ЕКСКЛУЗИВНО: Запленети креветите на Катица и чантите на Боки 13

Македонија е преплавена со одземени возила кои скапуваат на плацовите, но Агенцијата за управување со одземен имот не може да постапува по истите, да ги додели на државна институција или да ги понуди на аукција затоа што нивната правосилност е заглавена во бавните судски процеси. Во последните две години Агенцијата доделила над 400 возила на државни институции, а продала над 900 возила за старо железо. Директорот Фатон Асани во интервју за весникот „Вечер“ вели дека не застанува тука и оти во текот на наредната година ќе определи квартна димнамика за продажба на одземени возила со цел да се исчистат плацовите во целост

370

 

Македонија е преплавена со одземени возила кои скапуваат на плацовите, но Агенцијата за управување со одземен имот не може да постапува по истите, да ги додели на државна институција или да ги понуди на аукција затоа што нивната правосилност е заглавена во бавните судски процеси. Во последните две години Агенцијата доделила над 400 возила на државни институции, а продала над 900 возила за старо железо. Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот,  Фатон Асани во интервју за весникот „ВЕЧЕР“ вели дека не застанува тука и оти во текот на наредната година ќе определи квартна димнамика за продажба на одземени возила со цел да се исчистат плацовите во целост

 

Што им е одземено на екс специјалната обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13, осомничените во случајот „Рекет„?

На Катица Јанева и се одземени неколку кревети, а на Бојан Јовановски мебел, лична гардероба и чанти. Парични средства, вили и станови не им се одземени. Ние сме известени само за овие работи и истите сме ги одзеле, а за другите предмети постапката сè уште трае. Овие работи им се одземени и се доставени од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, а ние како Агенција за управување со одземен имот имаме обврска истите да ги сместиме,  чуваме  и продаваме.

Зошто голем дел од возилата скапуваат на плацови. Дали овие возила можат да се дадат на државни институции или да им се продадат на граѓаните под цена?

Возилата се најголем проблем на Агенцијата, а се најмалку профитабилни. Точно е дека голем дел од возилата скапуваат на плацови. Во Македонија по плацовите има над 10.000 возила и прават проблем на други институции на Царинска управа, на Министерството за внатрешни работи, на Шумска полиција, на Национални шуми и затоа ние почнавме да работиме токму со возилата. Агенцијата постои од 2009 година, а прва продажба на старо железо била извршена по шест години, односно дури во 2015 година. Втората и третата продажба се извршени во 2016 година и во овие две години се продадени вкупно 350 возила. Тоа значи по седум години Агенцијата продала над 350 возила како старо железо. Од 2017 до 2019 година се спроведени четири продажби и се продадени околу 900 возила. Со петата продажба се надеваме дека бројот на продадени возила ќе биде над 1.400, бидејќи со тоа што веќе има 650 пресуди оваа продажба ќе биде најмалку 500 возила. Значи, за две години продадовме над 900 возила и решаваме децениски проблем. Агенцијата не застанува тука, туку во текот на наредната година ќе определи квартна димнамика за продажба на одземени возила наменети за старо железо со цел да се исчистат плацовите во целост. Проблем со кој се соочува Агенцијата во врска со возилата, кој се наоѓаат на плацовите, е тоа што за поголем број од нив нема судски одлуки или други акти од кои би се утврдила нивната правосилност. Ние дури сега по 10 години воспоставуваме систем на продажба на одземени возила. Секој ден имаме по две-три возила, кој се продаваат. Првото јавно надавање за продажба на запленети возила е завршено.

Агенцијата исто така отстапува вакви возила на државни институции, а одлука за тоа носи Владата и тоа е точно уредено во материјалниот закон на Агенцијата. Во овој закон не е дадена можност ваквите возила да се отстапуваат на граѓаните без надоместок. Ние во овие две години имаме доделено над 400 возила на државни институции. Во 2017 година Управата за санкции немаше возило за да ги однесе затворениците на судење. Им доделивме едно комбе, потоа друго, па почнавме да доделуваме возила на МВР, на здравствени установи, на општини итн.

Кое е најскапото конфискувано возило што моментално се наоѓа на плац и чие е возилото? Кажете ни дали освен возила има конфискувани луксузни јахти, вили…?

