Според Азески, извозот треба да биде алфа и омега на нашата економија и тука државата мора повеќе да се ангажира и да даде поддршка. Без инфраструктура нема развој, нема нови инвестиции, нема нови вработувања и со тоа нема економски напредок. Тој посочува дека како држава се соочуваме со неквалитетен систем на образование, што предизвикува недостаток на квалификувана работна сила. Азески укажува дека во нашиот систем ни недостасува и владеење на правото. Ни недостасуваат и сериозни мерки за сузбивање на сивата економија и дигитализација на услугите. Со еден збор потребно ни е подобрување на бизнис-климата во целина.
Азески смета дека во услови на кревок економски амбиент и битка со хронична ликвидност стопанствениците оправдано стравуваат дека изборите во 2024 година ќе ја забават економската активност. Како што вели ќе изгубиме многу месеци во политички кампањи,избори,конституирање на нов парламентарен состав, именување на министри во Владата… -Неизвесноста е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој – вели Азески. Според него сузбивањето на корупцијата е врвен коморски приоритет
Зад нас оставаме уште една тешка година на економски план. Година со исклучително висока инфлација, недоволно странски инвестиции, штрајкови… Но, покрај сè, со несмалено темпо се одвиваат активностите на патот кон евроатлантските интеграции кои ги води најстарата Стопанска комората во Македонија, на чело со нејзиниот претседател Бранко Азески. За Комората бизнис-заедницата е значаен фактор во создавањето на БДП, во плаќањата на даноците, во вработувањето и во создавањето нови работни места. Комората активно се бори за сузбивање на сивата економија, ненаплатените даноци,како и за поголем квалитет на услугите – јавните сервиси, дигитализацијата,но и за поддршка на бизнисот за да пласира поголем обем на производство и услуги, да се поддржи извозот, да се стави мораториум на непродуктивните трошоци. Разговаравме со Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија којшто во врска со неговиот долгогодишен ангажман во Комората за себе ќе каже дека е воспитан секој ден да дава сè од себе и тоа да биде повеќе од вчера. -Важно е за сите нас да одиме по скалата нагоре. И да не се споредуваме со другите, зашто тоа е игра во која секогаш ти губиш. Да се споредуваме самите со себе – каде сме биле лани, пред десет години итн. Ако одиме нагоре, тоа е успех. Тоа треба да нè радува – вели во Новогодишното интервју за весникот ВЕЧЕР, Азески.
Претседателот на Стопанската комора укажува дека изборите во 2024 година ќе ја забават економската активност, во услови на кревок економски амбиент и битка со хронична ликвидност. – Ќе изгубиме многу месеци во политички кампањи, избори, конституирање на нов парламентарен состав, именување на министри во Владата… Неизвесноста е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој – вели Азески
Претседателе Азески, што ѝ недостига на Македонската економија?
Азески: Македонската економија, иако бележи одреден напредок, се соочува со многу предизвици кои низ годините како да се продлабочуваат наместо да се намалуваат. Првично, потребно е да се работи на зголемување на конкурентноста на нашите компании на меѓународен план, тоа значи поддржување на извозот, иновациите и технолошкиот напредок. Еве гледаме дека извозот паѓа трет месец по ред. И ова е лош показател за нашата економија. Извозот во Германија, нашиот најголем извозен пазар, во октомври бележи пад од 10%. Србија и Италија со пад од 20% и така натаму, да не набројувам. Јас постојано кажувам дека извозот треба да биде алфа и омега на нашата економија и тука државата мора повеќе да се ангажира и да даде поддршка. Понатаму, инфраструктурата. Без инфраструктура нема развој, нема нови инвестиции, нема нови вработувања и со тоа нема економски напредок. Понатаму, како држава се соочуваме со неквалитетен систем на образование, што предизвикува недостаток на квалификувана работна сила. И овој проблем станува сè повидлив со годините. Лично ме загрижува зашто не гледам дека државата нешто презема на тој план. Во нашиот систем ни недостасува и владеење на правото. Ни недостасуваат и сериозни мерки за сузбивање на сивата економија и дигитализација на услугите. Со еден збор, потребно ни е подобрување на бизнис-климата во целина.
Каде ја гледате иницијалната каписла за конечно работите да тргнат на подобро?
Азески: Треба истовремено да се дејствува на повеќе полиња. Иницијалната каписла лежи во стратегиското инвестирање во инфаструктурата, истражување и развој, извозот, како и во образованието. Сето она што го набројав погоре има големо влијание врз целокупниот амбиент за работење. Не сум убеден дека и следнава година ќе има одредени поместувања на тој план. А сакам да сум оптимист. Во услови на кревок економски амбиент и битка со хронична ликвидност стопанствениците оправдано стравуваат дека изборите во 2024 година ќе ја забават економската активност. Ќе изгубиме многу месеци во политички кампањи, избори, конституирање на нов парламентарен состав, именување на министри во Владата… Неизвесноста е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој. Но, ајде, во духот на новогодишните празници да бидеме со позитивна мисла. Нашиот народ вели „кога ќе ја избереш надежта сè е можно“. Секоја нова година е нов предизвик за сите нас.
Може ли со ова ниво на корупција, да ја развиваме македонската економија?
