Со оглед на тоа дека сте прва жена претседател на едно од најголемите земјоделски здруженија во државата, Националната федерација на фармери, може ли да ни кажете како успевате да бидете земјоделка, домаќинка и лидер?
Функцијата претседател на Националната федерација на фармери (НФФ) е голем предизвик за мене како личност која целиот свој живот работи и егзистира од земјоделство. Во земјоделството има премногу проблеми кои можат да се решат со многу труд и заедничка работа. Дел од проблемите со кои се соочуваат земјоделците и жените од руралните средини се немање пласман на земјоделските производи, дискриминацијата на руралното население, во однос на немање квалитетна здравствена заштита, зголемена невработеност, недостаток од културно-социјален живот, немање градинки, немање патна и комунална инфраструктура и пред сè монополскиот однос на откупувачите врз земјоделците.
Многу проблеми кои бараат лобирање, работа, притисоци и активности за нивно надминување. Сето ова доведе дел од моето време да посветам на лобирање за намалување на овие проблеми. Од друга страна, мојата главна улога како мајка, сопруга, земјоделка и домаќинка секогаш гледам да ја ставам на прво место и со добра организација и распоред на работните обврски гледам да постигнам сè. Не велам дека е лесно, но работата ме исполнува и јас сум навикната мојот ден да е исполнет од утро до вечер.
Работењето со земјоделците мене ми претставува задоволство и секој нивни проблем го гледам како свој проблем, а пак ако заеднички успееме да најдеме решение тоа ме исполнува и ми дава елан за нови предизвици. Од друга страна пак отсуството од дома и од мојата работа поради ангажманите во Федерацијата, придонесуваат да трпи семејството и работата, но пак ќе кажам дека со добра организација и координација може да се постигне сè.
Вие сте борец за правата на руралните жени. Кажете ни со какви проблеми се соочуваат жените во овие средини, дали имаат право на свое мислење, право на сопственост, имаат ли свои примања и каква е нивната социо-економска положба?
Во последниве неколку години често слушаме за жената од руралната средина, но колку вистински знаеме која е таа жена, кои се потребите на руралната жена, со кои проблеми се соочува… Руралната жена е жена која вредно работи, се грижи за цело семејство и е столбот на своето земјоделско стопанство. Руралните жени и покрај потешкотиите и предизвиците со кои се соочуваат во својата работа не се откажуваат и секогаш продолжуваат понатаму бидејќи се научени да се борат. Дел од проблемите на овие жени се социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита…. Ваквите услови ја принудуваат руралната жена на живот во поголема сиромаштија, а сега покрај тоа што треба да се прилагоди на сите проблеми со кои се соочува, треба да се прилагоди и на корона кризата. А тоа покажува дека на жената од руралните средини ќе ѝ биде сè потешко во иднина да произведува храна и да егзистира во таа рурална средина.
Анализата на НФФ за земјоделството и корона кризата, која е подржана од We Effect покажа дека кај 85 отсто од жените во руралните средини е зголемена работата и на поле и дома, 64 отсто од овие жени не се активни на пазарот на трудот, 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми, а само 5 отсто се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште. Најголем дел од нив традицијата не ја сметаат за дискриминирачка, напротив ја прифаќаат како нешто нормално и ја почитуваат без приговор.
Во таа насока во 2018 беше потпишана Декларација за подобрување на економската и социјалната положба на жените од руралните средини од страна на НФФ, Мрежата за рурален развој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика. Ова е многу важна Декларација за нас жените од руралните средини пред сè зашто се даде заложба и од страна на институциите дека ќе се работи во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини.
Ние во НФФ се залагаме и ќе работиме на воспоставување на сет економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, платено родителско отсуство и боледување, како и подобрување на достапноста на јавните услуги здравствени, образовни и социјални за жените во руралните средини.
Земјоделството е тешка физичка работа за една жена. Вие се занимавате со лозарство, а имате и сопствена фирма „Агро-Калем“ за производство на овошни и лозови садници. Кажете ни како ви оди бизнисот?
Земјоделството ако се работи со љубов не е тешко. Тешко е кога производот што си го произведел не можеш да го продадеш или пак монополските откупни центри ти го земаат за понижувачки цени. Најтешко е кога знаеш колку пот, труд, финансиски средства и ангажирање на целото семејство си вложил во тоа производство и колку мака си видел во борбата со климатските промени за да произведеш, а тоа не се цени.
