ИНТЕРВЈУ, СОЛЗА ГРЧЕВА: После ова дно кое го допревме, не ни е потребна уште една смртоносна доза на лаги и популизам!

1148

“Ние како партија бегаме од популизам бидејќи сакаме одржливи, а не моментално привлечни решенија. Полно пати сум изјавила дека нам, после ова дно кое речиси го допревме, не ни е потребна уште една смртоносна доза на лаги и популизам туку многу работа, знаење и пот. Ризикуваме со храбри и можеби во моментов непопуларни мерки, но државата мора еднаш да почне да се средува од темел“, вели претседателката на Глас за Македонија во интервјуто за весникот „Вечер“. Открива дека еден од најважните столбови на “Глас“ не е само борба со корупцијата туку како системски да се спречи. Со професорката која читателите на весникот „Вечер“ ја препознаваат преку колумните што ги објавуваме секој вторник, разговараме и за моменталната политичка ситуација, за причините поради кои не се кандидираше за претседател, за менување на името на партијата…

Елизабета АРСОСКА

Фото: Ѕ ПЛАВЕВСКИ

Македонија не доби датум за преговори со ЕУ завчера во Луксембург, дали е ова, според Вас, очекувана одлука и што понатаму?

Да, ова е за мене апсолутно очекувана одлука. Одамна имав информации дека Македонија ќе биде ставена во пакет со Албанија, а тоа во овој момент е неприфатливо за некои земји на ЕУ. Втората работа е, што реформи нема, ниту можеме да ги очекуваме од Владата. Носењето на закони со, европско знаменце, не значи имплементација на нужните реформи. Напротив, државата и натаму тоне во корупција и партизираност на институциите. Трето, изјавата на Макрон од минатата година е до збор иста. Тој децидно вели дека самата ЕУ откога ќе направи внатрешни реформи, може да се размислува за проширување. Никој не знае кога и дали тоа ќе се случи. Дополнително и Бундестагот за првпат има големи дилеми. Четврто, каде во договорот од Преспа, ние имавме некаква гаранција дека бргу ќе ни биде овозможен пристап до ЕУ? Никаде. Го истргуваа името, историјата и нашите малцинства за ништо. Сега, логичен след на настаните би бил сите актери во оваа неуспешна авантура со по нас штетни последици, да ги снема од политичкиот живот. Најпрво се разбира, очекувам оставка од Владата и брзи предвремени избори. Но, избори со една изборна единица, со нов модел на финансирање на партиите, со независни медиуми и избори кои ќе ги организира експертска влада. Ништо помалку од тоа.

Глас за Македонија гласно се залага за измени на Изборниот законик, идеја која деновиве беше официјално поддржана и од претседателот Стево Пендаровски. Кој модел го застапувате вие?

Претседателот зборуваше за намалување на бројот на изборни единици, а нашиот став е дека треба да има само една, со отворени листи и мал изборен праг за целосна и вистинска демократизација на државата. Она што ме загрижува е дека нема искрена желба да се промени досегашниот модел кој всушност го изградија и го негуваат двата најголеми блока. Тој модел по кој сега се гласа, е сосема неправеден, не само кон новите или помали партии, туку пред се кон граѓаните. Повеќе од 100.000 граѓани, иако редовно гласаат немаат ниту еден свој претставник во Собранието. Нам ни требаат нови луѓе, со нови идеи и пред се некорумпирани политичари. Се плашам, следејќи ги изјавите на некои парламентарни, помали партии кои се цврсто врзани со власта (со секоја впрочем), дека целава игра е да го снема цензусот. После борбата за цензус на неуставниот референдум и после минималниот цензус на претседателските избори, се повеќе им станува јасно на големите партии, дека граѓаните тешко ќе излегуваат на избори. Степенот на разочарување од нив е навистина огромен. Се брои во стотини илјади. Мислам дека се ќе заврши само со отстранување на оваа, за нив голема пречка. Тогаш, буквално ќе може едно маало да ни избере влада. И повторно ќе одат против препораките на ЕУ и ОБСЕ, кои се за прв пат многу јасни.