Азески: Корупцијата е сериозен проблем и пречка за развој на која било економија. Јас немам илузија дека ние како држава ќе ја сведеме корупцијата на нула, тоа не се случува ниту во најразвиените демократии во светот. Но очекувам работите системски да бидат поставени. За да ги подобриме состојбите, потребно е да се има политичка волја. Ние мора да се бориме против корупцијата со јасни мерки, подобрување на правосудството, зголемување на транспарентноста и одговорноста во јавниот сектор. И да се подигне свеста за негативните последици од корупцијата во бизнис-заедницата. Комората е посветена на тоа. Сузбивањето на корупцијата е наш врвен приоритет. И со таква цел влеговме во проектот „Граѓаните против корупцијата“, каде што има повеќе чинители. Ние како Стопанска комора го претставуваме приватниот сектор и во следните пет години посветено ќе работиме на тоа.
Бурно реагиравте за солидарниот данок, тој сепак се собра од компаниите, иако доставивте претставка до Уставниот суд, какви се Вашите размислувања во однос на оваа давачка?
Азески: Солидарниот данок предизвика бурни реакции поради начинот на кој беше предложен и донесен од страна на владејачката гарнитура и поради неговиот несистемски и дискриминирачки карактер. Ние и тогаш и сега сме на истиот став. Важно е да се разговара со бизнис-заедницата и да се најдат адекватни решенија кои ќе поддржат економски раст и развој, без да се загрозува конкурентноста на компаниите. И во оваа пригода сакам да појаснам дека Законот за данок за солидарност нема никаква врска со оспорување на солидарноста. Има врска со определени процедури и основни принципи на работа што мора да се почитуваат. Нашите очекувања се дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја донесе одлуката врз основа на уставните одредби. Плаќањето на даноците од секој даночен обврзник, покрај што е обврска, плаќањето афирмира и лојалност кон сопствената државата, а како Стопанската комора тоа и го манифестираме и го промовираме. Но денес парите се скапи и за компаниите и за државата и затоа мора заеднички, компромисно да дејствуваме во висински правец и да ги насочиме силите кон вистинските работи. Борба со сивата економија, ненаплатените даноци, поголем квалитет на услугите – јавните сервиси, дигитализацијата, едноставно да се поддржи бизнисот за да пласира поголем обем на производство и услуги, да се поддржи извозот, да се стави мораториум на непродуктивните трошоци. И во овој случај, со солидарниот данок, главна цел на Комората е да ги заштити интересите на своите членки и да им помогнеме во процесот на законска заштита, а таа го прави тоа.
Дали Отворен Балкан е еден од патиштата за развивање и напредок на нашата економија?
Азески: Отворен Балкан беше добронамерна идеја, која според мене не помина најдобро. На Балканот му е потребна отворена врата за подобрување на инфраструктурата, регионалната трговија и инвестициите, тоа е факт. Ние сите, гледано глобално, сме мали пазари и затоа е потребно да ги искористиме синергиите за заеднички да ја зголемиме конкурентноста преку соработка и развивање на заеднички проекти. И тоа е она што го правиме преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ). Предноста на КИФ е во тоа што тој е платформа на бизнис заедницата од шесте земји од Западен Балкан. И таа е претставена преку стопанските комори на тие земји. Што би се рекло, бизнис-заедницата е моторот и главен двигател на процесите. Отворен Балкан е владина иницијатива каде што бизнисот, условно кажано, само помага. И некако не беше прифатен како свој, туку како наметнат. Затоа стопанските комори од регионот се повеќе свртени кон КИФ. И очекувањата од оваа платформа се поголеми.
Идната 2024 година ќе бидете претседател на Генералното собрание на Асоцијацијата на Балкански комори (АБК). Дали очекувате тоа да ѝ донесе бенефит на македонската економија и на пример поголем економски раст?
Азески: Претседателството со Асоцијацијата на Балкански комори има потенцијал да ја зголеми видливоста на македонската бизнис-заедница на меѓународната сцена и да отвори можности за соработка и инвестиции. Мрежата на Асоцијацијата, каде што членуваат комори од десет држави, ќе се искористи за заедничко учество во ЕУ проекти, заеднички настап на нашите компании и бизниси на трети земји, вмрежување, нови услуги и слично. Во фокусот на нашето претседателство ќе биде инфраструктурата, инвестициите и извозот. Во сите овие активности кои ќе следуваат клучна ќе биде поддршката од меѓународните финансиски институции, сè во контекст на поголем економски напредок. Јас ве уверувам дека ние како Комора ќе направиме сè, во рамки на АБК, и со целиот кадровски капацитет да им помогнеме на нашите компании и да ги придвижиме работите напред.
Воспитан сум секој ден да давам сè од себе и тоа да биде повеќе од вчера
Добитник сте на бројни награди и признанија, последно ја добивте наградата за голем придонес во одржување и развој на македонското стопанство како претседател на најголемата Стопанска комора во земјава. Што за Вас лично претставуваат наградите?
Азески: Воспитан сум секој ден да давам сè од себе и тоа да биде повеќе од вчера. Така живеам сите овие години и верувам дека тоа ми помогна да бидам на оваа позиција. Наградите секако се признание и потврда за посветеноста и успешноста и ми значат многу зашто тие се и мој потсетник дека треба постојано да бидам над тоа ниво. Важно е за сите нас да одиме по скалата нагоре. И да не се споредуваме со другите, зашто тоа е игра во која секогаш ти губиш. Да се споредуваме самите со себе – каде сме биле лани, пред десет години итн. Ако одиме нагоре, тоа е успех. Тоа треба да нè радува.
Валентина Марјановиќ
Фото: Ѕвонко Плавевски