Најскапото конфискувано возило е „мерцедес С-класа“, чија пазарна цена е над 120 илјади евра. Оваа возило е привремено одземено и за него се уште нема  правосилна пресуда. Од отстапените возила на институции помеѓу најскапите возила е она кое беше доделено на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Важно е да се знае дека за овие возила кои се доделуваат на институциите, државата не троши пари. Јахти нема конфискувано, а вила има една на Водно, во вредност од 900.000 евра од предметот со Миодраг Марковиќ. Вилата сè уште не е продадена, а досега имаше еден неуспешен обид за продажба.

Дали има одземено злато и дали тоа се предава на Народна банка и каде завршуваат запленетата дрога, оружје, наркотични средства, облека, обувки и друго? 

Одземено злато има и тоа се предава на Народна банка. За две години се организирани две уништувања на запленета дрога и наркотични средства и едно уништување на оружје со околу 600 парчиња. И тука да потсетиме дека запленета дрога и наркотични средства се уништуваат со завршена правосилна одлука.  Имаме доделено над 130 илјади парчиња облека, обувки и други предмети на Министерство за труд и социјала, на општини и на други институции.

Со тоа сме помогнале на социјално загрозени семејства и сме ја подиспразниле Царинската управа, затоа што во 2017 година имаше 6 милиони непреземени парчиња, во овие две години тие се намалија на 4 милиони, а до крајот на годината се надеваме дека нивниот број ќе падне на 2 милиони непреземени парчиња. За ваквата ефикасна работа и за добрата соработка Агенцијата првпат доби и плакета од Царинската управа. Минатата недела уништивме 20 тона сигурносни појаси за автомобили кои се конфискувани по предмет од 2002 година. Сега треба да уништуваме пемпаси и јутени вреќи од 2007 година. Имавме и едно уништување со кое уништивме 42 тони разна стока во Дрисла.

Колку пари Агенцијата годишно прави од продажба на запленет имот и дали тие се доволно за да може сама да се финансира?

Ние не се финансираме сами туку од Буџетот, а продажбите само што ги започнавме. Ние почнавме прво да со продажба на автомобили кои се најнепрофитабилни, но кои правеа големи проблем на други институции. Сите пари кои ги добиваме од продажба на автомобили и други предмети одат во Буџетот на државата. Исто така и запленетите парични средства одат на посебна сметка во Буџетот. Минатата година беа конфискувани и префрлени милион и 400 илјади евра.

Нелегално стекнатиот имот и пари се смета за најефективна борба против корупцијата. Македонија не може да се пофали со такво нешто, зошто е тоа така?
Конфискацијата ја врши Судот. Што ќе биде предмет на конфискација, кој имот колкави парични средства ќе бидат одземени со судска одлука одлучува Судот, а Агенцијата само ги извршува судските одлуки. Агенцијата не конфискува туку само ја извршува конфискацијата. Судот, Обвинителството, Министерството за внатрешни работи, Финансиска полиција, Управа за разузнавање, Царинска управа и други органи имаат законска надлежност да се борат против криминалот.

Одземени се 26 имоти, 114 возила и 104 парчиња градежна опрема на „Трансмет“ и на Сеад Кочан. Пресудата е обемна, станува збор за имот во вредност од 17 до 18 милиони евра. Каде ќе одат овие пари?

Овие пари не се впаричени, тоа се имоти кои треба да се продадат. По нивната продажба парите ќе бидат префрлени во Буџетот на државата. Околу 15 милиони евра пресметковно изнесуваат одземените недвижности и предмети од пресудата, кои се конфискувани од страна на Судот. Меѓутоа, судот за близу 2 милиони евра нема определено што може да биде предмет на конфискација и за овој износ пресудата ќе остане неизвршлива.

Што се прави со храната која се запленува, дали се дава на институции или се уништува?

Кога се работи за храна која е расиплива мора многу брзо да се одлучи и доколку е во ред, да се додели на соодветни  државни институции. Агенцијата во вакви случаи е известена од надлежните органи кои ги одземаат овие предмети како што е расипливата храна и во востановена законска постапка се врши отстапување се со цел да се запази квалитетот на истата и да се задоволат потребите на институциите. Во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство лани уништивме 4 тони месо кое немаше сертификат за потекло и беше транспортирано и чувано во несоодветни услови. (А.С.)

Фото: Ѕ.Плавевски