– Друг начин да ја напишам семејната историја, освен овој кон кој прибегнав, јас немав. Го пишував романот имајќи ја во сеќавање само семејната легенда за тоа дека мојот прадедо, Андреј, потекнува од некој грчки офицер што бил сместен со својот полк во Ростов на Дон. Легендата ми ја раскажа баба ми, Варвара Андреевна, кога бев дете. Но, во рацете имав и неколку стари фотографии од оние што, за некое чудо, ги беа преживеале претресот и заплената на семејната архива во родната куќа во Новочеркаск. Морав да ја реконструирам семејната хроника, користејќи ја во целост силата на фантазијата. Романот ме обзеде како напад на лудило – вели за весникот ВЕЧЕР рускиот писател Владислав Отрошенко, чиј прв роман објавен на македонски јазик, „Додаток за фотоалбум“, во издание на „Македоника литера“, во превод на Ленче Тосева, беше промовиран неодамна пред македонската книжевна публика
„Книжевен козак и книжевен бунтовник на 21 век“, вака писателот Венко Андоновски го нарекува Владимир Отрошенко во својот предговор на македонското издание на романот „Додаток за фотоалбум“. А, кога писател „од очај поради недостиг на докази за своето козачко потекло ќе создаде дело што критиката ќе го нарече ‘најфантазмагоричната семејна хроника некогаш напишана на руски јазик’“, повеќе од јасно е со каков калибар на автор се среќаваме. Меѓу делата во книжевниот опус на Отрошенко, повеќекратно наградуван со некои од најважните книжевни признанија во Русија, се издвојуваат насловите како „Личност без кредибилитет“, „Гоголијана и други раскази“, „Додаток за фотоалбум“, „Предградијата на Вавилон“.
Што беше пресудно да го создадете романот „Додаток за фотоалбум“ за кој велите дека е своевидна фантазмагорична семејна хроника во 2007 година, приказна која реално Ве следи од Вашето раѓање?
Пресуден беше очајот. Романот изгледа многу весел, жизнерадосен, но во него постои еден трагичен момент. Јас сакав повторно да ја создадам историјата на големото козачко семејство на кое му припаѓам. Но, јас немав ништо на располагање за тоа. Целата фамилијарна архива исчезнала во времето на драматичните настани во 1962 г., кога во мојот роден град, поранешна престолнина на донските Козаци, Новочеркаск, биле стрелани во протесна демонстрација во која учествувал сиот град, студенти, работници, интелектуалци. Таму биле и моите блиски, вујко ми, татко ми. Тоа довело до претреси во домот и до одземање на сите документи, кои можеа да ми послужат за пишување на семејната хроника.
Македонското издание на романот е придружено со Вашиот предговор, кој едновремено и ја елаборира историската и личната заднина за неговото настанување, како наеднаш сè да е импрегнирано уште пред почетокот на самиот роман. Дали единствено на овој начин можевте да ја раскажете чудесно горливата приказна на козаците, на тие руски духовни побратими на самураите, викинзите, на тие степски рицари?
Друг начин да ја напишам семејната историја, освен овој кон кој прибегнав, јас немав. Го пишував романот имајќи ја во сеќавање само семејната легенда за тоа дека мојот прадедо, Андреј, потекнува од некој грчки офицер што бил сместен со својот полк во Ростов на Дон. Легендата ми ја раскажа баба ми, Варвара Андреевна, кога бев дете. Но, во рацете имав и неколку стари фотографии од оние што, за некое чудо, ги беа преживеале претресот и заплената на семејната архива во родната куќа во Новочеркаск. Морав да ја реконструирам семејната хроника, користејќи ја во целост силата на фантазијата. Романот ме обзеде како напад на лудило. Ми требаше доста време да го напишам, иако текстот е прилично краток. Ми се чинеше дека тоа е целосна импровизација. Кога започнав да работам на сценариото за овој роман, сижето на оваа семејна хроника, кое го познавам уште од детството, па затоа и воопшто не ми изгледаше како сиже, се наметна само по себе. Имено, станува збор за истата онаа семејна легенда според која прадедо ми бил зачнат како резултат на прељуба на прабаба ми Аграфена со некој Грк на минување – во романот му го дадов името Антипатрос. Но, се разбира, постоеше и вродено знаење за она што претставува козаштвото. Во него навистина постои самурајски дух. Првиот што го забележал и точно го изразил е генијалниот руски поет Велимир Хлебников. Неговите зборови ги цитирам во предговорот на македонското издание на романот.