Има ли шанси за договор меѓу партиите ? Им одговара ли ова на големите партии?

Ако за нешто има шанса да се договорат, тоа е за изборниот модел и за начинот на кој го празнат буџетот за себе финансирање. Ако се сеќавате, минатата година на таканаречена “лидерска“ средба, веднаш се договорија за фамозните, по 4.5 милиони евра народни пари, за одржување на палатите, вработените, штабовите во секое маало. Но, тоа се пред се пари за поткуп на гласачи во време на избори. Дури и 280.000 евра предвидени во Изборниот законик за аналитички центри на партиите, наместо да се поделат на сите партии кои имаат такви центри, како што имаме и ние во нашиот Статут, повторно одат само кај нив. Ова е навистина украдена, насилно присвоена држава по секоја основа. Ние бараме пред се, најмалку да се преполоват парите со кои се финансираат големите партии, а финансиски да се сервисираат од буџетот скромните барања на сите вон парламентарни партии. Инаку, на кој начин може изборите да ги наречеме “фер и демократски“? Едните со милиони евра наши пари, другите без воопшто. Како што реков, тие лесно ќе се договараат, како и досега. Вината ќе си ја префрлуваат еден на друг за ништо да не се промени, освен отстранувањето на цензусот кој им е вистинска пречка. Би сакала да грешам, но не гледам искреност во намерата. За интересот на народот, не се грижат како што докажаа полно пати.

– Каков е ставот на Глас за Македонија за пописот?

Јас бев многу гласна во Собранието кога барав попис на населението. Глас за Македонија бара попис бидејќи тоа е обврска на државата кон граѓаните. На основа на пописот, сериозна држава ја планира економијата, регионалниот развој, ги создава социјалните политики, употребата на јазиците на малцинствата и друго. Кај нас пописот, како и се друго, крајно се политизира. Но, во пописот бараме јасно да ја видиме графата “Македонец- Македонка“. Веќе сега имаме укажување дека на пример во Словенија, каде до вчера сите наши беа запишувани како Македонци, наеднаш станале “Граѓани на Северна Македонија“. Не чувме ниту една реакција за тоа од нашето МНР. Ако навистина ни спремаат таква игра со наводно зајакнатиот идентитет, таквиот попис ќе го игнорираме. Ние сме Македонци и нема да дадеме легитимитет на измислен идентитет.

Во македонската парламентарна демократија помалите партии можат да се изборат за место во Парламентот само со коалицирање, но тоа редовно значи и отстапување од политичката програма заради поддршка на коалицискиот партнер. Како тоа да се надмине?

Пред се со промена на изборниот модел, со финансирање и на помалите партии од буџетот на сметка на огромните суми кои ги исцрпуваат големитепартии, со вистински независни медиуми и со забрана на пред изборно коалицирање. Ако првите три не се случат, тогаш и натаму ќе имаме предизборни коалиции кои не се на идеолошка основа, туку на проста математика. Таканаречените султан партии и натаму ќе ја злоупотребуваат својата моќ. Дека е тоа така, сведочи и унифицираното гласање во
Собранието од страна на секоја коалиција. Водејќи ваква политика, полно, ако не и сите помали партии кои се дел од парламентарните коалиции, имаат рејтинг кој се брои во промили. Тие веќе го изгубија својот идентитет, идеологија и гласачко тело. Ова е навистина накриво насаден процес кој не влече надолу не само во поглед на демократијата, туку и во квалитетот на живеењето на сите нас.

Се подготвувате ли за следните парламентарни избори? На што работите во моментов?

