика, по часови слушавме и свириме и по малку џез. Така тогаш се запознав со Sonny Stitt, Charlie Parker, Michael Brecker, Bob Berg и со други џез-саксофонисти, а, преку нив, и со џезот. Kenny Garret и албумот „Pursuance: The Music of John Coltrane“ ми беа омилени, а и сè уште ми се и мислам дека тука најмногу „се закачив“ за џезот. Со професорот Мицанов останувавме по часовите и свиревме џез-стандарди, тој нè придружуваше на клавир. Како што минуваа моите средношколски денови така сè повеќе знаев дека сакам да бидам џез-музичар. Му благодарам на мојот професор Гоце Мицанов што ме внесе во овој музички правец.
Бидејќи сте професор на Штипскиот универзитет, дали денес интересот на младите за џез-музиката расте или се намалува и што треба да се направи за да се привлече помладата публика, која денес, за жал, најчесто слуша турбофолк?
Па мислам дека интересот за џез-музиката расте. Со самото отворање на Џез-академијата во Штип и Одделот за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што, исто така, се изучува џез-музиката, на младите им се понуди уште еден музички правец за изучување за кој порано мораа да одат некаде во странство ако сакаа да се стекнат со знаење. Тука е како шлаг на торта, би рекол, и Националниот џез- оркестар, кој значајно ја збогати музичката сцена во државата и кој со своите концерти ја доближува џез-музиката до публиката. Нашата работа, како музичари, е да свириме, концертираме што може повеќе, да ја градиме таа џез-сцена во државата. Значи, наше е да понудиме и да се наметнеме, меѓу сите други музички правци што се нудат, публиката да има избор повеќе кога ќе избира на каков концерт ќе оди. Денес, покрај „Скопскиот џез-фестивал“, постојат уште неколку џез-фестивали: во Прилеп, Битола… Тука се концертите на Националниот џез-оркестар, тука се клупските свирки или концертите на џез-составите што ги има во државата, тука се џем сешн свирките, кои ги прават студентите… Да го има сето ова, значи дека има интерес од публиката и тоа е знак дека интересот за џез-музиката во државата се зголемува и мене ми е многу драго поради тоа.
Како дел од Националниот џез-оркестар, настапувавте во Сараево и во Загреб, каде што имавте успешни концерти, а, како дел од октетот „Џијан Емин“, и во Португалија. Какви се Вашите впечатоци од овие гостувања и дали, во споредба со овие три држави, Македонија заостанува или веќе фати чекор со најновите трендови во џез- музиката и колку успева, според Вас, Националниот џез-оркестар да го афирмира овој музички правец кај македонската публика?
Во Загреб, со Националниот џез-оркестар имавме концерт на кој гости ни беа најистакнатите џез- солисти од регионот. Во Сараево, со оркестарот и проектот што го имаме со Рамбо Амадеус, го отворивме „Сараевскиот џез-фестивал“. Во Португалија, со октетот „Џијан Емин“ и со симфониски оркестар составен од врвни музичари од Португалија, го затворивме „Guimaraes Jazz Festival“. Така што мислам дека воопшто не заостануваме, напротив имаме проекти и музичари што се барани да настапат на реномирани џез-фестивали. Националниот џез-оркестар не само што го афирмира овој музички правец кај македонската публика туку е и прв од сите балкански биг бендови со настапите и гостувањата во странство.
Минатата година реализиравте концерти со познати имиња од светската музичка сцена. Дали можете да ни издвоите некои од настапите што оставиле особен впечаток кај Вас?
Лично мене, најголем впечаток ми остави концертот на кој гостин ни беше еден од најдобрите тапанари на денешницата. Тоа е Џон Рајли, тапанар на „Vanguard Jazz Orchestra“, за мене, најдобриот биг бенд во светот. Програмата за тој концерт преставуваше голем предизвик за нас, свиревме композиции од еден легендарен композитор и аранжер како Thad Jones, на чија музика сите од оркестарот сме големи обожаватели, така што и програмата и честа да свириш со еден од најголемите џез-тапанари на денешницата беа вистинско задоволство за мене.
Кои се плановите на оркестарот до крајот на годинава и дали можете да ни откриете дали за во текот на 2025 веќе имате закажано нови концерти, познати гости и Ваши гостувања?
Па до крајот на годинава, по концертот „Golden Rock Swings“ во Филхармонијата, каде што едни од најпознатите рок-песни беа изведени во малку поинакви аранжмани со оркестарот и гостите, правиме и еден концерт за деца, каде што и најмладите ќе имаат шанса да засвират со нас. Во 2025 година ќе следуваат многу добри концерти. Можам да откријам дека се планира концерт со еден од најдобрите џез-гитаристи на денешницата, тоа е Курт Розенвинкел, потоа со португалската пејачка Марија Мендес. Ќе се прави омаж на творештвото на Зоран Маџиров, се планираат и гостувања во странство, но ајде, за тоа кога ќе дојде време.
Наше е да ја градиме џез-сцената
Вие сте и еден од основачите на Националниот џез-оркестар, кој за кратко време откако е официјално формиран под ова име, успеа да се наметне на македонската музичка сцена. Колку беше тешко да се фатите во костец со сите предизвици и да се изборите за негово заслужено место на македонската музичка сцена?
Јас сум еден од основачите на Здружението на џез-музичари и слободни уметници. Тука се собра една екипа на музичари како Иван Иванов, Гордан Спасовски, Трајче Велков, Кирил Туфекчиевски, кои по завршувањето на џез- студиите на Академијата во Грац (Австрија) се враќаат во државата, со желба да дејствуваат тука, дома и своите искуства и знаења стекнати надвор да ги донесат, да ги пренесат. Заедно со Гоце Стевковски, кој е, исто така, еден од основачите на ова Здружение, а и претседател, одлучуваме да се формира биг бенд преку кој ќе дејствуваме сите заедно. Така се оформи ЗЏМ биг бенд, кој осум години работеше успешно, направи многу успешни концерти, соработки со светски имиња. Сите ние го правевме тоа од љубов и се радуваме на тоа. Предизвици, нормално, дека имаше, меѓутоа радоста дека свириме и аплаузот и поддршката од публиката ги решаваа сите проблеми и предизвици. На огромно задоволство на сите нас, државата одлучи да ја поддржи оваа убава приказна и да прераснеме во национална установа. Наше е да се оддолжиме со уште повеќе концерти, проекти, соработки и да направиме да бидете горди на нас.