Поради недостиг на податоци за семејната историја на козаците од кои потекнувате и со ретките зачувани фотографии го создавате „Додаток за фотоалбум“, фамилијарна хроника во „изгубено царство, кое постојано се губи“. Ако со фотографијата, тој фрагмент на замрзнат живот, почнува Вашата потрага по запреното време, кој е крајниот исход?
Отсекогаш сум сакал да доловам момент на неподвижност на времето. Во романот има многу замрзнати фрагменти од реалноста. Самата фотографија е заробен момент. Кога го пишував „Додаток за фотоалбум“, јас оформував некој вид обединет континент од расфрлани острови – фотографии, обидувајќи се во тоа замрзнато време да видам, да си замислам настани непознати за мене, кои не се замрзнати, за да го раширам магнетното поле на фотографијата низ целото време и пространство околу тој мал фрагмент од реалноста – фотографијата. Оттаму и отсуството на време, поточно негово движење. Се обидов да го избегнам забрзаниот замаглен тек на времето и во целото наративно пространство околу фотографијата. Крајниот резултат од сите тие трагања низ „запреното време“ е ист, би сакал мојата литература да ми донесе спокој, односно да ме ослободи од стравот од смртта, чувството за време и чувството за „јас“.
Во приказната базирана на семејни легенди, нараторот, низ призма на дете, ни раскажува за куќата во која живеат 13-темина чичковци со бакенбарди, од кои едниот, Семјон, е, всушност, посвојче и чудесната приказна за неговото зачнување и патот по кој (о)станал нераздвоен дел од семејството е феномен што се обидуваат да го решат бројни светски книжевни критичари. Каде се крие клучот на загатката?
Во ликот на чичко Семјон се отелотворени речиси сите мои роднини. На југот од Русија, каде што сум роден, роднинството се чувствува поинаку одошто во Москва или во Санкт Петербург, каде што по првиот братучед или братучетка, по правило започнуваат строгите семејни граници. Додека на југот, семејството е речиси неограничено. Токму таа безграничност јас ја прикажав во романот. Чувството доаѓа од детството. Јас бев опкружен со огромен број роднини, сосема неидентификувани: на едната баба, роднини на другата баба, редица тетки и чичковци по мајчинска линија, роднини на моите родени дедовци, неродни дедовци (од вторите бракови на бабите), безброј први и втори братучеди и братучетки, секакви сватови, кумови… Секој ден дознаваш дека си нечиј правнук, нечиј братучед и така натаму до бесконечност. Половина од чичковците во романот се описи на мојот татко во различните негови хипостази: од дива темпераментна и уметничка личност до тивка и внимателна. Односно од чичко Семјон, кој излева потоци од жестоки херојски зборови, до чичко Серафим, опседнат од спокојната идеја да пронајде простории во куќата во кои никој не стапнал. Мислам дека сликата на таткото има силно влијание врз секој писател или поет. Сликата на таткото е реалноста што ние полека ја ограбуваме и ја рушиме. Очите со боја на јануарски мразулци за чичко Семјон ги зедов од татко ми. Од татко ми ги зедов и бакенбардите, кои тој понатаму ги раздава на семејството на родените со бакенбарди во романот. И татко ми носеше бакенбарди, иако не толку густи како, на пример, чичко Порфириј, но многу гиздави на свој начин.
Додека низ целиот роман си поигрувате со границите на историскиот роман и тоа со помош на иронијата и на пародијата, зад епизодите исполнети со чуда и чудесии, наративната карта на романот е избоцкана со горчливи и болни прашања, особено во вториот дел посветен на симболите. Кога ќе остане човештвото без симболите во кои е содржана смислата на неговото постоење, она што е трајно во човекот, дали само смеата останува единственото оружје за да (ис)трае човек?
Јас сметам дека смеата е, можеби, единственото нешто со кое може човекот да ѝ се спротивстави на смртта. Дури и сум убеден дека ангелите на смртта, кои во различни религии и митологии имаат различни имиња, но имаат заеднички својства, се вџашуваат и се збунуваат кога ќе видат како се смее човек. Бидејќи тие гледаат човек што ѝ одолева на смртта. Животот е создаден така што секоја минута нè води кон загуби, старост и уништување. Но, човекот се смее. Понекогаш го прави тоа безвучно, без грчење на белите дробови, што е споредливо со моментите на просветлување. Понекогаш телото се смее заедно со душата. Не е важно. Јас зборувам за вишата возвишена смеа. Таа има различни манифестации, вклучувајќи ја и тагата, односно до онаа посебна состојба што во средновековна Јапонија се нарекувала „тажниот шарм на постоењето“. Таквата смеа јас ја ценам и ја барам во секоја уметност.