Ние како партија постојано работиме како утре да ќе има избори. Пред се, работиме на програмата и тоа многу сериозно. Ги студираме дефектите на системот и даваме системски решенија. Бегаме од популизам бидејќи сакаме оддржливи, а не моментално привлечни решенија. Полно пати сум изјавила дека нам, после ова дно кое речиси го допревме, не ни е потребна уште една смртоносна доза на лаги и популизам, туку многу работа, знаење и пот. Ризикуваме со храбри и можеби во моментов непопуларни мерки, но државата мора еднаш да почне да се средува од темел. Мали сме и навистина е срамно да не живееме во средена и богата држава. Се разбира дека голем дел од работата го посветуваме на соработка со граѓани, граѓански здруженија и еснафи. Сакаме да ги чуеме сите проблеми со кои се соочуваат и од оздола нагоре, да создаваме решенија кои ќе бидат вградени во еден високо функционален систем.

Корупцијата и непотизмот се длабоко вкоренети во македонското општество и се провлекуваат во секоја политичка гарнитура. Во дел од програмата на Глас за Македонија има конкретни препораки како да се надмине оваа појава?

Да, ова ни е еден од најважните столбови на партијата: не само борба со корупцијата, туку како системски да се спречи истата. Да не може да ни се случува. Големата корупција кај нас е покриена со законски решенија. Исто и непотизмот. Имаме закони кои се катастрофално коруптивни, како оној за јавни претпријатија, за конфликт на интереси, делови од кривичниот законик, за градење, за урбанистички планови, изборниот законик и така натаму. Детектиравме повеќе од 40 закони кои мораат итно да се сменат. Направивме цели студии и проекти за системско спречување на корупцијата и дефектите во правосудниот систем, за корупцијата во јавната администрација, за партиската корупција, за организираниот криминал кој е врзан со политиката. За тоа ни се потребни сосема независни институции како: Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција, Управата за перење пари, Агенцијата за управување со конфискуван имот, Државната комисија за спречување на корупцијата. За нив ќе следуваат целосни реформи во функционирањето, проширени ингеренции и начин на избор на членовите. Сето ова мора да биде вградено во закони, а не да зависи од “добрата“ волја на власта и партиите. Ова се навистина сериозни и обемни проекти на кои посветено работиме. Од корупција, стасавме до овде каде сме. До лош и несигурен живот, а сега веќе и со продадено име и историја.

Кои се другите аспекти на кои се фокусирате а кои ќе ги понудите на вашите поддржувачи. Кои се деловите од програмата на Глас за Македонија кои големите партии ги немаат?

Ќе наведам само неколку клучни решенија, кои се неопходни за нормализација на состојбите, а кои големите партии не само што немаат храброст да ги понудат, туку од хаосот кој го произведуваат се хранат со децении. Прво, целосна департизација на сите институции од јавен интерес. Ние, наши директори нема да поставуваме. Трагично е да се слуша дека некоја власт ќе правела кадровски промени во третиот ешалон на власта, а тоа се директори на јавни претпријатија. Каков трет ешалон, какви партиски директори?! Сите граѓани, без разлика на партијата, мора да имаат ист пристап до секоја од овие функции на отворен конкурс и на основа на нивните квалификации и референци. Ова е клучната реформа: ослободување на заробените институции. Тука се крие и големата корупција и непотизмот. Ќе го збришеме овој наказен систем веднаш.

Второ, предвидуваме преточено во законски решенија, механизам на
отповикливост на функционерите. Не да чекаме на милоста на функционерот, дали ќе си даде оставка. Оној кој го избрал, ќе има право да го отповика. Подготвуваме закони за отповикување на функционери избрани по мнозински модел (претседател, градоначалници) и по пропорционален (пратеници, советници).

Трето, тргнуваме од постулатот дека политичар не е професија. Никако повеќе од два мандата за ниту еден политичар. Ние имаме професионални пратеници, без друга професија. Како деца влегле во Собрание, како пензионери ќе излезат. Потоа, еден функционер, една функција, една плата. А не како што е сега, каде повеќето се и членови на управни или надзорни одбори, исто така преплатени. Ќе го намалиме бројот на сите функционери, се разбира и привилегиите. Многу важен дел од програмата ни е економијата со силна поддршка на малите бизниси, регионалниот развој и децентрализацијата, сериозното образование, целосно реформираниот здравствен систем, земјоделието, екологијата, заштитата на националните богатства, инфраструктурата, енергетиката итн. Градиме систем, и ова не е празна фраза, каде граѓанинот конечно ќе биде во центарот на одлучувањето. Власта треба само да создава рамки за владеење на граѓанинот со системите. Власта не е таа која треба да дава или одзема права на одредени групи, туку да им овозможи реализација на
правата на групите преку правниот систем.

Бојкотирам најави формирање на политичка партија. Со оглед на
тоа што вие ја поддржавте иницијативата за бојкотирање на
референдумот, ќе ја поддржите ли и оваа нивна идеја?

Глас за Македонија беше активна членка на ова граѓанско, неформално и хоризонтално организирано движење формирано за бојкот на неуставниот референдум. Таму има многу голем и автентичен потенцијал за политичко делување. Знам дека сите сакаме политичка артикулација на ова движење. Дали тоа ќе биде преку нова партија или преку здружување на силите преку постоечките партии со граѓанските здруженија, секако ќе биде предмет на договарање. Ние сме пред се пријатели и во голем дел истомисленици.

Вашите поддржувачи очекуваа да се кандидирате за претседател
на државава и беа разочарани, дури и лути кога не ја видоа вашата
кандидатура. Зошто не влеговте во изборниот ринг? Сметавте дека
имате сериозна конкуренција од две силни партии кои не можете
да ја победите или причините се други?

Да, свесна сум за притисокот што го имав да се кандидирам на претседателските избори. И знам дека полно луѓе беа разочарани кога не го видоа моето име. За ова разговаравме во партијата. Заклучивме дека во државата има толку многу системски дефекти, што единствен предизвик би ни бил да влеземе во извршната власт, каде ќе имаме механизми за промени на состојбите. За жал, кај нас претседателот нема такви
ингеренции. Второ, самото мое учество на таквите избори ќе значеше верификација на погубните политики на големите два блока кои не само што ја дотераа државата до дното, туку во една заедничка игра на главен изведувач со под изведувач, ни го избришаа името на државата. Тој процес немаше зошто да го легитимираме. Силите ги насочуваме и ги посакуваме парламентарните избори, каде ќе има и други актери со нам слична идеологија, и навистина ќе можеме да направиме големи промени. Тоа е и
мој личен предизвик. Јас сум во основа работник, а не човек кој ужива во церемонии и протоколи.

Македонија стана Северна а вие тоа не го поддржавте. Ќе го смени
ли името и вашата партија Глас за Македонија?

За мене лично и за Глас за Македонија, никогаш нема да постои вештачки и насилно променетото име “Северна“. Ние не само што нема да го имаме “Северна“ во името на партијата, туку кога ќе дојдеме на власт, ќе работиме од првиот ден на враќање на нашето единствено име, Македонија. Уште повеќе на враќање на достоинството и идентитетот на Македонецот. Свесна сум дека тоа ќе биде долг, тежок, дури и опасен процес. Но, почетокот ќе биде на адресата на Обединетите Нации и прекршувањето на Виенската конвенција за меѓународни договори. Никако нема да влегуваме во нови
преговори со Грција. Тоа ќе биде сосема легален и легитимен процес, а соучесник ќе ни биде целиот цивилизиран свет. Впрочем, геополитиката се менува, се менуваат и играчите, се менуваат и интересите. Со договор се влегува во заедници кои и самите се менуваат, но со договор не се брише народ и национално чувство. Да не заборавиме никогаш: од корупција и незнаење на “елитите“ го изгубивме името. Привремено, како во окупација. Ние мора да ги вратиме атрибутите на суверена и унитарна држава, кои во моментов се избришани. На таквата држава, никој од надвор не и пишува историја. Јас сум научник и респектирам наука, а не политичка “историја“. Не очекува многу работа, многу знаење и дипломатско умеење.