Мене животот ме научи дека треба цело време да се борам за опстанок. Уште од дете сум по нивите и заедно со мојот брат пораснавме на нивите во Тимјаник посеани со тутун, пипер, лозје. Откако нашите родители за време на транзицијата останаа без работа единствен излез за спас најдоа во земјоделието и обработката на земјата.
Кога се омажив сопругот доби наследство од неговите родители 1,5 хектари лозов насад и така почнавме да се занимаваме со земјоделство – лозарство. Уште првата година сфативме дека ако се занимаваш со земјоделство треба да обработуваш поголеми површини за да егзистираш. Тогаш почнавме секоја година да садиме по малку нов лозов насад, така што за да купиме ниви моравме да го продадеме автомобилот, но и тоа не беше доволно. Така јас на 22 години со две мали деца, студирав и работев на поле. Бидејќи немав никаков сопствен имот собрав храброст да ги убедам другите членови од семејството да заложат движен и недвижен имот и јас да земам наменски кредит за да можам да подигнам поголема површина со лозов насад. За да можеме да заштедиме на купувањето лозови садници јас и сопругот решивме да пробаме да почнеме да калемиме ние лозови садници за наша потреба и заради тоа отидовме да го учиме занаетот во Србија. Откако видовме дека можеме да произведуваме садници за нашите лозови насади, почнавме да произведуваме и за продажба. Не беше лесно да се учи, да се работи и да се одгледуваат две мали деца кои пораснаа по нивите исто како мајка им и татко им, но ако желбата за успех е поголема од маката тогаш ништо не ти е тешко.
Така почнавме да ги зголемуваме и лозовите насади и производството на лозовите и овошните садници и ја отворивме нашата семејна фирма „Агро-Калем„ Тимјаник која со гордост можам да кажам дека е најголема фирма за производство на домашен лозов и овошен саден материјал во Македонија. Фирмата постои 13 години и произведува половина милон лозови и овошни садници годишно, трпезно грозје, житарица и вкупно обработуваме 70 хектари земјоделско земјиште. Нашите садници се сертифицирани така што нашите клиенти можат да бидат сигурни дека купуваат здравствено и сортно чисти садници за нивните нови долгогодишни насади. „Агро-Калем„ произведува и трпезно грозје на најсовремени лозови насади со современи нови технологии на производство кое секоја година се извезува на странските пазари. Како компанија редовно инвестираме во подобрување на квалитетот на нашите производи, така што имаме и сопствен ладилник каде што ги складираме нашите земјоделски производи пред продажба.
Секогаш велам дека истрајноста, самодовербата, трпението и трудољубивоста секогаш треба да се присутни кај секоја жена што сака да успее во својата работа.
Дали една жена и покрај тоа што се занимава со земјоделство, живее во рурална средина може да се негува, да изгледа убаво и да биде вистинска дама? Ги надминавме ли стереотипите од минатото дека овие жени не обрнуваат внимание на себе и не се одржани?
Најпрво на жените кај нас потребно им е јакнење на нивната самодоверба и да веруваат во себе и во тоа што сакаат да го работат и да бидат похрабри во донесувањето на одлуките ако сакаат да почнат свој бизнис. Секако треба да бидат поддржани и од своето семејство и од државните институции.
Потребна е поголема информираност, поддршка и социјализација на жените од руралните средини. Младите кои завршуваат факултети ги напуштаат селата бидејќи не гледаат егзистенција тука. Затоа треба младите да се поддржат и да можат да работат, да заработуваат и да останат во селата. Тоа може да се направи ако има развиено село и добар приход преку пласманот на земјоделските производи.
Промените кои сакам да се случат во следните пет години кај жената од руралните средини е да ја видам таа жена како успешен претприемач со зајакната економска и социјална моќ, образована која гордо чекори во средината во која живее и се бори за своите права. Децата да ѝ бидат згрижени во градинка и да не се грижи за пласман на своите земјоделски производи и за цената на истите. Јас верувам дека еден ден ќе се исполни оваа моја визија за руралната жена.
(А.С.)