Чудото и очудувањето се постапки што совршено виреат на руската книжевна почва. Кои се Вашите духовни книжевни истомисленици во Вашата книжевна лектира што Ви помагаат да лебдите мајсторски над водите на гротеската, иронијата, апсурдот при соочувањето со најболните моменти од постоењето на една индивидуа, нејзините самобитност, припадност и самоидентитет?
Мој книжевен истомисленик, ако зборуваме за руските класици, е првенствено Гогољ. Јас нему му ја посветив, за мене ,многу важната книга „Гоголијана“. Исклучителна важност за мене има целото творештво на Андреј Платонов. За тој мистичен руски писател (дури би рекол врвен писател), јас напишав неколку есеи. Ако, пак ,станува збор за западната литература, тогаш Томас Вулф би го нарекол мој истомисленик. Неговиот роман „Погледни го домот свој, ангеле“ го сметам за врв на американската книжевност. А, во источноевропската литература ме фасцинираат балканските романи, а овде за свој истомисленик јас го чувствувам Венко Андоновски, во неговите книги има многу што ми е блиско и драго мене.
Секој автор во основа пишува за да биде прочитан, чуен, препознаен. Што значи творештвото за Вас? Дали со секое Ваше дело му закажувате средба на идеалниот читател?
Да се одреди за кого пишувам е прилично чудна задача. Иако во мислите сум го исцртувал својот читател. Тој е ужасно строг, не проштава ни најмала грешка и е многу критичен кон мене. И притоа пријателски ми намигнува и е во некаков таен заговор со мене. Како што вели чичко Павел од „Додаток за фотоалбум“, тоа е „братот на мојата душа“. Писателите се како оние астрономи што испраќаат сигнали во вселената до невидливите браќа по разум. Но, за разлика од астрономите, тие понекогаш добиваат повратни сигнали. Пред многу години, американскиот писател Томас Епштајн, кој го уреди преводот на мојата повест „Збогување со архиварот“ за списанието „The Literary Review“, ми раскажа како се „зачитал“ еден работник во типографијата во мојот текст. А, потоа тој работник побарал да пренесат искрени поздрави до странецот од далечната Русија. Невозможно е да се предвиди кој, како и под кои околности ќе се покаже како ваш читател.
Колку ја познавате македонската литература, постојат ли автор и дело за кои сметате дека би биле предизвик за современите руски читатели?
До денес, ќе повторам, за мене и воопшто за рускиот читател, најинтересен и најсилен автор во целата балканска и источноевропска литература е Венко Андоновски, кому жирито за наградата „Јаснаја Полјана“, чиј член сум и јас, едногласно му ја додели главната награда во номинацијата „Странска литература“ во 2023 г. Инаку, тој ја издржа конкуренцијата на најпознатите светски автори. На кратката листа за наградата се најдоа познати личности како: Арамбуру, Васкез, Галгут, Кадаре, Јуежан, Мејсон и Шлинк.
Кое друго Ваше дело би сакале македонската публика да има можност да го има во превод на македонски, како повод за следна средба?
Можеби, мојата „Гоголијана“. Таа е преведена во Франција, Италија и во САД. Во Русија штотуку излезе третото издание на оваа книга. Ќе ми биде драго доколку македонската публика се запознае со ова дело. Сигурен сум дека читателите во Македонија не се рамнодушни кон Гогољ, неговата литература е сесловенско наследство.
Козачко книжевно патешествие во Македонија
Објавата на романот „Додаток за фотоалбум“ на македонски јазик го доведе рускиот писател во Македонија, каде што имаше можност одблиску да се запознае со својот издавач, со македонската книжевна јавност и со некои веќе стекнати пријатели меѓу домашните писатели.
– Да бидам искрен, јас бев потресен од топлината и од вниманието со кои бев пречекан од македонската публика, културните и литературните дејци во Скопје и во Битола. Тие покажаа жив и искрен интерес за мене како руски писател. Тоа многу ме трогна. Македонија е прекрасна земја, а Охридското Езеро ми остави неизбришлив впечаток – навистина е „папокот на светот“, да го употребам насловот на романот на Венко Андоновски! Тука го почувствував потеклото на православната култура.
Марија САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА